209/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2005, 50/2006 и 129/2006).

2. Јовица Јовевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точка 1 од ова решение.

Со иницијативата, Законот за извршување се оспорува во целина поради тоа што во него не била предвидена двостепеност на постапките. Подносителот смета дека со Амандманот XXI од Уставот, била гарантирана двостепеноста во постапките што се водат пред орган на државната управа или организација и пред друг орган што врши јавни овластувања. Со Законот за извршување, извршителите вршат јавни овластување во рамките предвидени со Законот. Во Законот за извршување не постоеле одредби со кои се уредувало правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните акти (налози за извршување) донесени од страна на извршителот. Понатаму, подносителот на иницијативата се повикува на член 51 став 1 и член 108 од Уставот, со образложение дека поради отсуството на одредби за правото на жалба против актите донесени во прв степен, односно поради тоа што со Законот не била овозможена двостепеноста во постапката, биле исполнети условите Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за извршување. Бидејќи до донесување на одлуката по повод иницијативата, можеле да настанат несогледливи последици од натамошната примена на Законот за извршување, се предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе се запре извршувањето на Законот за извршување до донесувањето на одлука по поднесената иницијатива.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува во целина Законот за извршување од аспект дека не содржи одредба која според подносителот на иницијативата Законот требало да ја содржи.

Оттука, треба да се истакне дека според членот 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за извршување кои се предвидени и содржани во Законот, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а трабало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поаѓајќи од иницијативата со која се оспорува уставноста на Законот за извршување од аспект дека не предвидува одредби какви Законот според подносителот на иницијативата требало да ги содржи, па поради тоа тој бил спротивен на Уставот, а имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2006
20 декември 2006 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи