У.бр.115/2006

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

а) Буџетот на општина Ново Село за 2006 година, заведен под бр.07-1315/1 од 29 декември 2005 година („Службен гласник на општина Ново Село “ бр.10/2005) и

б) Одлука на Советот на општина Ново Село за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година, бр.07-1316/1 од 29 декември 2005 година, („Службен гласник на општина Ново Село“ бр.10/2005).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлука за измена на средствата на Буџетот на општина Ново Село за 2005 година, донесена од Советот на општина Ново Село, под бр.07-1314/1 од 29 декември 2005 година („Службен гласник на општина Ново Село “ бр.10/2005).

3. Тања Дедејска од Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, на седницата на Советот на општината Ново Село, одржана на 28 декември 2005 година од вкупно петнаесет членови на Советот биле присутни седум. Претседателот на Советот ја отворил седницата и констатирал дека на неа се присутни осум членови на Советот, при тоа броејќи го како член на Советот и Тони Котев кој допрва требал да биде избран како член и чиј мандат требал да се верификува на таа седница.

Оттаму, според подносителот на иницијативата Советот на општината го немал потребниот кворум за работа и Претседателот на Советот не можел да констатира со „седум гласови“ за од осум присутни, меѓу кои и Тони Котев, кој немал право на глас, дека предлогот е прифатен и дека неговиот мандат е верификуван.

Потоа во продолжение на седницата присутните седум членови и новиот член на Советот едногласно ги донеле: Одлуката за измена на средствата на Буџетот на општина Ново Село за 2005 година, Буџетот на општина Ново Село за 2006 година и Одлуката на Советот на општина Ново Село за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година.

Оттаму, сето наведено било спротивно на член 8 став 1 алиенја 3 од Уставот на Република Македонија и член 41 став 1 од Законот за локалната самоуправа, според кој Советот на општината може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.

4. Судот на седницата утврди дека општинската изборна комисија на Ново Село врз основа на член 76 став 1 од Законот за локалните избори на 11 ноември 2005 година му издала уверение на Тони Котев за член на Советот на општината Ново Село.

Според содржината на Записникот од одржаната десетта седница на Советот на општината Ново Село, заведен под деловоден бр.07-1272/1 од 11 јануари 2006 година, одржана на 28 декември 2005 година от почнала со констатација на претседателот на Советот дека на седницата се присутни осум членови на Советот. Потоа, е предложено дополнување на дневниот ред како прва точка – Верификација на мандатот на новиот член на Советот од коалицијата „За Македонија заедно“- Тони Котев. Вака проширениот дневен ред е усвоен со седум гласа „за“ од осум присутни членови на Советот.

По однос на првата точка од дневниот ред во записникот е констатирано дека претседателот на Советот ја повикал верификационата трочлена комисија да се повлече и дал 15 минути пауза за работа на комисијата. Потоа комисијата направила увид во наведеното уверение и записнички констатирала дека лицето Тони Котев е избран за член на Советот, поради што во продолжение на седницата е предложено да се верификува неговиот мандат и истиот да даде свечена изјава.

Седницата продолжила со гласање по предлогот на верификационата комисија и е констатирано дека со седум гласови „за“ од осум присутни членови таквиот предлог е прифатен, по што Тони Котев ја потпишал и прочитал свечената изјава со што станал член на Советот.

Формална одлука за верификација на мандатот на Тони Котев од страна на Советот на општината не е донесена.

Работата на Советот продолжила со расправа и одлучување по останатите точки од дневниот ред, кои се прифатени со осум гласови „за“ од осум присутни членови на Советот на кој начин се донесени оспорените:
Одлуката за измена на средствата на Буџетот на општина Ново Село за 2005 година, Буџетот на општина Ново Село за 2006 годин а и Одлуката на Советот на општина Ново Село за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година.

Оспорената одлука за измена на средствата на Буџетот на општина Ново Село за 2005 година се состои од 5 членови. Со одредбите се уредува во кои делови од Буџетот на Општината се направени промените и во кој обем. Одлуката е заведена под бр. 07-1314/1 од 29 декември 2005 година.

Со оспорениот Буџет на општина Ново Село за 2006 година, заведен под бр.07-1315/1 од 29 декември 2005 година, е утврден вкупниот Буџет на општината за 2006 година, како и приходите и расходите, според намени и програми и друго.

Оспорената одлука за извршување на буџетот на општината Ново Село за 2006 година, заведена под бр. 07-1316/1 од 29 декември 2005 година се состои од 21 член во кои се разработува начинот на извршувањето на Буџетот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 37 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија„ бр.5/2002), првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседателот на советот од претходниот состав најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите (став 1). Ако советот не се свика во рок од ставот 1 на овој член, членовите на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот во рок од десет дена по истекот на рокот од ставот 1 на овој член (став 2). Ако седницата не се одржи во рокот од ставот 2 на овој член ќе се распишат нови избори за членовите на советот на начин утврден со закон (став 3).

Според член 38 од Законот, новизбраните членови на конститутивната седница на советот даваат и потпишуваат свечена изјава, која гласи: „Јас (име и презиме) свечено изјавувам дека правата и должностите на член на советот ќе ги вршам совесно и чесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам Уставот, законот, прописите на советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на Република Македонија“.

Според член 41 од Законот, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот (став 1). Советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови, ако со закон и со статутот поинаку не е определено (став 1).

Според член 28 став 6 од Законот за локалните избори (“Службен весник на Република Македонија” бр. 46/96, 48/1996-исправка, 56/1996-исправка, 12/2003, 35/2004, 42/2004-исправка, 45/2004-пречистен текст, 52/ 2004, 60/2004 и 4/2005), листата на кандидати за советници содржи онолку кандидати колку што се избираат членови на совет, а според став 8 од истиот член од Законот, редоследот на кандидатите во листата на кандидати го утврдува подносителот на листата.

Според член 67 од Законот, изборната комисија ги пресметува вкупните резултати од гласањето во општината (став 1). Изборната комисија резултатите од гласањето ги пресметува врз основа на записниците со сумираните резултати од изби рачките одбори и целокупниот изборен материјал (став 2). Изборната комисија резултатите ги утврдува според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори (став 3). Утврдувањето на резултатите од изборите се врши со примена на Д’Хондтовата формула (став 4). При распределбата на советничките места за избрани се сметаат онолку кандидати колку што места добила листата (став 9). Од листата на кандидати за членови на советот се избрани кандидатите наведени во листата според утврдениот редослед (став 10).

Според член 68 од Законот, изборната комисија за утврдувањето на резултатите од гласањето составува записник (став1). Според став 2 алинеја 6 и 7 од истиот член од Законот, во записникот, меѓу другото се внесуваат податоци за резултатите од гласањето и тоа бројот на добиени советнички места од листата на кандидати и името и презимето на избраните кандидати.

Според член 73 од Законот, официјалните резултати од изборите кои содржат конечни податоци за вкупниот број избирачи кои гласале во општината, односно градот Скопје, бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати и бројот на освоените места што ги добила политичката партија, односно групата избирачи, утврдени според Д’Хондтовиот модел, изборните комисии ги објавуваат најдоцна во рок од три дена од конечното завршување на изборите (став 1). На избраните кандидати за членови на советот, односно на избраниот градоначалник, изборната комисија им издава ув ерение за изборот (став 3).

Според член 76 од Законот, ако на член на советот му престане или му биде одземен мандатот поради една од причините утврдени во Законот за локалната самоуправа и овој закон, тогаш член на советот за остатокот од мандатот станува наредниот кандидат од листата (став 1). Изборната комисија го известува наредниот кандидат од листата во случаите од ставот 1 на овој член, во рок од три дена по престанокот на мандатот на советникот (став 2). Кандидатот од ставот 1 на овој член е должен писмено да ја извести изборната комисија дали го прифаќа мандатот во рок од осум дена од денот на приемот на известувањето од ставот 2 на овој член (став 3). Ако кандидатот согласно со ставот 3 од овој член не го прифати мандатот, тоа право се пренесува на наредниот кандидат од листата (став 4).

6. Тргнувајќи од анализата на одредбите од Законот за локалните избори, кој бил во важност во време на донесување на оспорените акти, произлегува дека Изборната комисија ги утврдува резултатите според бројот на гласовите што ги добиле листите на кандидати за членови на советот, одделно врз основа на сумираните резултати од избирачките одбори (член 67 став 3). При тоа при распределбата на советничките места за избрани се сметаат онолку кандидати колку што места добила листата (став 9). Официјалните резултати, меѓу другото, содржат и податоци за бројот на освоените места што ги добила секоја од политичките партии (член 73 став 1), а на избраните кандидати за членови на советот, изборната комисија им изда ва уверение за изборот (став 3 од истиот член). Кога на член на советот на општината ќе му престане или ќе му биде одземен мандатот на негово место доаѓа наредниот кандидат од листата, за остатокот од мандатот, а според процедура утврдена во членот 76 од Законот.

Оттаму, мандатот на член на советот кој стапува на местото на член на советот чиј мандат престанал е во функција на остварувањето на целината на мандатот што го добиле кандидатите од една конкретна утврдена листа, што значи членот што доаѓа како замена само за остатокот на мандатот го продолжува мандатот кој веќе претходно е верификуван.

Инаку, верификацијата на новиот состав на советот на општината се врши на начин утврден во членовите 37 и 38 од Законот за локалните избори, во кои одредби не е утврден потребниот број на присуство на новоизбраните членови на советот за да конститутивната седница биде одржана. Притоа, ако овие одредби се разгледуваат заедно со членот 41 став 1 од Законот, кој го решава прашањето на потребното мнозинство на членови на советот за работа на советот, произлегува дека на конститутивната седница треба да присуствуваат мнозинството од вкупниот број членови на советот, или во овој случај од 15 членови на Советот потребно е присуство на 8 членови на Советот.

Неспорно во конретниот случај на седницата на Советот на општина Ново Село присуствувале 8 лица од кои 7 членови на Советот и осмиот, лицето Тони Котев, кој дошол на закажаната седница врз основа на издадено уверение од 11 ноември 2005 година на Општинскат а изборна комисија Ново Село дека е избран за член на Советот на општината. Во тој момент тој бил поканет и присуствувал на седницата на Советот како член на Советот, за да го продолжи остварувањето на остатокот од претходно верификуваниот мандат на целината на советничката група на која и припаѓал. Со оглед на фактот што за неговото полноправно вклучување во работата на Советот на општината недостасувал формалниот чин давање предлог од Комисијата за верификација на општината Ново Село и на давање на свечена изјава, согласно член 38 од Законот, Советот на општината правилно ценел дека тој е осмиот присутен член на Советот, но истиот нема право на глас се до давањето на свечената изјава.

Имено, според оценка на Судот, базирана на содржината на наведените законски одредби, од моментот кога наредниот кандидат од листата на членови на советот доаѓа за остатокот на мандатот на местото на член на советот чиј мандат е одземен или му престанал, па се до моментот на давањето на свечената изјава тоа лице има својство на член на Советот и може да присуствува на седниците на Советот, неговото присуство е релевантно за потребниот вкупен број за работа на Советот на општината, но заради формалниот недостаток нема право да одлучува.

Оттаму, според Судот, Советот на општината не постапил спротивно на член 41 став 1 од Законот за локалната самоуправа кога констатирал дека на седницата на советот одржана на 28 декември 2005 година го има потребниот кворум од осум членови на Советот за работа на закажаната седн ица, броејќи го како присутен и лицето Тони Котев. Потоа пристапил кон гласање по предлогот на Комисијата за верификација и со седум гласа „за“ констатирал дека истиот може да ја даде свечената изјава, Притоа според член 41 став 2 од Законот за локалната самоуправа на Советот на општината Ново Село за одлучување му биле потребни 6 гласови „за“ од присутните членови.

Со оглед на околноста што Судот утврди дека Советот на општината Ново Село не направил повреда на членот 41 став 1 од Законот за локалната самоправа кога како присутен на почетокот на седницата на Советот, без право на глас го броел и лицето Тони Котев и правилно сметал дека има кворум за работа, произлегува дека наведената одредба од Законот не е повредена и при донесувањето на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година и Одлука на Советот на општина Ново Село за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година.
Врз основа на изнесеното пред Судот не се постави прашањето за повреда на членот 41 од Законот за локалната самоуправа ниту по однос на постапката за верификација на мандатот на лицето Тони Котев, ни по однос на согласноста на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година и Одлука на Советот на општина Ново Село за извршување на Буџетот на општина Ново Село за 2006 година. Од истите причини не може да се постави и прашањето за согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај во поднесената иницијатива се оспорува уставноста и законитоста и на Одлука за измена на средствата на Буџетот на општина Ново Село за 2005 година. По однос на оваа оспорена одлука Судот утврди дека неможе да се впушти во оценување на уставноста и законитоста на постапката за нејзиното донесување од причина што истата е акт со времен карактер кој престанал да важи со истекот на 2005 година и како таква не била дел од правниот поредок, како во време на поднесувањето на иницијативата така и во време на одлучувањето на Судот.

Оттаму, по однос на оваа оспорена одлука, Судот оцени се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 115/2006
20 декември 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи