166/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ деловите кои гласат „и висината на надоместокот за добивање на лиценцата“, во насловот и членот 1, како и членот 6 од Правилникот за начинот за издавање, продолжување и одземање на лиценца А за изведувач на градби од прва и втора категорија и лиценца Б за изведувач на градби од трета, четврта и петта категорија на градби, минималниот број на стручни лица и работници и нивната стручна подготовка за раководење и извршување на работи и техничка и друга опременост за работи кои ги врши изведувачот, формата и содржината на образецот на лиценцата, формата, содржината и начинот на водење на регистарот и висината на надоместокот за добивање на лиценцата („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2006), донесен од министерот за транспорт и врски на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.166/2006 од 18 октомври 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Законот за градење.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен од министерот за транспорт и врски, врз основа на членот 22 став 4 и 7 од Законот за градење.

Во членот 1 од овој Правилник е утврдено дека со него се пропишува начинот за издавање, продолжување и одземање на лиценца А за изведувач на градби од прва и втора категорија и лиценца Б за изведувач на градби од трета, четврта и петта категорија на градби, минималниот број на стручни лица и работници и нивната стручна подготовка за раководење и извршување на работи и техничка и друга опременост за работи кои ги врши изведувачот, формата и содржината на образецот на лиценцата, формата, содржината и начинот на водење на регистарот и висината на надоместокот за добивање на лиценцата.

Со останатите одредби од Правилникот, освен членот 6, се уредуваат прашањата за кои е донесен Правилникот.

Висината на надоместокот за добивање на лиценца е уредена со членот 6 од овој Правилник и е определено дека за издавање на лиценца А се плаќа надоместок во висина од 10.000 денари, а за издавање на лиценца Б се плаќа надоместок во висина од 5.000 денари. Надоместокот е предвидено да се плаќа на сметка на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостјно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни пред Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за изршување на законски и други прописи кога за тоа е овластен со закон.

Според членот 56 став 1 од Законот, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување.

Според Судот имајќи го предвид наведеното произлегува дека органите на државната управа имаат уставно овластување да донесуваат подзаконски акти во функција на извршување на законите, особено кога законодавецот препуштил операционализацијата на законските одредби да се уреди со акт на министерот, поаѓајќи од местото и улогата на органите на државната управа во системот на организацијата на власта.

Меѓутоа, со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорениот Правилник е донесен врз основа на одредба од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) која не е во правниот поредок, Судот утврди дека оспорениот Правилник нема законски основ за уредување на дел од прашањата кои се нејзин предмет.

Имено, со Одлука У.бр.155/2005 од 22 март 2006 година Уставниот суд на Република Македонија го укинал членот 22 став 4 од Законот за градење, во делот кој се однесувал дека висината на надоместокот ја утврдува министерот, од причини што Законот не содржел критериуми врз основа на кои надлежниот министер би ја определувал висината на надоместокот за лиценците А и Б кои се однесувале на градењето.

Со оглед на тоа, во однос на насловот и членот 1 од Правилникот, во деловите кои гласат: „и висината на надоместокот за добивање на лиценцата“ и во однос на членот 6, Судот утврди дека не се во согласност со наведените уставни одредби и со Законот за градење.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски, кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.166/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

Го заменува претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски