Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
а) Член 146 став 1 во целина и посебно на алинеја 3 од истиот член, како и на членот 147 став 2 во делот: „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 100/2005), и
б) Член 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006 и 129/2006).
2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 147 став 2 во делот: „кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување“ и на член 148 од Законот означен во точката 1 под а) од ова решение, како и за оценување на законитоста на решенијата издадени врз основа на Законот.
3. Владимир Стефановски од Скопје, Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола и Мирјана Димитровска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение, како и за оценување на законитоста на решенијата означени во точката 1 под б), исто така, од ова решение.
Во иницијативата поднесена од Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола се оспорува уставноста на членот 146 став 1 алинеја 3 и на членот 147 став 2 од Законот, во означениот дел.
Според наводите во оваа иницијатива со оспорениот член 146 став 1 алинеја 3 од Законот, вработените лица биле ставени во нерамноправна положба спрема сите останати лица, затоа што тие, покрај радиодифузната такса од истиот член алинеја 1, како припадници на едно семејно домаќинство, имале обврска да плаќаат и плус 1/20 од неа. Освен тоа, оваа оспорена одредба била и недефинирана, затоа што докрај не го определувала начинот, ниту критериумите и роковите на утврдување на бројот на вработените лица во едно правно лице, при ситуација кога работниот однос, согласно член 46 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), можел да се склучи со договор за вработување на определено време за помалку од една година, потоа за извршување на сезонска работа до 3 месеци, за вработување со скратено работно време или за вршење работа дома.
Од тие причини, а со оглед на тоа што обврската за плаќање на радиодифузната такса била годишна, а бројот на вработените во правното лице во текот на годината согласно Законот за работните односи можел да биде променлив, според наводите во оваа иницијативата, со оспорената одредба на членот 146 став 1 алинјеа 3 од Законот се создавала правна несигурност кај правните лица, поради што се повредувал принципот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во врска со членот 147 став 2 од Законот, во оваа иницијатива, најпрво се наведува дека утврдувањето на радиодифузната такса во годишен износ бил предолг период, во кој можело да настане престанување на обврската за плаќање на оваа такса од објективни околности, како што е повеќемесечно лекување во установа или патување во странство, во кој период обврзникот не ја користи услугата и не се остварувале целите од член 2 и 3 од Законот. Понатаму се наведува дека членот 147 став 2 од Законот не содржел одредба за жалба против решението на Македонска радиотелевизија (МРТ) за утврдување, односно плаќање на радиодифузната такса, кое имало карактер на извршна исправа. Имено, со оглед на тоа што ова решение со неговото донесување, односно прием веднаш станувало конечно и извршно, член 147 став 2 од Законот не бил во согласност со Амандман XXI од Уставот кој го гарантирал правото на жалба против акти на органи што вршат јавни овластувања, каква што е МРТ. Во оваа иницијатива се наведува и тоа дека поимот „решение кое има карактер на извршна исправа согласно Законот за извршување“, употребен во оспорениот член 147 став 2 од Законот, не бил јасен, доколку се имале предвид одредбите на член 14 став 2 од Законот за извршување или член 12 став 2 од Законот за извршната постапка.
Поради наведеното, во оваа иницијатива се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 алинеја 3 и член 147 став 2 од Законот, а потоа истите да ги поништи. Исто така се предлага, до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на сите поединечни акти донесени врз основа на оспорените законски одредби.
Во иницијативата поднесена од Мирјана Димитровска од Скопје се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на член 146, 147 и 148 од Законот.
Членот 146 од Законот се оспорува, затоа што според него едно исто лице кое е основач на правно лице се задолжувало да плаќа такса и тоа еднаш како физичко лице, а втор пат како правно лице, што значело дека оваа такса се наплаќа два пати од истото лице. Ова не било во согласност со основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени во глава II од Уставот, меѓу кои во основните економски права била утврдена и обврската дека секој е должен да плаќа данок и други давачки, но не било предвидено иста јавна давачка да се плаќа два пати, како што произлегувало од членот 146 или поконкретно од ставот 1 на овој член од Законот.
Понатаму, подносителката на оваа иницијатива го поставува и прашањето дали во услови кога согласно Уставот граѓаните имаат право на слободен пристап кон информациите и слобода на примање и пренесување на информации и кога имаат можности на избор за следење на други ТВ програми, е оправдано да се плаќа радиодифузна такса за нешто што не следи.
Со оглед на тоа што Државниот завод за статистика нето платата по работник ја утврдувал секој месец и таа варирала од месец до месец, а согласно член 148 од Законот основа за утврдување на висината на радиодифузната такса била просечната исплатена нето плата по работник во Република Македонија за последните три месеци, според податоците објавени од Државниот завод за статистика, според подносителката на оваа иницијатива, решенијата за наплата на радиодфузната такса требало да се доставуват тромесечно, а не месечно. Бидејќи издадените решенија не биле засновани на членот 148 од Законот, таа, исто така, предлага Судот да ги укине и овие решенија.
Во иницијативата поднесена од Владимир Стефановски од Скопје се оспорува уставноста на член 147 од Законот за радиодифузната дејност и уставноста на членот 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување.
Според наводите во оваа иницијатива оспорениот член 147 од Законот за радиодифузната дејност бил спротивен со член 15, член 50 став 2 и член 51 од Уставот, затоа што со него не се гарантирало правото на жалба и судска заштита. Од друга страна, во Законот никаде не било утврдено дека ЈП „Македонска радиотелевизија“, е институција која врши јавни овластувања (како што бара Уставот), за да носи било какви решенија, со кои ќе се задолжуваат граѓаните со одредена давачка.
Во однос на оспорениот член 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување, се наведува дека со предвидувањето во оваа одредба како извршна исправа да се смета и „друга исправа, која како извршна исправа е предвидена со закон“, законодавецот излегол надвор од уставните рамки и се отварала можност за правна несигурност на граѓаните, затоа што разни акти, донесени од неовластени институции, можеле да добијат сила на извршна исправа.
4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 146 став 1 од Законот за радиодифузната дејност, радиодифузна такса плаќа:
– секое семејно домаќинство во Република Македонија;
– хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби;
– правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса (посебно оспорена алинеја)
– и сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.
Според член 147 став 2 од овој закон, МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодифузна такса донесува решение кое има каркатер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. (оспорен дел) Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15-ти во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон“.
Во оспорениот член 148 од истиот закон е утврдено дека радиодифузната такса се плаќа секој месец во висина од 2,5% од просечната исплатена нето плата по работник во Република Македонија за последните три месеца според податоците објавени од Државниот завод за статистика.
Корисниците кои поседуваат само радио приемник плаќаат една третина од утврдениот износ на радиодифузната такса од ставот 1 на овој член“.
Според оспорениот член 12 став 1 точка 4) од Законот за извршување, извршни исправи се и „друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон“.
Со поединечните решенија се врши конкретно задолжување на обврзниците на радиодифузната такса.
Судот на седницата, исто така, утврди дека со Решение У.бр.172/2006 од 15 ноември 2006 година не повел постапка за оценување на уставноста на неколку членови од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005) меѓу кои и на членот 147 став 2 во делот „кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување“.
Според наводите во иницијативата по која е одлучувано со означеното решение, со оспорениот дел од членот 147 став 2 од Законот за радиодифузната дејност, се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и ставот 2 од Амандманот XXI на Уставот на Република Македонија, бидејќи со истиот не се предвидувало правото на жалба или друг вид на правна заштита против првостепеното решение кое го донесува МРТ, туку автоматски и веднаш било определено ова решение да има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување.
Во образложението на ова решение Судот изразил став дека јавната давачка е уставна категорија, која секој е должен да ја плаќа и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Во однос на законската одредба според која решението за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса донесено од МРТ има карактер на извршна исправа, Судот изразил став дека не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, односно со ставот 2 на Амандман XXI на Уставот на Република Македонија, затоа што правото на жалба, односно на правна заштита против поединечните акти донесени во прв степен не се гарантира, како што е случај со судските одлуки туку се остава тоа да се уреди со закон. Имено, според Судот, со оспорениот дел од членот 147 став 2 од Законот за радиодифузната дејност, не се повредува ставот 2 на Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со истата се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија“.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според Амандман XXI од Уставот, со кој е заменет член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапката во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овалстувања се уредува со закон.
Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Во член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 1 од Законот за радиодифузната дејност, со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата.
Согласно член 115 од Законот, функциите на радиодифузен сервис на Република Македонија, ги врши Македонската радиотелевизија, чиј скратен назив е МРТ. Освен од други извори, според член 116 став 1 од Законот МРТ се финансира и од радиодифузната такса.
Според членот 145 став 2 од Законот, радиодифузната такса е јавна давачка.
Во оспорениот став 1 на член 146 од Законот се утврдуваат обврзниците кои се должни да ја плаќаат радиодифузната такса, а тоа се: секое семејно домаќинство, хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби, потоа правните лица и сопственици на деловен простор, по една радиодфузна такса на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор и сопствениците на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник по една радиодифузна такса.
Според ставот 1 на член 147 од Законот, работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузната такса, ги врши МРТ.
Според член 148 став 1 од Законот, радиодифузната такса се плаќа секој месец во висина од 2,5% од просечната исплатена нето плата по работник во Република Македонија за последните три месеци според податоците објавени од Државниот завод за статистика. Според став 2 од овој член на Законот, корисниците кои поседуваат само радио приемник плаќаат 1/3 од утврдениот износ на радиодифузната такса од ставот 1 на овој член.
Тргнувајќи од тоа дека во наведените законски одредби радиодифузната такса е утврдена како јавна давачка, која е уставна категорија, а истовремено се утврдени и обврзниците, основицата, висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка, Судот оцени дека овие законски одредби се во согланост со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон.
Притоа, во врска со наводите во иницијатвите дека член 146 став 1 во целина и посебно алинеја 3 од Законот не се во согласност со член 9 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што според нив радиодифузната такса граѓаните двапати ја плаќале и тоа прво, како физички лица (според член 146 став 1 алинеја 1 од Законот) и второ, како правни лица или сопственици на деловен простор, (според алинеја 3 на став 1 од овој член од Законот), во случај кога едно исто физичко лице е основач на правно лице, Судот утврди дека се неосновани со оглед на тоа што статусот на граѓаните – физички лица и на правните лица е различен и тие во однос на правата, обврските и должностите не може да се изедначуваат, односно во тој поглед не може да се стави знак на еднаквост меѓу овие две категории на субјекти на правото.
Од друга страна, со оглед на тоа што членот 9 од Уставот се однесува за еднаквоста само на граѓаните, а не и за правните лица, според Судот ваквите и слични наводи во иницијтивите, не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во согласноста на член 146 став 1 во целина, ниту на алинејата 3 од овој член на Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот, во однос на кои се оспорува нивната уставност.
Исто така, не може да се изрази сомневање во уставноста на член 146 став 1 од Законот ниту поради наводите дека во оваа оспорена одредба не се предвидувал начинот, условите, роковите и постапката за утврдување и промената на бројот на вработените во правните лица и слично. Ова од причина што водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузната такса согласно член 147 став 1 од Законот го врши Македонската радиотелевизија. Водењето, пак, на овој регистар всушност ги опфаќа сите работи за определување, односно утврдување на обврзникот за плаќање на таксата и претставува технички услов за нејзиното плаќање.
Имајќи предвид дека во иницијативата поднесена од Елизабета Оцевиќ-Мандева членот 147 став 2 од Законот посебно се проблематизира во делот кој се однесува за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса, кој период според наводите во оваа иницијатива бил предолг, Судот утврди дека делот од членот 147 став 2 од Законот кој гласи: „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ доколку се разгледува во целината на овој став на член 147 од Законот, произлегува дека тешко може да се стави приговор во однос на јасноста, прецизноста и применливоста на овој дел од одредбата.
Доколку, пак, овој дел од членот 147 став 2 од Законот се разгледува во корелација со одредбите на членот 148 став 1 и на членот 146 став 1 алинеја 3 од Законот, (во однос на кој се наведува дека не е утврдено на кој начин и во каква постапка ќе се утврдува бројот на вработените во правните лица и дека тој број во текот на годината е променлив), тогаш произлегува дека овој дел на членот 147 став 2 од Законот може да создаде определени потешкотии во неговата примена, што во основа е фактичко прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Меѓутоа, со оглед на тоа што во иницијативата поднесена од Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола овој дел на член 147 став 2 од Законот не се наведува во релација со членот 148 став 1 од Законот, туку дека обврската за плаќање на радиодифузната такса настанувала независно дали се користи или не услугата, при што не бил запазен принципот на еквивалентност во давањето што важел за облигационо правните односи и за другите јавни давачки, Судот утврди дека радиодифузната такса всушност е јавно правен, а не облигационо правен однос и дека поради ваквите наводи не може да се изрази сомневање во согласноста на членот 147 став 2 од Законот во делот „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Што се однесува до наводите во иницијативите со кои се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на оспоренииот дел на член 147 став 2 од Законот, меѓу другото, и од причините по кои Судот веќе расправал и со Решение У.бр.172/2006 од 15 ноември 2006 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на овој став на член 147 во делот „кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување“, а не наоѓајќи основа за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, Судот одлучи овие иницијативи во тој дел да ги отфрли. Ова и од причина што, според Судот, согласноста на овој дел на член 147 став 2 од Законот со Уставот не може да се проблематизира, ниту од аспект на наводите во иницијативите поднесени од Владимир Стефановски од Скопје и Елизабета Оцевиќ-Мандева од Битола дека овој член во наведениот дел не бил во согласност со Уставот не само затоа што не се предвидувало право на жалба, туку не се предвудувала ни судска заштита против решението од овој член, а исто така никаде во Законот не се споменувало дека МРТ има јавни овластувања за да можела да донесува решенија за задолжување на граѓаните со јавни давачки, односно во конкретниот случај за плаќање на радиодифузната такса.
Имено, според Судот овие наводи се неосновани, затоа што согласно Уставот, законодавецот има право со закон на одредени органи, организации или институции да им пренесува вршење на јавни овластувања (тоа посредно произлегува од Амандман XXI на Уставот, потоа од член 50 став 2 и член 77 став 2, односно од точката 2 на Амандман XI на Уставот, со која се дополнува ставот 2 на член 77 од Уставот), каков што карактер има всушност и овластувањето од членот 147 став 2 од Законот, МРТ да донесува решенија за утврдување на радиодифузна такса со кои обврзниците се задолжуваат со плаќање на оваа јавна давачка.
Исто така, со оглед на тоа што судската заштита на законитоста на поединечните акти, како на државната управа, така и на другите институции, односно организации што вршат јавни овластувања, (која заштита во член 50 став 2 од Уставот подеднакво се гарантира и на актите на овие институции, односно организации) се остварува под услови и во постапка утврдени во Законот за управните спорови, Судот оцени дека отсуството на одредба за судска заштита на решението од членот 147 став 2 од Законот не го прави овој член, а и другите членови од Законот, спротивни со Уставот.
Во однос на наводите во иницијативата поднесена од Мирјана Димитрова од Скопје со која се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и на член 148 од Законот, Судот одлучи во овој дел оваа иницијатива да ја отфрли, затоа што тој фактички се оспорува не од аспект на неговата содржина, туку поради начинот на утврдувањето на висината на радиодифузната такса од 330,00 денари утврдена во решенијата издадени од МРТ, кое прашање, пак, е од фактичка природа и навлегува во сферата на примената на овој член од Законот, за кое Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.
Тргнувајќи од тоа дека со оваа иницијатива се бара Судот да ја оцени законитоста на сите поединечни решенија доставени до граѓаните на Република Македонија за плаќање на радиодифузната такса, затоа што тие не биле засновани на одредбата од членот 148 од Законот, Судот одлучи оваа иницијатива и во овој дел да ја отфрли, од причини што наведените решенија се поединечни акти, а не се прописи во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот и Судот не е надлежен да ја оценува нивната законитост, односно согласност со означениот член од Законот.
6. Во однос на прашањето, пак, дали законодавецот со оспорената одредба на членот 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување излегол надвор од рамките на Уставот, како што се наведува во иницијативата поднесена од Владимир Стефановски од Скопје, Судот утврди дека согласно Уставот законодавецот има право со Законот за извршување, покрај другите работи, да утврди и кои одлуки или други акти се извршни исправи, што според членот 2 став 1 од Законот претставуваат и основа за извршување. Во таа смисла, во членот 12 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот, законодавецот таксативно ги утврдил извршните исправи, со тоа што во оспорената точка 4 на ставот 1 на овој член од Законот предвидел и други исправи да се сметаат како извршни доколку со друг закон се утврдени како такви. Ова, според мислењето на Судот не значи дека со оспорената законска одредба се овозможува разни акти донесени од неовластени институции да добијат сила на извршна исправа и со тоа да се создава правна несигурност на граѓаните, како што смета овој подносител, туку напротив, оваа одредба е во функција да се спречи и оневозможи токму тоа.
Оттука, Судот утврди дека причините поради кои се оспорува уставноста на одредбата на член 12 став 1 точка 4 од Законот за извршување се неосновани и затоа не го постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.153/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски