Вовед
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВААТ
а) Одлуката за пренесување на надлежност, бр.07-3662/8 од 11 ноември 2005 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.14/2005) и
б) Одлуката за утврдување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, бр.07-3662/9 од 11 ноемврии 2005 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.14/2005).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Јонче Цветковски од Скопје, со Решение У.бр.132/2006 од 8 ноември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука. Со ова решение истовремено се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на овие одлуки.
5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука означена во точката 1 под а) од оваа одлука, Советот на општината Карпош пренесува надлежност на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања на Советот на општината Карпош, да донесува Одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општината Карпош за секој месец посебно.
Оваа одлука според членот 2 влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на град Скопје“.
Во однос на содржината на оспорената одлука означена во точката 1 под б) од оваа одлука, Судот утврди дека таа има вкупно пет члена од кои во членот 1 се утврдува дека на членовите на Советот на општината Карпош, определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје се утврдува надоместок во износ од 1.500,00 денари.
Според член 2 од Одлуката, надоместокот утврден во член 1 од оваа Одлука се исплатува посебно за секој ден, без оглед на бројот на скучените бракови во тој ден, кога определените членови на Советот биле ангажирани за склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје.
Според член 3 од Одлуката, надоместокот утврден во оваа одлука се исплатува од Буџетот на општината Карпош, врз основа на потврда за присуство при склучување на брак, издадена од Матичната служба на град Скопје.
Во член 4 од Одлуката се утврдува дека со донесувањето на оваа одлука престануваат да важат член 3 и 4 од Одлуката за определување надоместок на членовите на Советот на општината Карпош за вршење на задачите што им ги доверил Советот („Службен гласник на град Скопје“ бр.4/1997, 11/1999 и 7/2002), а додека во член 5 се утврдува дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Согласно член 32 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. Согласно став 2 на истиот член, за разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии. Согласно став 3 на истиот член, составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот 2 се уредуваат со статутот.
Со член 36 од истиот закон се утврдува надлежноста на советот на општината, при што во став 1 точка 1 се утврдува дека во надлежност на советот на општината е да го донесува статутот на општината и другите прописи.
Од наведените законски одредби произлегува дека советот на општината, како претставнички орган на граѓаните, може за разгледување на прашања и за утврдување на предлози од одредена област од својот состав да формира постојани и повремени комисии. Меѓутоа, законодавецот јасно определил дека статутот на општината и другите прописи ги донесува советот на општината, од што несомнено произлегува дека постојаните и повремените комисии, како работни тела на советот немаат ингеренции да одлучуваат за донесување на општи акти, односно прописи со кои се уредуваат прашања од надлежност на општината.
Оттука, имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорената Одлука за пренесување на надлежноста, со која Советот на општина Карпош и пренесува на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања да донесува одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општината Карпош за секој месец посебно, Судот утврди дека оваа одлука не е во согласност со членот 32 од Законот за локалната самоуправа, а особено со ставот 2 на овој член од Законот, во кој јасно и децидно е утврдено дека постојаните и повремените комисии советот на општината може да ги формира само за разгледување на прашања и утврдување на предлози од одредена област, а не и за донесување на прописи.
Имајќи предвид дека според член 2 од оваа одлука, таа влегува во сила со денот на донесувањето, а не по нејзиното објавување, Судот по сопствена иницијатива оцени дека оваа одлука не е во согласност и со член 52 став 1 од Уставот.
При оценувањето на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за утврдување надоместок на членовите на Советот на општина Карпош, определени за учество при склучување на бракови во Матичната служба на град Скопје, Судот ги имаше предвид членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, во однос на кои се оспорува нејзината законитост.
Според член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Согласно член 100 од Законот, кој се наоѓа во Глава XV Преодни и завршни одредби, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Од содржината на наведените членови од Законот за локалната самоуправа произлегува дека законодавецот утврдил членовите на советот да имаат право на надоместок за присуство на седници на советот најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, како и право на надомест на патни и дневни трошоци кои ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници. Овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на советот, како што е надоместок за присуство на седници и учество во работа на работните тела на советот, за непосредно следење на одредени прашања од надлежност на советот, за учество во изготвување и проучување на материјали за советот, или пак, за вршење на други задачи кои ќе ги определи советот, како што е и учеството, односно ангажираноста на членовите на советот во деновите кога се склучуваат бракови.
Оттаму, со оглед на тоа што Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на посебен надоместок за нивното учество при склучување на бракови, какво што право е определено во Одлуката означена во точката 1 под б) од оваа одлука, Судот оцени дека таа одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот со наведените законски одредби.
7. Со оглед на тоа што оваа одлука е конечна, Судот утврди дека се исполнети условите решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземани врз основа на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука да го стави вон сила.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски кој го заменува претседателот на Судот и судиите Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.132/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
лк
Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски