149/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работните тела, донесена од Советот на општина Аеродром под број 07-3588/4 од 1 август 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.10/2006).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.149/2006 од 15 ноември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија, како и со член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.

5. Судот на седницата утврди дека, пред донесување на оспорената одлука, Советот на општина Аеродром на 19 јули 2006 година донел Одлука за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за с едници на работните тела, со содржина како оспорената одлука.

Градоначалникот на општината, со Решение 08-3487/1 од 24 јули 2006 година го запрел објавувањето на вака донесената одлука, бидејќи сметал дека истата не е во согласност со Уставот и одредбите од Законот за локалната самоуправа.

Решението е објавено во Службен гласник на општина Аеродром бр.9/2006.

Потоа, Советот на општина Аеродром врз основа на член 43 став 1, член 45 и член 100 од Законот за локалната самоуправа и член, 34, член 36, член 46 од Статутот на општина Аеродром на XXXVII-та седница одржана на 31 јули 2006 година донел Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром за седници на работните тела.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот на општината Аеродром им се утвдрува надоместок за работа на седница на работните тела во износ од 20% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, без оглед на одржани седници за секоја седница пооделно.

Во член 2 од Одлуката е определено дека на членовите на Советот им се утврдува надоместок за дневни трошоци во износ од 800 денари без оглед на бројот на одржани седници, за секоја комисија пооделно.

Во член 3 од Одлуката е определено дека истата стапува во сила со денот на донесувањето (31 јули 2006 година), а ќе се применува од 1 јули 2006 година и ќе се објави во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

Одлуката е објавена во наведеното гласило под б рој 10 од 1 август 2006 година.

По донесување на наведената одлука градоначалникот на Општината на 9 август 2006 година, по пошта, поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на нејзината уставност и законитост.

Со писмо бр.08-4000/1 од 21 август 2006 година, градоначалникот на општината Аеродром, меѓу другото го известил Министерството за локална самоуправа за поднесената иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука.

Судот, исто така, утврди дека Советот на општина Аеродром на 49-та седница одржана на 6 декември 2006 година ја укинал оспорената одлука.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надо местоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.

Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 52 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/ 2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004 и 81/2005) државните службеници имаат право, покрај другото и на надоместоци за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство, како и трошоци за превоз до и од работа (над 2,5 км.).

Висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за ивршување на Буџетот на Република Македонија, со Одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје. Владата на Република Македонија поблиску ја утврдува постапката и начинот на распоредување на надоместоците.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил, туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година утврдена е висината на патните и дневните трошоци на државните службеници, како и трошоци за превоз до и од работа, под услов ако местото на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорената Одлука и посебно членовите 1 и 2, без притоа да се имаат предвид наведените законски одредби, според Судот истите не се во согласност со одредбите од наведените закони. Ова од причина што во цитираните законски одредби се предвидува надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, како и надоместок за дневни трошоци врз основа на прописите кои се однесуваат на државните службеници, но не се предвидува надоместок за работа на седница на работни тела без оглед на одржани седници, за секоја седница пооделно, односно не се предвидува фиксен износ на надоместокот за дневни трошоци, без оглед на одржана седница за секоја комисија пооделно како што предвидуваат членовите 1 и 2 од оспорената Одлука.

Од друга страна, пак, имајќи ја предвид содржината на чл енот 3 од Одлуката според која таа влегува во сила со денот на донесувањето (31 јули 2006 година), а ќе се применува од 1 јули 2006 година, Судот оцени дека истата има повратно дејство во нејзината примена, поради што Одлуката не е во согласност со член 52 став 1 и 4 од Уставот.

При одлучувањето, Судот ја имаше предвид околноста дека Советот на општина Аеродром ја укинал оспорената одлука, но оцени дека таа околност не е од влијание за поинакво одлучување во овој случај.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски, кој го заменува претседателот на Судот, и судиите: Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.149/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
мл/ла

Го заменува
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски