У.бр.199/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 31 став 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004 и 28/2006).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 31 став 2 од наведениот закон.

3. Крсте Белевски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 31 од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија, слободата на пазарот и претприемништвото, како и со членот 55 од Уставот на Република Македонија, според кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со забраната која е пропишана со членот 31 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, за користење на вода од други извори, освен од водоснабдителен систем со кој управува давателот на услугата (се мисли на јавното комунално водоснабидтелно претпријатие), субјектите кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и појалоци, а кои се лоцирани на простори опфатени со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје биле доведени во нерамноправна положба во однос на оние субјекти кои вршат таква дејност, а се лоцирани надвор од просториите опфатени со урбанистичките планови на општините и градот Скопје. Со овие планови можело да се предвидуваат и да се изведуваат градби и на објекти – капацитети за производство и преработка на прехранбени производи и пијалоци, а за нив не важела забраната за користење на вода од друг извор освен од водоснабдителниот систем со кој управува јавното комунално претпријатие.

Доколку законодавецот сметал дека ограничувањето од член 31 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води го налага заради заштита на здравјето на луѓето, согласно став 3 на членот 55 од Уставот на Република Македонија, подносителот на иницијативата смета дека не е во право од причини што со законите и подзаконските акти од областа на санитарно-здравствената област сите субјекти кои произведуваат прехрамбени производи биле должни да преземаат минимум санитарно-хигиенски мерки заради квалитетно производство на храна и заштита на здравјето на луѓето. Овие мерки се однесувале како за субјектите кои производството на прехранбени производи и пијалоци го вршеле во објектите лоцирани на просториите опфатени со урбанистички план на општините и градот Скопје, така и во села и надвор од населените места, а во услови на развој на слободниот пазар и претприемништвото, се поголем бил бројот на објекти од ваков вид кои се граделе токму надвор од населените места.

Поради изнесеното подносителот на иницијативата бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе посктапка за оценување на уставноста на член 31 од наведениот закон.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 31 став 1 од Законот, физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, во реоните каде што постои можност за користење на вода од водоснабдителен систем, должни се да се приклучат и да ја користат водата од водоснабдителниот систем со кој управува давателот на услугата.

Според оспорениот став 2 на членот 31 од Законот, се забранува користењето на вода спротивно на ставот (1) од овој член.

Судот, исто така, утврди дека со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2006) оспорениот став 2 на членот 31 од Законот е бришан.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Со Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1998, 19/2000 и 42/2005), водата е определена како добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон.

Со членот 3 од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) снабдувањето со вода за пиење, обработка и испорака на технолошка вода, како и одведување и испуштање на атмосферски води се дефинирани како комунални дејности од јавен интерес.

Во членот 6 од овој Закон е утврдено дека посебните услови и начинот на вршење на комуналните дејности се уредуваат со закон.

Надлежностите на единиците на локалната самоуправа се утврдени во Законот за локалната самоуправа, („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).

Имено, според членот 22 став 1 точка 4 од овој закон, општините се надлежни за вршење на комуналните дејности, меѓу кои и за снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и пречистување на отпадните води и одведување на третманот на атмосферските води. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, општините овие дејности ги вршат согласно со стандардите и постапките утврдени со закон.

Со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода за пиење, прекинување на снабдувањето со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води во реципиентот преку водоснабдителниот и канализациониот ситем изградбата, одржувањето, заштитата и приклучувањето на водоснабдителни и канализациони системи, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, како и надзор над спроведувањето на овој закон (член 1).

Во членот 23 од Законот, заради заштита и спречување на оштетување на водоснабдителен и канализационен ситем се забранува, меѓу другото и приклучување на водоводна и канализациона мрежа без одобрение за приклучување, како и приклучување на водоснабдителен и каналиазационен ситем на објектите кои немаат одобрение за градење.

Овие наведени дејствија, како и други предвидени во членот 23 од Законот, според член 44 од Законот се санкционираат, односно се утврдени како прекршок за кои е определена и соодветна казна.

Во Глава IV од Законот, а во рамките на уредувањето на условите и начинот на приклучување на водоснабидтелен и канализационен систем законодавецот во членот 26 став 1 утврдува дека водоводната односно канализационата мрежа на корисникот на услугата се приклучува со уличната водоводна, односно канализациона мрежа на водоводниот, односно канализационен приклучок на начин што го пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.

Согласно ставот 2 на овој член од Законот, во случај на реконструкција на уличната канализациона мрежа трошоците за повторно приклучување паѓаат на товар на инвеститорот.

Според ставот 3 на членот 26 од Законот, секој сопственик на изграден или делумно изграден објект должен е да ја спои својата куќна канализација со уличната канализација истовремено кога уличната канализација ќе биде изградена пред неговиот објект.

Според оспорениот член 31 став 1 од Законот, физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, во реоните каде што постои можност за користење на вода од водоснабдителен ситем, должни се да се приклучат и да ја користат водата од водоснабдителниот ситем со кој управува давателот на услугата.

Со иницијативата се оспорува и ставот 2 на членот 31 од Законот кој предвидел дека се забранува користењето на вода спротивно на ставот 1 од овој член.

Меѓутоа, во меѓувреме по поднесувањето на иницијативата (26 октомври 2005 година) со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2006) оспорениот став 2 на членот 31 од Законот е бришан.

Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот во контекст на наводите во иницијативата, а имајќи го предвид и фактот дека ставот 2 на оспорениот член 31 од Законот со измените на Законот во 2006 година е бришан, произлегува дека законодавецот сепак го бришел ставот 2 од причина што оценил дека на правните и физичките лица кои што произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалаци во одредени периоди можат да се доведат во ситуација да немаат вода во случаите кога ќе настане прекин од страна на водоснабдителниот систем, да им се дава можност да користат вода и од друг систем, односно извор кој согласно другите прописи ги задоволува стандардите за чиста вода.

Меѓутоа, според Судот, иако законодавецот го избришал ставот 2 од оспорениот член 31 од Законот поради причините кои се наведени, односно е избришана забраната за користење на вода спротивно на ставот 1 од овој член, должноста за приклучување и користење на водата од водоснабдителниот систем со кој управува давателот на услугата и понатаму останува.

Отстранувањето на забраната за користење на вода и од друг систем, освен системот утврден во оспорениот член 31 став 1 од Законот, гледајќи од формално-правниот аспект, не ја менува суштината на оваа одредба поради тоа што сепак физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалаци, а кои се лоцирани (поставени) на просторот опфатен со урбанистичкиот план на општината и градот Скопје, се должни, односно имаат обврска да се приклучат и да ја користат водата согласно членот 31 став 1 од Законот.

Тргнувајќи од оспорениот став 1 на членот 31 од Законот во контекст на сега избришаниот став 2 од овој член, јасно произлегува дека намерата на законодавецот била само да ја отстрани забраната за користењето на вода спротивно на ставот 1 од членот 31 од Законот, а притоа не водел сметка и за ставот 1 од оспорениот член кој исто така ги обврзува наведените субјекти да се приклучат и да користат вода од водоснабдителниот ситем со кој управува давателот на услугата, поради што Судот смета дека оспорениот став 1 на членот 31 од Законот не е во согласност со член 55 од Уставот, според кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во прилог на оваа констатација оди и фактот дека во преодните и завршните одредби од Законот, во членот 44 став 1 точка 19 е предвидено дека со парична казна од 80.000 до 200.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице – корисник на услугата ако не користел вода од водоснабидтелен систем (член 31 став 1).

Тргнувајќи од изнесеното произлегува дека корисниците на водата, без оглед на тоа што оспорениот став 2 од членот 31 е избришан односно е избришана забраната за користењето на водата спротивно на ставот 1 од членот 1 од Законот, сепак се должни да користат вода од водоснабдителниот систем, инаку следи прекршочната санкација утврдена во членот 44 став 1 точка 19 од Законот.

Според мислењето на Судот, законодавецот да беше доследен во намерата да го либерализираше прашањето на користењето на водата, во тој случај ќе требаше соодветно на тоа да ги избрише и казните кои се изрекуваат ако корисниците на водата не постапат како што предвидува оспорениот член 31 став 1 од Законот, со што се создава правна несигурност на физичките и правните лица кои произведуваат, преработуваат и вршат промет со прехранбени производи и пијалоци, што е спротивно и со владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Имајќи го предвид изнесеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 31 став 1 од Законот со членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 55 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.199/2005
6 декември 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи