Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците на Владата на Република Македонија за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите наследници на поранешна СФРЈ, донесени на седницата на 16.11.2004 година.
2. Драган Стојановски од Битола, Живко Фидановски од Скопје, Ламбе Цепенковски од Охрид, Миле Николовски од Охрид, Божо Тешиќ од Битола и Кирил Димов од с. Кравари-Битола , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.
Според подносителите на иницијативата, со оспорените заклучоци Владата на Република Македонија неосновано одлучувала во врска со остварувањето и користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување на корисниците на воена пензија, спротивно на постојната регулатива за овие прашања утврдена со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Договорот за прашања на сукцесија.
Имено, со оспорените заклучоци, на корисниците на воена пензија, споротивно на членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, не им била обезбедена еднаковост со другите граѓани пред Уставот и законите. Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имале право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а не со заклучоци на Владата, како во овој случај.
Со оспорените заклучоци суштествено се менувала и прилагодувала примената на Анексот Д-Пензии од Договорот за прашања на сукцесија, со што се кршела уставната одредба од членот 118, според која меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Исто така, со оспорените заклучоци била определувана висина на пензијата спротивно на членот 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој пензиите на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, им се обезбедувале и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи, а најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.
Според член 135 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување бил надлежен и кога правата од пензиското и инвалидското осигурување се остварувале врз основа на меѓународен договор, така што според подносителите на иницијативата, немало потреба од донесување на оспорените заклучоци, туку доследно почитување и примена на одредбите од Анексот Д-пензии од Договорот за прашање на сукцесија.
Согласно член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување донесувал Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, така што според подносителите на иницијативата, заклучокот на Владата дека исплатата на воена пензија ќе се врши по барање на корисникот, а без донесување на решение, бил во спротивност со наведената законска одредба.
Со оглед на наведеното, подносителите на иницијативата сметаат дека Владата со оспорените заклучоци уредила прашања што се законска материја и кои како такви спаѓаат во надлежност на законодавната власт, поради што Заклучоците не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9 став 2, член 34, член 52 став 1 и 2, член 88, член 91 алинеи 1 и 5 и член 118 од Уставот, член 35 и 36 став 7 од Законот за Владата на Република Македонија, Анексот Д-Пензии од Договорот за прашања за сукцесија, Договорот меѓу Република Македонија и Сојузна Република Југославија за социјално осигурување, како и член 135 став 2 и член 140 и 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените заклучоци.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на Триесеттата седница одржана на 16.11.2004 година, разгледувајќи ја Информацијата за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите-наследници на поранешна СФРЈ, поднесена од Министерството за труд и социјална политика, усвоила Заклучоци според кои:1. Корисниците на воена пензија- македонски државјани кои правото на пензија го оствариле заклучно со 31.12.1993 година, според прописите за воените осигуреници, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија-Централа Скопје, ги презема во исплата, сметано од 03.06.2004 година, без донесување на решение; 2. Исплатата на воената пензија ќе се врши по барање на корисникот со поднесување на потребните докази: доказ за државјанство, решение за признато право на пензија и доказ дека не се врши исплата на пензијата; 3. На овие корисници ќе им се исплатува аконтативен износ на пензија во висина на просечната исплатена плата во декември 2003 година во износ од 11.955,00 денари. Семејната пензија од умрен осигуреник односно корисник на воена пензија, се определува од пензијата што би му припаѓала на денот на смртта. Усогласувањето на пензиите се врши на ист начин како и за другите пензии на корисниците на Република Македонија; 4. Средствата за исплата на овие пензии се обезбедуваат од Буџетот на Републиката, во рамките на утврдените средства во ставката 441411 – Трансфери до Фондот за ПИОМ утврдени со закон, од Разделот 15020 – Социјална заштита, и 5. Целосната примена на Анексот -Д пензии ќе се обезбеди со преземање на активностите во рамките на Постојниот комитет за спроведување на Договорот за прашања на сукцесија. За потребите на Постојниот комитет ќе се формира Помошно тело за прашања на пензии.
4. Во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Според членот 9 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите.
Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а согласно став 2 на истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Според членот 88 од Уставот, носител на извршната власт во Република Македонија е Владата на Република Македонија, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Меѓу надлежностите на Владата на Република Македонија утврдени во членот 91 од Уставот спаѓа и надлежноста да ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и да е одговорна за нивното извршување (алинеја 1), како и да донесува уредби и други прописи за извршување на законите (алинеја 5 ).
Согласно член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори („Службен весник на Република Македонија“ број 5/1998), за извршување на меѓународните договори на Република Македонија се грижи Владата на Република Македонија и претседателот на Републиката.
Според член 135 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ”, број 80/93, 3/1994, 14/95, 71/96, 32/97, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005 и 84/2005), правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, ако во него осигуреникот бил последен пат осигурен. Фондот е надлежен и кога правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат врз основа на меѓународни договори.
Согласно член 140 став 1 на истиот закон, Решение за правата од пензиското и инвалидското осигурување донесува Фондот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на поднесување на уредно барање.
Согласно член 197 на овој закон, пензиите на воените осигуреници остварени пред денот на почетокот на примената на овој закон според Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, им се обезбедуваат и по денот на почетокот на примената на овој закон во обем и во висина определени со тие прописи, со тоа што овие пензии можат да се исплатуваат најмногу до износот на највисоката пензија утврдена со овој закон.
Со Договорот за прашања на сукцесија, склучен помеѓу Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Македонија, Република Словенија и Сојузна Република Југославија, кои се пет еднакви држави наследнички на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кој договор Собранието на Република Македонија го ратификува на 30 јануари 2002 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2002), со анексот Д поединечно се определуваат условите според кои е уредена областа на пензиите. Овој анекс има три члена, со кои се утврдува дека секоја држава ќе преземе одговорност за и редовно ќе ги исплаќа легално заснованите пензии финансирани од страна на таа држава во нејзиното поранешно својство како конститутивна република на СФРЈ, без разлика на националноста, државјанството, резиденцијата или домицилот на корисникот (член 1); се утврдува дека секоја држава ќе преземе одговорност за и редовно ќе ги исплаќа пензиите кои им ги должи на своите државјани или воени чиновници на СФРЈ независно од местото каде тие имаат живеалиште или престојувалиште, ако тие пензии биле финансирани од сојузниот буџет или од други сојузни ресурси на СФРЈ (член 2); се утврдува дека, доколку е потребно, државите ќе склучат билатерални аранжмани за обезбедување на исплата на пензии според член 1 и 2 од овој анекс на лица лоцирани во држава која не е онаа што ги исплаќа пензиите за овие лица, за пренос на потребните средства за обезбедување на исплата на овие пензии, и за исплата на пензии пропорционално на уплатата на придонесите. Било какви билатерални договори склучени помеѓу било кои две од државите ќе имаат предност над одредбите од овој анекс и ќе го решат прашањето на заемните побарувања помеѓу пензиските фондови на државите што се однесуваат на исплати на пензии напаравени пред стапување во сила на таквите договори (член 3).
Министерството за труд и социјална политика, како надлежно министерство за спроведување на наведениот договор, до Владата на Република Македонија доставило Информацијата за постапување по Договорот за прашања на сукцесија по основ на право и обврски на државите-наследници на поранешна СФРЈ.
Според Информацијата, при спроведувањето на Договорот, констатирано било дека постојат државјани на Република Македонија кои стекнале право на исплата на воена пензија согласно членот 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и членот 2 од Анексот Д на Договорот, но кои до моментот на поднесување на Информацијата, не биле опфатени во кругот на лица на кои Република Македонија им исплаќа воена пензија. Ова од причина што оваа категорија на лица немала постојано живеалиште во Република Македонија на 31 март 2002 година, што било услов утврден со Одлуката за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/92), за исплата на пензија на овие лица. Со влегувањето во сила на Договорот за сукцесија ( 3 јуни 2004 година), Република Македонија преземала обврска за исплата на пензиите и на овие лица, поради што со наведената информација се бара Владата на Република Македонија да донесе заклучоци со кои ќе ги уреди начинот и постапката за исплата на пензиите на овие корисници, имајќи предвид дека постои законски основ за нивната исплата.
Во оваа смисла, Владата на Република Македонија ги донела оспорените заклучоци, со кои се регулира начинот и постапката за исплаќање на наведените пензии, при што целосна примена на Анексот Д – пензии од Договорот за прашања на сукцесија ќе се обезбеди со преземање на активности во рамките на Постојниот комитет за спроведување на Договорот.
Според член 35 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 12/2003, 55/2005 и 37/2006), за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци. Согласно член 36 став 7 од истиот закон, со заклучок Владата зазема ставови по прашањата што ги претресувала на седница, утврдува мислење по предлозите на закони и други прописи и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи, одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи на Владата, ги определува задачите на министерствата и органите на државната управа и задачите на своите служби и зазема ставови за прашањата од своја надлежност.
Согласно член 100 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2005-пречистен текст), со кој се уредува прашањето за објавување на актите на Владата на Република Македонија, уредбите, одлуките и упатствата на Владата се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, решенијата се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” доколку така одлучи Владата, а Владата може да одлучи да се објават и определени програми и заклучоци.
Судот утврди дека со оспорените заклучоци Владата не утврдува начин и постапка за стекнување право на пензија на поединци, како што се наведува во иницијативата, туку утврдува начин на постапување на надлежните органи во Република Македонија во функција на реализација на веќе стекнато право на пензија на одредена категорија корисници, утврдено со претходно донесени решенија, при што целосна примена на Анексот Д од Договорот за прашања за сукцесија ќе се обезбеди со преземање на активности во рамките на Постојниот комитет за спроведување на Договорот.
Имено, со заклучоците се задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија – Централа Скопје, како надлежен орган за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, сметано од 3 јуни 2004 година, од кога е влезен во сила Договорот за прашања за сукцесија, без донесување на посебно решение за тоа, да ја преземе исплатата на пензиите на корисниците на воена пензија – македонски државјани кои оствариле право на пензија заклучно со 31 декември 2003 година според прописите за воените осигуреници, а на кои не им била исплаќана пензијата од причина што немале живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија на 31 март 2002 година. Ова од причина што со член 2 од Договорот се утврдува дека секоја држава ќе преземе одговорност за и редовно ќе ги исплаќа пензиите кои им ги должи на своите државјани или воени чиновници на СФРЈ независно од местото каде тие имаат живеалиште или престојувалиште, ако тие пензии биле финансирани од сојузниот буџет или од други сојузни ресурси на СФРЈ. Во оваа смисла, со Заклучоците му се укажува на Фондот дека исплатата на пензиите треба да се врши врз основа на барање на корисникот и доставување на доказ за државјанство на Република Македонија, решение за признато право на пензија според прописите за воените осигуреници и доказ дека не се вршела исплата на пензијата. Понатаму, му се укажува на Фондот дека пензијата на овие лица ќе треба да им се исплаќа аконтативно, во висина на просечната исплатена плата во декември 2003 година, и дека усогласувањето на пензиите ќе се врши на ист начин како и за другите пензии на корисниците во Република Македонија. Средствата за исплата на овие пензии се обезбедуваат од Буџетот на Републиката, а целосна примена на Анексот Д -пензии од Договорот за сукцесија ќе се обезбеди со преземање на активности во рамките на Постојниот комитет за спроведување на Договорот за сукцесија.
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека со овие заклучоци Владата на Република Македонија преземала мерки за извршување на меѓународен договор кој станал дел од внатрешниот поредок на Република Македонија, што претставува нејзина надлежност утврдена со член 91 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија и член 23 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.
Наводите во иницијативата дека со донесените заклучоци Владата одлучувала во врска со остварување и користење на правата од пензиското и инвалидското осигурување, кои се веќе утврдени со закон и меѓународен договор, Судот оцени дека се неосновани, од причина што со Заклучоците само се определува техниката на постапување на надлежниот орган во Република Македонија во функција на остварување на стекнато право од областа на пензиското и инвалидското осигурување, што како обврска за Република Македонија произлегува од Договорот за прашања за сукцесија. Притоа, како основ за исплата на пензијата, Фондот за пензиското и инвалидското осигурување ги прифаќа претходно донесените решенија за остварување на право на пензија на корисниците, согласно со прописите за воените осигуреници, поради што наводите во иницијативата дека исплатата на пензијата, спротивно на член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, ќе се врши без донесување на решение, а само по барање на странката, се неосновани.
Исто така, според Судот, неосновани се и наводите дека со оспорените заклучоци Владата, спротивно на член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, ги довела во нееднаква положба граѓаните корисници на воена пензија. Ова од причина што со Заклучоците се пропишува начин на постапување заради извршување на меѓународен договор со цел изедначување во остварувањето на правото на пензија на државјаните на Република Македонија кои тоа право го стекнале на просторите на поранешна СФРЈ, без оглед на местото на нивното живеалиште или престојувалиште. Притоа, Судот констатира дека начинот на постапување заради извршување на меѓународниот договор, пропишан со овие заклучоци, е соодветен на начинот и постапката за исплата на пензиите на воените осигуреници утврден со Одлуката на Владата за начинот и постапката за исплата на пензиите и другите примања на воените осигуреници кои остануваат на територијата на Република Македонија.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека немаат основ наводите во иницијативата дека со оспорените заклучоци Владата уредила прашања што претставуваат законска материја и навлегла во ингеренциите на законодавната власт, поради што не го постави прашањето за согласност на оспорените заклучоци со одредбите на член 8 алинеи 1 и 3, член 34, член 52 став 1 и 2, член 88, член 91 алинеи 1 и 5 и член 118 од Уставот на Република Македонија, член 35 и член 36 став 7 од Законот за Владата на Република Македонија, Анексот Д-Пензии од Договорот за прашања за сукцесија, Договорот меѓу Република Македонија и Сојузна Република Југославија за социјално осигурување, како и член 135 став 2 и член 197 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
5. Со оглед на тоа што нема основ за изразување на сомневање за уставноста и законитоста на оспорените заклучоци од причини изнесени во иницијативата, Судот оцени дека не се исполнети ниту условите за прифаќање на посебното барање во иницијативата, до донесување на конечната одлука, да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените заклучоци.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.36/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи