190/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 и 2 од Правилникот за програмата, организацијата, начинот на полагање на возачкиот испит, проверката на оспособеноста на кандидатите за возачи, посебните критериуми во поглед на стручната подготовка што треба да ги исполнуваат претседателот и членовите на испитната комисија како и просториите и опремата во кои ќе се спроведува испитот и водењето на евиденција во врска со возачкиот испит („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2002).

2. Друштвото за обука на кандидати за возачи, производство, трговија и услуги „Тара ДОЕЛ“ од Кочани и Друштвото за производство, услуги и промет увоз-извоз „СОН ДОО“ од Радовиш преку полномошникот Томислав Николовски адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на член 6 став 1 и 2 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 6 од Правилникот не бил во согласност со член 55 од Уставот со кој се обезбедувала еднаква правна положба на сите субјкети на пазарот. Ова затоа што комисијата што ја формира министерот била во поповолна положба во економскиот живот бидејќи нејзините членови не морале да бидат вработени така што за нив немало да се плаќаат јавни обврски како персонален данок, придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравство и друго, додека нив комисијата на автошколите ги плаќало со што биле доведени во понеповолна економска ситуација и на пазарот биле помалку конкурентни од првите.

Оттука, подносителот бара Судот да го поништи член 6 од Правилникот, а министерот за внатрешни работи да биде задолжен да го уреди составот на комисиите на единствен начин за сите правни субјекти со цел да се обезбедела еднаквост на правните субјекти во економскиот живот на земјата.

Видно од наводите во иницијативата подносителот го оспорува член 6 став 1 и 2, а не и другите ставови од член 6, поради што Судот ги ценеше ставовите 1 и 2 на член 6 од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 6 став 1 од Правилникот е предвидено дека претседателот и членовите на испитната комисија на установите за средно или високо образование и на авто школите се од редот на лицата кои се во постојан работен однос кај основачот.

Во оспорениот став 2 на член 6 е предвидено дека претседателот и челеновите на испитната комисија што ја образува министерот за внатрешни работи може да бидат работници на Министерството за внатрешни работи или лица што не се во работен однос во Министерството за внатрешни работи, а ги исполнуваат условите утврдени во член 261 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

4. Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/1998, 38/2002 и 38/2004) се уредуваат правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајни знаци, должностите во случај на сообраќајна незгода, условите за стекнување право на управување со возила, оспособување на кандидатите за возачи, полагање на испитот за возачи и други прашања.

Во член 257 од Законот е предвидено дека возачкиот испит за управување со моторно возило, трактор, работна машина, мотокултиватор, велоспиед со мотор, трицикл и четирицикл се полага пред испитна комсија на установата за средно или високо образование која оспособува кадри за занимање возач, на авто школата или пред испитна комисија што ја образува министерот за внатрешни работи според местото каде што се спроведува испитот. Установата за средно и високо образование која оспособува кадри за занимање возач спроведува испит само за своите ученици.

Според член 259 од Законот, авто школата може да образува испитна комисија доколку по нејзиниот упис во судскиот регистар вршела дејност оспособување на кандидати за возачи најмалку три години непрекинато за секоја категорија поединечно и ако ги исполнува пропишаните услови во поглед на стручниот кадар, просториите и опремата што се констатира со решение на Министерството за внатрешни работи.

Надзор над исполнувањето на условите од став 1 на овој член и над спроведување на возачкиот испит врши Министерството за внатрешни работи.

Според став 3 на член 259 од Законот, ако Министерството за внатрешни работи во вршењето на надзорот утврди дека испитната комсиија од член 257 став 1 на овој закон не ги исполнува условите или возачките испити не ги спроведува на пропишан начин, со решение ќе определи испитната комисија привремено да престане со спроведување на испитот во траење од три месеци до една година.

Според став 5 на наведениот член, претседателот и членовите на испитната комсиија на која и е изречена забрана за спроведување на возачки испит не смеат да вршат испитување на кандидати за возачи во друга испитна комисија.

Според член 261 од Законот испитна комисија е составена од претседател и испитувач. Претседател и испитувач може да биде лице кое има високо образование и ако врз основа на дозвола за инструктор напрекинато оспособувал или испитувал кандидати за возачи најмалку три години. Испитувачи за практично управување на моторно возило или трактор може да биде лице кое има најмалку средно образование и вршело оспособување или исптиување на кандидати за возачи најмалку три години од онаа категорија за која врши испитување.

Едно лице може да биде претседател или испитувач само во една испитна комисија.

Според член 273 од Законот, се овластува министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за образование и физичка култура и министерот за сообраќај и врски да донесе поблиски прописи за програмата, организацијата, начинот на полагање на возачкиот испит, проверката на оспособеноста на кандидатите за возачи, посебни критериуми во поглед на стручната подготовка што треба да ја исполнуваат претседателот и членовите на испитната комисија како и просториите и опремата во кои ќе се спроведува испитот и водењето на евиденција во врска со возачките испити.

Врз основа на наведениот член од Законот, министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за обрзование и наука и министерот за транспорт и врски донел Правилникот за програмата, организацијата, начинот на полагање на возачкиот испит, проверката на оспособеноста на кандидатите за возачи, посебните критериуми во поглед на стручната подготовка што треба да ги исполнуваат претседателот и членовите на испитната комисија како и просториите и опремата во кои ќе се спроведува испитот и водењето на евиденција во врска со возачкиот испит со кој е утврдена програмата за полагање на возачкиот испит за управување на моторно возило, организацијата на возачкиот испит, начинот на полагање на возачкиот испит и водењето на евиденцијата во врска со возачкиот испит.

Во членот 5 од Правилникот е предвидено дека возачкиот испит се полага пред испитна комисија која се состои од претседател, испитувач по теоретски дел и испитувач по практичен дел на Програмата за полагање на возачкиот испит. Претседателот и испитувачот на испитната комисија пред која се полага возачкиот испит може да има свои заменици.

Во членот 6 од Правилникот кој е оспорен со инцијативата е утврден составот на испитната комисија, при што членовите на испитната комисија во установите за средно или високо обрзование и на авто школите се од редот на лицата кои се во постојан работен однос кај основачот, а додека пак, членовите на комисијата што ја образува министерот можат да бидат и лица кои не се во работен однос во Министерсттвото за внатрешни работи, а кои ги исполнуваат условите утврдени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Од анализата на наведените законски одредби а кои се однесуваат на полагањето на возачкиот испит и составот на испитната комисија, како и содржината на оспорената одредба, произлегува дека авто школите кои обучуват кандидати за возачи можат да имаат сопствена испитна комисија доколку ги исполнуваат предвидените услови со законот, односно определено време вршеле обука на кандидати и ако имаат кадар кој ги исполнува посебните услови во поглед на стручната подготовка.

Доколку, авто школата поради неипсолнување на предвидените услови со закон или ако поради привремено донесено решение за неможност испитната комисија да спроведува возачки испит, министерот формира испитна комсија од редот на работници во Министерството за внатрешни работи или од лица што не се во работен однос во Министерството за внатрешни работи а кои исто така мора да ги исполнуваат со закон предвидените услови.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека наводите во иницијативата дека со оспорениот член се повредува слободата на пазарот и претприемништвото не се основани. Ова затоа што авто школата и Министерството за внатрешни работи не се наоѓаат во еднаква правна положба на пазарот. Имено авто школата настапува на пазарот со цел преку вршење на дејност обука на кандидати и плагање на возачкиот испит да стекне профит, а Министерството за внатрешни работи не е субјект на пазарот, туку како империум на власта настапува тогаш кога субјектите на пазарот не ги исполнуваат условите во поглед на формирање на испитна комисија за полагање на возачкиот испит.

Оттука, според мислењето на Судот дадената можност на министерот за внатрешни работи во испитната комисија да вклучи лице кое не е во работен однос не е со цел авто школите да бидат доведени во нееднаква положба, туку државата преку министерството односно министерот во насока на операционализација на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, има за цел да овозможи граѓаните кандидати за полагање на возачки испит да не трпат последици, односно да можат да го полагаат испитот и тоа пред комисија чии членови ги исполнуваат условите предвидени со закон и за нив е ирелевантно кој ја формира комисијата односно дали членовите се во редовен работен однос во авто школата или членовите на комисијата која ја формира министерот не се во работен однос со министерството.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со начелото на слобода на пазарот и претприемништвото утврдено во член 55 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр190/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи