У.бр.171/2006

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 12 став 4 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005 и 61/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според член 12 став 4 од Законот за државните службеници, кандидатите од ставовите 2 и 3 на овој член до Агенцијата за државни службеници доставуваат докази за исполнување на условите од членот 9 од овој Закон. Тоа значело дека кандидатите мора да достават и докази дека не им се изречени казни забрана на вршење професија, дејност или должност, согласно член 9 став 1 точка 5 од наведениот закон. Согласно пак член 9 став 2 од Законот за државните службеници, исполнувањето на општиот услов од ставот 1 точка 5 од овој член се потврдува со акт кој го издава органот надлежен за водење на казнена евиденција.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба немала уставна основа, поради тоа што никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, согласно член 106 став 5 од Кривичниот законик, и поради тоа да трпат штетни последици како што е предвидено во член 12 став 5 од Законот, според кој ако кандидатот кој е на листата од ставовите 2 и 3 на овој член не докаже дека ги исполнува условите од членот 9 на овој закон, тогаш на негово место доаѓа наредниот кандидат од листата.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредувала презумпцијата на невиност и достоинството на поединецот, бидејќи кандидатите со оспорената одредба се сметале за виновни пред да биде утврдена нивната вина со правосилна судска одлука, поради што таа по својата суштина била казнена одредба, односно има елементи на правна последицa од осуда врз лицето што не произлегува од осудата, но настапува по сила на законот и на тој начин се проширувало правното дејство на осудата, за што не постоел уставен основ.

Со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, член 11 став 1, член 12 став 3, член 13, член 14, член 25, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 12 став 4 од Законот за државните службеници.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став 4 на член 12 од Законот за државните службеници, кандидатите од ставовите (2) и (3) на овој член до Агенцијата за државни службеници доставуваат докази за исполнување на условите од членот 9 на овој закон.

4. Според член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај со иницијативата се оспорува уставноста на член 12 став 4 од Законот за државните службеници. Меѓутоа, во образложението на причините за оспорување, подносителот се повикува на одредбата од член 9 став 1 точка 5 од Законот. Имено, во образложението на причините за неуставноста на оспорената одредба, се наведува дека кандидатите со оспорената одредба се сметале за виновни пред да биде утврдена нивната вина со правосилна судска одлука, поради што таа по својата суштина била казнена одредба, односно имала елементи на правна последица од осуда.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се нејасни и непрецизни. Имено од содржината на оспорената одредба воопшто не произлегува дека со неа се пропишува правна последица од осуда, бидејќи таа се однесува на доставување на докази од страна на кандидатите кои положиле стручен испит за вработување како државни службеници.

Како причина за неуставноста на оспорената одредба од Законот за државните службеници, подносителот го наведува член 106 став 5 од Кривичниот законик. Меѓутоа, тргнуваќи од надлежноста на Уставниот суд определена во член 110 од Уставот, Уставниот суд не се впушти во оценување на меѓусебната согласност на одредбите од два закона.

Оттука, Судот утврди дека поради нејасност и непрецизност на иницијативата, односно поради отсуството на причини за оспорување на одредбата од член 12 став 4 од Законот за државните службеници од аспект на Уставот, постојат процесни пречки за постапување по оваа иницијатива, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 и 3 за нејзино отфрлање.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова-Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 171/2006
29 ноември 2006
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи