Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 15 ноември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 15 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Тодор Петров од Скопје со Решение У.бр.87/2006 од 13 септември 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 15 став 4 од Изборниот законик, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Изборниот законик во членот 15 став 1 предвидел дека изборите за пратеници се одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.
Според ставот 2 од овој член од Законикот, предвремени избори за пратеници се спроведуват во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања.
Со одредбата од ставот 3 од овој член е предвидено дека роковите за спроведување на изборните дејствија од ставот (2) на овој член со роковникот ги утврдува Државната изборна комисија.
Со оспорената одредба од ставот 4 од овој член од Изборниот законик е предвидено дека мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници.
5. Според членот 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а согласно членот 2 став 2, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Според членот 8 став 1 алинеја 3, 4 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според членот 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.
Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.
Согласно членот 62 од Уставот, Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници кои се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.
Пратеникот не може да биде отповикан.
Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според членот 63 став 1 од Уставот пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.
Според ставот 2 на овој член од Уставот, доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституират Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Во ставот 3 од овој член е определено дека избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.
Со одредбата од ставот 4 на овој член од Уставот е утврдено дека мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба, а со ставот 5 е утврдено дека со закон се утврдува неспојливоста и неизберливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии.
Според ставот 6 од овој член од Уставот Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
6. Од изнесениве уставни одредби Судот утврди дека остварувањето на власта преку демократски избрани претставници е уставен принцип врз основа на кој е уредена и организацијата на државната власт со одредбите во III дел од Уставот.
Собранието на Република Македонија е определено како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Републиката.
Статусните прашања на овој орган на државната власт се уредени со Уставот. Единствено организацијата и функционирањето на Собранието и начинот и условите за избор на пратеници покрај со Уставот се уредуваат со Деловник односно со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупнииот број пратеници.
Следователно на уставната определба со закон да се уредува начинот и условите за избор на пратеници во Собранието, е дефиниран предметот на уредување на Изборниот законик, и со членот 1 е утврдено дека со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.
Со II дел од Изборниот законик (од член 12 до член 16) е уредено „распишувањето и одржувањето на изборите“, чии одредби се однесуваат на отпочнувањето на постапката на изборите. Според овие одредби актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржување на изборите. Потоа, утврдено е дека актот за распишување на изборите се доставува до Државната изборна комисија и Министерството за правда и тој се објавува во „Службен весник на Република Македонија“, а од денот на распишување на изборите до денот на одржување на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена. Граѓаните за изборите се известуваат преку јавен повик и истакнување плакати на видни места и тоа го врши надлежната изборна комисија, како и се уредени други прашања во врска со постапката за изборите.
Со членот 15 од Изборниот законик се уредени прашањата за одржување на изборите конкретно за пратениците во Собранието, меѓутоа, со оспорената одредба од ставот 4 на овој член од Законикот, која е оспорена со иницијативата пред овој Суд, е предвидено дека мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници.
Од уставносудската анализа на оспорената одредба од Изборниот законик, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби според Судот произлегува дека таа уредува прашање кое покрај тоа што излегува од предметот на уредување со нормите во овој дел од Законикот, кои се однесуваат на „распишување и одржување на изборите“, туку излегува и од предметот на уредување на Изборниот законик кој има уставен основ само да го уредува начинот и условите за избор на пратеници, а не да го регулира мандатот на пратениците. Имено, мандатот на пратениците е веќе уставно уредено прашање.
Од означените одредби од Уставот е неспорно дека мандатот на пратениците започнува да тече од конститутивната седница на Собранието и трае 4 години и единствено може да продолжи во случај на воена или вонредна состојба, како и да се скрати во случај на распуштање на Собранието или кога новото собрание се конституира пред истекот на четири години.
Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста.
Со Уставот, исто така не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да трае односно да продолжи по истекот на четири години до денот на верификување на мандатот на новоизбраните пратеници, како што тоа го допушта оспорената одредба од Изборниот законик.
Оттука, неспорно е дека со Уставот мандатот на пратениците во Собранието, а со тоа и вршењето на законодавната функција на овој орган на државната власт, е ставен во временски рамки кои не дозволуваат вршење на власт по истекот на четирите години или по распуштањето на Собранието, како и по конституирање на новото собрание пред истекот на 4 години.
Притоа, треба да се има предвид исклучокот за продолжување на мандатот „само во случај“ на воена или вонредна состојба во членот 63 став 4 од Уставот.
Судот, исто така, утврди дека наспроти наведеново, во делот на Уставот кој се однесува на Владата на Република Македонија, во членот 93 став 5 е утврдено дека Владата на која и е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.
Оттука, со Уставот е дозволен непрекинат континуитет во вршењето на должностите на Владата до изборот на нова Влада. Меѓутоа, за разлика од извршната власт, мандатот на пратениците во Собранието е прецизно определен со Уставот и надвор од него не е предвидено вршење на должностите на пратениците до конституирање на новото Собрание.
Врз основа на изнесената анализа, Судот утврди дека поради тоа што со оспорената законска одредба се уредува времетраењето на мандатот на пратениците во Собранието спротивно на наведените уставни норми, таа не е во согласност со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.87/2006
15 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи