62/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 ноември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 72в и член 72г од Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Еленица Ршковска од Битола со Решение У.бр.62/2006 од 20 септември 2006 година поведе постапка за оценување на законитоста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 72в од Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски„ – Битола е предвидено дека со донесувањето на решението за отповикување на потврдувањето на изборот, Наставно-научниот совет на Факултетот, односно Наставничкиот совет на високата стручна школа е должен да поведе постапка за разрешување на деканот односно директорот.

Доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет го разреши деканот, односно директорот на истата седница избира в.д. декан, односно в.д. директор за период најмногу до 3 месеци.

Доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет не постапи по претходниот став, ректорот во рок од 15 дена назначува в.д. декан, односно в.д. директор за период најмногу до 3 месеци.

За в.д. декан, односно в.д. директор може да биде избрано односно назначено лице кое ги исполнува условите за избор на декан односно директор.

Според членот 72г од Статутот доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет не го разреши деканот, односно директорот, ректорот може повторно да го задолжи Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет да спроведе постапка за разрешување на деканот, односно директорот.

Доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет не го разреши деканот, односно директорот и во повторената постапка, постапката за отповикување на потврдувањето на изборот на деканот, односно директорот се запира.

5. Согласно членот 1 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000 и 49/2003), со овој закон се уредуваат условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите за организација, управување, развој и за вршење на високообразовна дејност.

Според членот 2 точка 36 од овој закон, универзитетот е највисока автономна високообразовна, научна односно уметничка установа која ја сочинуваат високообразовни установи основани според овој закон. Според членот 8 од Законот, основен акт на високообразовната установа е статутот со кој се уредува внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување на нејзините органи, други прашања од значење за нејзината дејност и работење, за кои со овој закон е предвидено да се уредуваат со статут, како и други односи во согласност со остварувањето на нејзината автономија. Статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа.

Согласно членот 64 став 1 од овој закон, органи на универзитетот се: универзитетски сенат, ректор, и ректорска управа.

Според членот 68 од овој закон, ректорот е раководен орган на универзитетот, тој се избира од редовните професори за време од четири години, според начинот и условите утврдени со статутот на универзитетот.

Со одредбите од ставовите 1, 2 и 3 на членот 70 од овој закон се определени надлежностите на ректорот, потребата од овозможување на достапност на ректорот на универзитетот до документите и информациите на високообразовните и другите установи во негов состав за прашања од значење за остварување на целите и задачите на универзитетот, како и должноста на ректорот најмалку еднаш во годината до сенатот и основачот да поднесува извештај за работата на универзитетот.

Според ставот 5 на овој член од Законот, ректорот е одоговорен за законитоста и статутарноста на работата на универзитетот и на високообразовните и другите установи во негов состав и има право и должност да запре од извршување акт на нивните органи, за кој смета дека е спротивен на законот, на статутот, општиот акт или одлуката на универзитетот.

Според ставот 6 и ставот 7 од овој член од Законот, за запрениот акт ректорот поведува постапка пред надлежниот суд, а за одлуката, односно општиот акт кој е во спротивност со статутот, друг општ акт или одлука на универзитетот, ректорот покренува постапка за нивното укинување пред ректорската управа, која донесува одлука за укинување. Високообразовната установа чиј акт е укинат, може да поднесе жалба до сенатот и одлуката на сенатот е конечна.

Според ставот 9, ако во законски определениот рок не се избере декан и во рок од еден месец не се избере в.д. декан, в.д. декан назначува ректорот за време определено со статутот на универзитетот.

Според ставот 10 од овој член од Законот, ректорот не го потрдува изборот на деканот ако тој не ги исполнил условите предвидени со овој закон или при повреда на постапката за избор.

Според ставот 11 од овој член од Законот, ректорот може да го отповика потврдувањето на изборот на декан под условите утврдени со статутот на универзитетот, со што ја започнува постапката на неговото разрешување.

Наведените одредби од Законот за високото образование поблиску се уредени со Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, кој е донесен од Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Со членот 72а од Статутот е уредено прашањето кога ректорот нема да го потврди изборот на декан на факултет, односно директор на висока стручна школа, а со членот 72б од Статутот е уредено прашањето кога ректорот може да го отповика своето потврдување на изборот на декан односно директор.

Во вториот случај со членот 72б од Статутот е уредено дека ректорот може да го отповика потврдувањето на избор на декан, односно на директор ако: – дополнително се констатира дека избраниот декан, односно директор, не ги исполнува условите за избор предвидени со Законот за високо образование или е повредена постапката за избор; – не поднесе извештај за работа на факултетот, односно високата стручна школа во роковите определени со закон, Статутот на Универзитетот и високообразовната установа; – нема да запре од извршување акт на органите на факултетот, односно високата стручна школа кој е во спротивност со закон, Статутот и општ акт, а чија спротивност е докажана од надлежен орган; – деканот, односно директорот не ги спроведува одлуките на органите на Универзитетот кои влегуваат во негова надлежност.

За спроведување на постапката за утврдување на случаите од претходниот став на овој член, ректорот формира Комисија. Во постапката учествува и деканот, односно директорот.

Од анализата на изнесениве одредби и од членот 72в од Статутот произлегува дека по донесување на решението на ректорот на Универзитетот за отповикување на изборот на декан (директор), Наставно-научниот совет на Факултетот, односно Наставничкиот совет на високообразовната установа, има обврска да поведе постапка. Таа постапка е за разрешување на деканот, односно директорот. Во тие рамки со одредбите на оспорениот член 72в од Статутот е уредена ситуацијата кога деканот е разрешен и е избран в.д. декан од страна на Наставно-научниот совет на факултетот, и ситуација кога тоа не е сторено и ректорот на Универзитетот директно назначува в.д. декан, па оттаму можно е истовремено да има двајца декани – неразрешен и в.д. декан.

Понатаму, со одредбите од членот 72г од Статутот кои исто така се оспорени со иницијативата е уредено дека доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет не го разреши деканот, односно директорот, ректорот може повторно да го задолжи Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет да спроведе постапка за разрешување на деканот, односно директорот.

Доколку Наставно-научниот совет, односно Наставничкиот совет не го разреши деканот, односно директорот и во повторната постапка, постапката за отповикување на потврдувањето на изборот на деканот, односно директорот се запира.

Од анализата на овие оспорени статутарни одредби јасно произлегува дека започнатата постапка на Наставно-научниот совет може да заврши без разрешување на декан односно директорот, што не е интенција на законодавецот.

Според Судот ова значи дека со Статутот, како подзаконски акт, вољата и позицијата на Наставно научниот совет на факултетот односно Наставничкиот совет, се става над позицијата и овластувања утврдени со закон во однос на ректорот на Универзитетот, кој има законско овластување под определени услови да го отповика потврдениот избор на декан, односно директор со цел негово разрешување.

Со членот 70 од Законот за високото образование утрдени се правата и обврските на ректорот на универзитетот, меѓу кои со ставот 11 е определено дека ректорот може да го отповика потврдениот избор на декан под условите утврдени со статутот на универзитетот со што ја започнува постапката на неговото разрешување. Интенцијата на законодавецот е во статутот да се уредат и процесуираат условите за започнување на постапката за разрешување на декан на факултетот кому ректорот му го отповикал потврдениот избор, заради конечно негово разрешување од страна на Наставно-научниот совет на факултетот, и не е оставена законска можност и покрај одлуката на ректорот за отповикување, со статутарните одредби да се определи запирање на разрешувањето.

Имајќи ги предвид изнесените одредби од Законот за високото образование и оспорените одредби од Статутот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Судот утврди дека оспорените оредби од Статутот не се во согласност со членот 70 од Законот за високото образование.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.62/2006
8 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи