173/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 6 став 2 алинеја 5 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 6 став 2 алинеја 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Царинскиот закон било предвидено кон пријавата за полагање на стручен испит за вршење на застапување во царинските постапки да се приложувал доказ дека кандидатот немал правосилна и извршна пресуда за сторено кривично дело од областа на економскиот или нелегалниот промет во изминатите две години (потврда за неосидуваност од надлежен суд).

Со оглед на тоа што со оспорената законска одредба се наметнувала обврска на граѓаните, заради полагање на наведениот стручен испит да приложуваат доказ за неосудуваност што е спротивно на презумцијата на невиност и достоинството на поединецот, а одредбата имала елементи и на правна последица од осуда врз лицето што не произлегувало од осуда туку настапувала по сила на закон, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот како несогласна со членот 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, член 11 став 1, член 12 став 3, член 13, член 14, член 25, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, како и ставовите 1 и 2 од Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 6 став 2 од Царинскиот закон е предвидено дека одобренија за вршење на работи за застапување во царинските постапки може да добие правно лице кое ги исполнува следниве услови: – да е регистрирано за царинско подрачје на Република Македонија; – да е регистрирано за вршење на дејност на застапување во царински работи на царинското подрачје на Република Македонија; – да има вработено најмалку едно лице кое има царинска лиценца за вршење на застапување.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека во членот 6 од Царинскиот закон не е содржана одредбата која со иницијативата се цитира и како таква се оспорува, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2006
8 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи