Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 ноември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценувње на уставноста на член 16 став 6 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија била и правната заштита на сопственоста. Согласно членот 30 став 3 од Уставот, никому неможат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работело за јавен интерес утврден со закон.
Согласно на оваа уставна одредба се наведува понатаму во иницијативата, сопственоста и правата кои произлегуваат од неа се гледале во единство, меѓутоа, од оспорената законска одредба произлегувало дека стварите од општ интерес за Републиката уживале посебна заштита, додека пак правата кои произлегувале од таа сопственост можеле да се ограничуваат согласно со закон, што според подносителот на иницијативата, интенцијата на уставната одредба од членот 30 став 3, не била таква.
Според тоа, оспорениот дел од одредбата не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 6, членот 30 став 3, членот 51, членот 54 став 1 и членот 56 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 16 став 6 од Законот, стварите од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.
Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои призлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а според ставот 3 на овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, при што таа не може да биде одземена или ограничена, освен кога се работи за јавен интерес, утврден со закон.
Законот за сопственост и други стварни права во членот 2 предвидува дека право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.
Според членот 5 од Законот, правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.
Според член 12 од Законот, предмет на правото на сопственост се сите ствари, кои што можат да припаѓаат на физички и правни лица, освен оние што според својата природа или врз основа на закон не можат да бидат предмет на ова право.
Ствар, во смисла на овој закон, е дел од материјалната природа што може да биде во власт на човекот и што може да се индивидуализира.
Постојат различни видови на ствари зависно од нивната природа, положбата во просторот, составот, намената и другите особини врз кои правото на сопственост со закон се уредува на различни начини, водејќи сметка за општата природа на правото на сопственост.
Според членот 16 од Законот сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката.
Стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата, односно на физички и правни лица.
Облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.
Ствари во општа употреба се ствари во државна сопственост кои ги користат сите физички и правни лица.
За стварите во општа употреба се грижи и со нив управува Република Македонија, ако поинаку не е определено со закон.
Стварите од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон.
Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени ствари од општ интерес во државна сопственост можат да се отстапат на користење на физички и правни лица (концесија).
По својата содржина, правото на сопственост е дефинирано како право на држење, право на користење и право на располагање со одредена ствар и тоа мора да го почитуваат сите други лица. Меѓутоа ова право на сопственост мора да трпи и одредени општи и посебни ограничувања.
Со оглед на разновидноста на стварите и нивниот различен третман во Законот во членовите 12 – 16 е дадена основната класификација на стварите.
Стварите од општ интерес во оспорениот член 16 став 6 од Законот, всушност се претставени врз основа на уставните одредби од член 56 од Уставот и за нив е нагласено дека уживаат посебна заштита (без оглед дали се во приватна или државна сопственост), дека стварите во општа употреба што ги користат сите физички и правни лица се во државна сопственост и дека за нив се грижи и со нив управува Републиката.
Во оспорениот член 16 став 6 од Законот е предвидено општото уставно начело за ограничување на правото на сопственост на добрата од општ интерес за Републиката, во согласност со закон и дека одземањето или ограничувањето на правото на сопственост е еднакво за сите носители на сопственоста.
Со овие одредби од Законот всушност се операционализираат членовите 30 и 56 од Уставот на Република Македонија во кои се уредени правото на сопственост и правата кои произлегуваат од неа, како и посебната заштита на стварите што се во општ интерес со кои управува Републиката.
Со други зборови, Уставот дава можност определени добра од општ интерес за Републиката да се отстапат на користење под начин и услови уредени со закон. Во таа смисла и ограничувањето на правата од оспорената одредба подразбира тоа да се врши во согласност со закон, во рамки на начелата утврдени со Уставот.
Според тоа, анализирајќи ја оспорената одредба од член 16 став 6 од Законот во релација со членовите 30 и 56 од Уставот, произлегува дека со оспорената одредба всушност се операционализираат овие уставни одредби поради што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 16 став 6 во делот „и правата врз нив можат да се ограничуваат согласно со закон“ од Законот за сопственост и други стварни права со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.97/2006
8 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи