150/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифникот за висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странка, Тарифникот за висината на надоместокот за користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите и Тарифникот за висината на надоместокот за заверка на геодетските елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2006) донесени од Владата на Република Македонија.

2. Арјан Ибраим од с. Голем Папрадник и Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата на Арјан Ибраим се наведува дека трите оспорени тарифници биле во спротивност на член 52 став 3 од Уставот, како и на член 37 од Законот за административните такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17/1993 и 20/1996). Со нив директно се задирало во имотната состојба на граѓаните на Република Македонија при остварувањето на нивните права како физички и правни лица. Тарифниците како подзаконски акти треба да се применуваат 8 дена по објавувањето во Службен весник, а не наредниот ден по објавувањето, што било во спротивност на член 52 став 3 од Уставот, според кој само законите можат по исклучок да влезат во сила со денот на објавувањето. Подносителот на иницијативата смета дека доносителот на оспорените акти требало да го почитува vacatio legis, со што на граѓаните ќе им била дадена можност да се запознаат со тарифниците.

Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека со донесените тарифници двојно се плаќаат надоместоци и такси за користење на катастарски услуги, од причина што за користењето на наведените услуги се плаќаат административни такси детално наведени во член 37 од Законот за административните такси.

Поради овие причини, со иницијативата се предлага тарифниците да бидат поништени како неуставни и незаконити.

Со иницијативата поднесесна од Стамен Филипов се оспорува само Тарифникот за висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странка. Во иницијативата се наведува дека со Одлука на Уставниот суд У. бр. 194/2005 и У.бр. 232/2005 од 22 март 2006 е укинат член 10 ставови 3 и 4 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот Тарифник се заснова на одредба од Законот која е укината, односно која повеќе не е дел од правниот поредок на државата. Оттаму, во правниот поредок егзистира Тарифник кој претставува разработка на непостоечка законска одредба, поради што Тарифникот во целина не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со член 51 и член 112 став 3 од Уставот и Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифникот за висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странка.

3. Судот на седницата утврди дека првооспорениот Тарифник за висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странка го донела Владата на Република Македонија врз основа на член 10 став 3 и 4 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија бр. 27/1986, 17/1991,84/2005 и 70/2006).

Според член 1 од Тарифникот, со овој тарифник се пропишува висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите, по барање на странка.

Во членот 2 од Тарифникот се утврдени надоместоците за поединечно запишување на правата на наедвижностите.

Во членот 3 од Тарифникот, се утврдени надоместоците за запишување на правата на незапишаните недвижноссти по установен катастар на недвижностите.

Во членот 4 од Тарифникот, се утврдени надоместоците за запишување на заложно право – хипотека на недвижности.

Во членот 5 од Тарифникот, се утврдени надоместоците за запишување со кое се врши промена на катастарската култура/класа на земјиштето.

Во членот 6 од Тарифникот се утврдени надоместоците за запишување со кое се врши промена по основите наведени во овој член (купопродажба, раземна, подарок, наследување, судска одлука, акт за физичка делба, градба, доградба, надградба и други основи).

Во членот 7 од Тарифникот е предвидено дека надоместокот од овој тарифник соодветно ќе се применува и за евидентирање на објектите во катастарот на недвижностите, како и за евидентирање на промените на податоците во катастарот на земјиште.

Во членот 8 од Тарифникот, е предвидено дека надоместокот од овој тарифник го плаќа барателот на сметка на Државниот завод за геодетски работи.

Во член 9 од Тарифникот е предвидено тарифникот да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија.

Судот на седницата, исто така, утврди дека второоспорениот Тарифник за висината на надоместокот за користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите го донела Владата на Република Македонија врз основа на член 109 став 4 од наведениот закон.

Според член 1 од Тарифникот, со овој тарифник се пропишува висината на надоместокот за користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите.

Во член 2 од Тарифникот се утврдени надоместоците за користење на податоците за сите видови точки од геодетската основа.

Во член 3 од Тарифникот се утврдени надоместоците за користење на податоци од елаборати од геодетски снимања.

Во член 4 од Тарифникот се утврдени надоместоците за издавање копија од катастарски план за сите размери.

Во член 5 од Тарифникот се утврдени надоместоците за издавање копија од катастарски план и фотокопија од скица од етажен премер.

Во член 6 од Тарифникот, се утвдени надоместоците за податоците од катастарскиот операт (за увид во збирка исправи, за имотен односно поседовен лист, за уверение за редослед на извршени промени за една недвиженост, за уверение за факти кои произлегуваат од катастарскиот операт, за евидентен лист, за извод од список на парцели).

Во член 7 од Тарифникот се предвидени надоместоците за примерок од топографска карта.

Според член 8 од Тарифникот, за издавање на податоци за кои со овој тарифник не е утврдена висината на надоместокот, надоместокот се определува според бројот на потребните работни часови за изготвување на податоците, во висина од 300 денари по работен час.

Според член 9 од Тарифникот, надоместокот од овој тарифник го плаќа барателот на сметка на Државниот завод за геодетски работи. Висината на надоместокот се однесува на еднократна употреба на податоците.

Според член 10 од Правилникот, со донесување на овој тарифник престанува да важи Одлуката за висината на недоместокот за користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите бр. 23-1163/1 од 24 јули и 27 јули 1995 година со Тарифа за висината на надоместокот на користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите.

Според член 11 од Тарифникот, се предвидува тарифникот да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во однос на трето оспорениот Тарифник за висината на надоместокот за заверка на геодетските елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени, Судот утврди дека е донесен од страна на Владата на Република Македонија врз основа на член 102 став 5 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите.

Според член 1 од Тарифникот, со овој тарифник се пропишува висината на надоместокот за заверка на геодетските елаборати за извршени геодетски работи за посебни намени кои се од влијание за одржување на премерот и катастарот на недвижностите.

Во член 2 од Тарифникот се утврдени надоместоците за заверка на геодетските елаборати изработени за потребите на просторното уредување на земјиштето врз основа на снимена фактичка состојба.

Во член 3 од Тарифникот се утврдени надоместоците за заверка на геодетските елаборати за парцелација на градежното земјиште во постапката за спроведување на урбанистичките планови (нумерички податоци).

Во член 4 од Тарифникот се утврдени надоместоците за заверка на елаборати од геодетски мерења за потребите при спроведување на промените на имотно-правните односи на земјиштето во постапката за експропријација и други постапки.

Во член 5 од Тарифникот е утврден надоместок за заверка на геодетски елаборати за физичка делба и други геодетски работи кои се од влијание за одржувањето на премерот и катастарот на недвижностите.

Во член 6 од Тарифникот, е предвидено дека надоместокот се плаќа на сметка на Државниот завод за геодетски работи.

Според член 7 од Тарифникот, овој тарифник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон,

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 3 од Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 1 од Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се вршат на начин и постапка пропишани со овој закон.

Согласно член 5 од овој закон, работите на премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се во надлежност на Државниот завод за геодетски работи. Оперативните теренски геодетски работи од ставот 1 од овој член како јавни овластувања ги вршат трговци поединци – овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи под услови и на начин определени со овој закон.

Според член 8 став 1 од Законот, катастарот на недвижностите е јавна книга.

Според членот 9 од Законот, правата на недвижностите се стекнуваат, пренесуваат, ограничуваат и престануваат со запишувањето во катастарот на недвижностите, ако со закон не е одредено поинаку.

Според членот 10 од Законот, запишувањето на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите e задолжително и се врши по службена должност или по барање на странката. (став 1)

За запишувањето на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите по барање на странката се плаќаат надоместоци, а запишувањето по службена должност е ослободено од плаќање на надоместоци. (став 2)

Висината на надоместоците од ставот 2 на овој член зависи од бројот, обемот и видот на промените во катастарскиот операт и катастар- скиот план кои промени настануваат со бришење, додавање или менување на податоците. (став 3)

Висината на надоместоците од ставот 2 на овој член се утврдува со тарифник кој го донесува Владата на Република Македонија, на предлог на Државниот завод за геодетски работи. (став 4).

Според членот 13 од истиот закон, премерот, катастарот и одржувањето на премерот и катастарот и запишувањето на правата на недвижностите се вршат според одредбите на Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 102 од Законот, геодетските работи за посебни намени во смисла на овој закон се работите кои се од влијание за одржување на премерот и катастарот на недвижностите и тоа:
1) изготвување на геодетски планови за потребите на просторното уредување на земјиштето;
2) парцелација на градежното земјиште во постапката за спроведување на урбанистичките планови;
3) геодетски мерења за потребите при спроведувањето на промените на имотно-правните односи на земјиштето во постапката за експропријација и други постапки и
4) сите други геодетски работи кои се поврзани со одржувањето на премерот и катастарот на недвижностите (став 1).

Геодетските елаборати кои се изготвуваат при вршењето на работите од ставот 1 на овој член можат да се користат откако претходно ќе се заверат во Државниот завод за геодетски работи. (став 2)

За заверка на геодетските елаборати од ставот 2 на овој член изготвувачот плаќа надомест.(став 3)

Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член зависи од формата, обемот и содржината на геодетските елаборати. (став 4)

Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член се утврдува со тарифник кој го донесува Владата на Република Македонија, на предлог на Државниот завод за геодетски работи. (став 5)

Според член 109 од Законот, за користење на податоците од премерот и катастарот на недвижностите се плаќа надоместок. (став 1)

Висината на надоместокот за користење на податоците од ставот 1 на овој член зависи од трошоците за нивното изготвување, формата, содржината и обемот на податоците и степенот на нивната употребливост.(став 2)

Надоместокот од ставот 1 на овој член не се плаќа за потребите на државните органи. (став 3)

Висината на надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува со тарифник кој го донесува Владата на Република Македонија, на предлог на Државниот завод за геодетски работи. (став 4)

Првооспорениот Тарифник за висината на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странка е оспорен со двете иницијативи.

Во однос на наводите во иницијативата поднесесна од Стамен Филипов, Судот утврди дека тие се неосновани од причина што Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 30 мај го донела Законот за изменување и дополнување на Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/2006 од 6 јуни 2006 година), во кој се направени измени и дополнување на повеќе одредби од Законот, согласно Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 194/2005 и У.бр. 232/2005 од 22 март 2006 година.

Меѓу другите, дополнет е и членот 10 во кој се додадени два нови ставови 3 и 4, во кои се утврдени критериумите за определување на надоместоците за запишување во катастарот на недвижностите по барање на странката (став 3) и е определено дека висината на овие надоместоци се утврдува со тарифник кој го донесува Владата на Република Македонија, на предлог на Државниот завод за геодетски работи.

Оттука, произлегува дека оспорениот Тарифник е донесен врз основа на член од Законот кој е изменет, односно има нова содржина во важечката законска одредба, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на овој Тарифник со одредбите од Уставот и Законот за премер, катастар и запишување на правата на недвижностите, на кои се повикува овој подносител на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата на Арјан Ибраим, Судот утврди дека од одредбата на членот 52 од Уставот, произлегува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и тие треба да бидат објавени најдоцна во рок од 7 дена од денот на нивното донесување. Притоа, Уставот само за законите утврдил дека тие можат да влезат во сила најрано 8 ден од денот на објавувањето или по исклучок со денот на објавувањето, а додека за другите прописи не ја утврдил оваа обврска. Според тоа, оспорените тарифници на Владата можеле да влезат во сила наредниот ден по објавувањето, а не и по истекот на рокот од 8 дена како што е тоа предвидено за законите, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот Тарифник со член 52 од Уставот.

Имајќи ги предвид наводите во иницијативата според кои со донесените тарифници двојно се плаќале надоместоци и административни такси, беше направена анализа и на Законот за административните такси.

Имено, согласно член 1 од Законот за административните такси „Службен весник на Република Македонија бр. 17/1993, 20/1996, 7/1998, 13/2001, 24/2003, 19/2004, 61/2004, 95/2005, 7/2006 – исправка и 70/2006), за списите и дејствата во управните работи кај органите на државната управа, органите на општината, органите на општините во Градот Скопје и органите на Градот Скопје се плаќаат административни такси според одредбите на овој закон, доколку со друг пропис поинаку не е уредено.

Според членот 3 од Законот, таксите се плаќаат по таксена тарифа, која е составен дел на овој закон.

Според членот 4, такса не може да се наплатува ако со таксената тарифа не е пропишана, ниту да се наплатува во поголем или помал износ од пропишаниот доколку со друг закон и со меѓународен договор не е определено поинаку.

Според членот 20 од овој закон, ако за вршење на услугите и користење на податоците од областа на премерот и катастарот на недвижностите и премерот и катастарот на земјиштето се пропишани посебни надоместоци, не можат да се наплатуваат административни такси пропишани со тарифа за административните такси.

Во Тарифата на административните такси, која е составен дел на Законот, под точка 5, во тарифните броеви 56 – 62 пропишани се катастарските такси.

Во тарифниот број 56 предвидени се административни такси за спроведување на сите промени во административните делови на катастарски операт, што настанале по која и да било основа, за целосна промена на насловна страна на постоечки или за отворање на нов имотен лист или нов поседовен лист, како и за измена на било кои од индикационите податоци на насловната страна на имотниот лист или на поседовниот лист од секој поединечен случај; за пренос на цели катастарски парцели од еден имотен лист или од поседовен лист во друг, за промена на катастарската култура и класа на цели катастарски парцели од секоја парцела; за промена на катастарска култура и класа на делови од катастарски парцели од секој дел на катастарската парцела; за промена на катастарската култура поради изградба или доградба на згради од секој поединечен случај; за промена поради делба на парцели со или без истовремена промена и на катастарска култура за секоја парцела (реален или идеален дел) од секоја парцела во нова состојба и за издавање други преписи и копии од катастарскиот операт и елаборат од премерот и спроведување на други промени кои не се опфатени со тарифните броеви од 56 до 62.

Во тарифниот број 57 предвидени се административни такси за премерувањата што се вршат по пријави, како и по пријавите во претходната постапка, а кои се однесуваат на делби на одделни поседи, вклучувајќи ги и канцелариските геодетско-технички работи во врска со тие премерувања.

Во тарифниот број 58 предвидени се административни такси за издавање копии од катастарски планови со прецртување

Во тарифниот број 59 предвидени се административни такси за препис од имотниот лист или од поседовниот лист и други делови од катастарски операт или за изводи од нов и за издавање уверение за движење на промени на катастарска парцела во катастарски операт.

Во тарифниот број 60 предвидени се административни такси за издавање на копија на податоци од теренски елаборат од премерот и за издавање на рачно препишани податоци од теренскиот елаборат од премерот.

Во тарифниот број 61 предвидени се административни такси за заверка на копија од план и за заверка на препис и извод од катастарскиот операт

Во тарифниот број 62 предвидени се административни такси за издавање препис или копие на координати со опис на местоположбата

Од анализата на одредбите од Законот за административните такси, произлегува дека административните такси можат да се наплатуваат само доколку се пропишани со Законот за административните такси, односно со таксената тарифа како негов составен дел. Законот, исто така, допушта за вршење на услугите и користење на податоците од областа на премерот и катастарот на недвижностите и земјиштето со друг пропис да се пропишуваат посебни надоместоци. Меѓутоа, со цел да се избегне двојното оптоварување на граѓаните за иста услуга, во членот 20 изрично е предвидено дека ако за вршење на услугите и користење на податоците од областа на премерот и катастарот на недвижностите и премерот и катастарот на земјиштето се пропишани посебни надоместоци, не можат да се наплатуваат административни такси пропишани со тарифа за административните такси. Оттука, за Судот неосновани се наводите на подносителот на иницијативата дека со оспорените тарифници директно се задирало во имотната состојба на граѓаните поради двојното плаќање на надоместоци и административни такси, бидејќи Законот тоа изречно го забранува. Доколку пак тоа е случај во практиката, тогаш станува збор за прашање за примена на законот, што е надвор од надлежноста на Уставниот суд.

Поради наведените причини, во однос на сите три тарифника, Судот не го постави прашањето за нивната согласност со Уставот, од аспект на причините на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 150/2006
1 ноември 2006
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи