Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Уредбата за трговските дејности од мал обем и начинот на нивна регистрација, донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијата од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.84/2006 од 28 септември 2006 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Уредбата означена во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за трговските друштва.
4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 11 од Законот за трговските друштва Владата на Република Македонија на 27 јули 2005 година донела Уредба за трговските дејности од мал обем и начинот на нивна регистрација.
Според член 1 со оваа уредба се уредуваат трговските дејности од мал обем и начинот на нивната регистрација.
Во член 2 од Уредбата е определено дека дејности од мал обем се оние дејности кои ги вршат физички лица во вид на занимање за кои не е задолжително да се врши во простории или на друг вообичаен начин на кој што ги вршат трговските дејности трговците поединци и трговските друштва, туку се врши на определени локации или во движење.
Видови на дејности од мал обем се: трговија на мало со овошје и зеленчук, бижутерија и галантерија, позамантерија, метли и производи од трска, украсни птици, грнчарски производи, сувенири, уметнички слики и предмети, продажба на печени и варени костени, конфекционери, сладолед, печени и варени пченки, мед, семки, кикирики, леблебии, лешници, бадеми, оџачарски услуги, чистење на станови, чистење на вариолајт завеси и ролетни, чистење на обувки, чување на деца (бебиситер), обука на ученици и студенти во простории во сопствен дом.
Дејностите од мал обем кои можат да се вршат на организирани пазари од дејности од став 2 алинеја 1 и 2 како и трговија на мало со: јајца, сирење, домашни преработки (конзервиран зеленчук и слично) кори и кадаиф, доколку се вршат на само едно продажно место и ако дејноста ја врши самиот барател.
Во членот 3 од Уредбата е предвидено кој го поднесува барањето за вршење на дејноста од мал обем како и документите што треба да се приложат кон барањето, а во член 4, пак, е предвидено дека градоначалникот донесува решението по барањето, во кој рок истото се донесува, како и времето на важењето и можноста од продолжување.
Во член 5 од Уредбата е предвидено дека за издадените решенија се води евиденција во општинската администрација, а според член 6, пак, градоначалникот е должен во рок од осум дена од денот на издавање на решението, примерок да достави до Управата за јавни приходи и Агенцијата за вработување.
Во членовите 7 до 14 од Уредбата е уредено во кои случаи се врши бришење од регистарот на вршење на дејност од мал обем, условите под кои се вршат дејностите од мал обем, местото каде може да се врши дејноста од мал обем, надоместокот за доделената локација за вршење на дејноста, данокот за вршење на дејноста од мал обем, работното време во кое се врши дејноста, контролата над вршењето на дејноста и начинот на користење на локацијата.
Судот, исто така утврди дека со Одлука У.бр.177/2005 од 24 мај 2006 година го укинал член 11 став 3 од Законот за трговските друштва во кој било предвидено дека дејностите од мал обем и начинот на регистрација ги утврдува Владата на Република Македонија.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владееењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа на Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 2 од Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” 59/2000, 12/2003 и 55/2005), Владата на Република Македонија како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.
Во член 8 од наведениот закон се утврдени надлежностите на Владата, а во член 35, пак, е утврдено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Во член 36 точка 2 од Законот е предвидено дека со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела на внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта е дефинирана како носител на извршната власт и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесу-вањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека Владата има уставно овластување да донесува подзаконски акти во функција на извршување на законите, особено кога законодавецот препуштил операционализација на законските одредби да се направи со акт на Владата, поаѓајќи од местото и улогата на Владата во системот на организацијата на власта.
Меѓутоа, со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорената уредба е донесена врз основа на одредба од Законот за трговските друштва која не е во правниот поредок, поради фактот што истата не содржела основи и рамки според која Владата би утврдила кои дејности би можеле да се подведат под категоријата дејности од мал обем, Судот оцени дека таа не е во согласност со наведените уставни одредби.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.84/2006
1 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи