136/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 180-а во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата бил дискриминаторски бидејќи ги создавал следниве разлики: на пример, двајца вработени во иста фирма, на исто работно место, со иста плата, која е повисока од поставената основица како горна граница, а кои се разликуваат според тоа што едниот припаѓа на Фондот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, а другиот не. Според подносителот на иницијативата, работодавачите имаат интерес да ги задржат на работа или да ги вработат само оние кои се во Фондот од оспорената одредба, заради плаќање на помал придонес за пензиско и инвалидско осигурување, со што се создава нееднаквост меѓу вработените граѓани. Подносителот наведува дека претходно не постоела ваква дискриминаторска одредба во овој закон и одредбата се однесувала на сите осигуреници подеднакво.

Подносителот на иницијативата смета дека на оспорената одредба не и е местото во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, туку во Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија бр. 29/2002, 85/2003, 40/2004 и 113/2005).

Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба е неопределена и дека е нејасно од кои причини основицата за пресметување и плаќање на придонесот не може да биде повисока од три просечни плати, како што тоа било предвидено за физичките лица во членот 180 став 3 од Законот, односно зошто оваа основица не е иста по висина како и кај другите осигуреници.

Подносителот на иницијативата смета дека утврдените права од социјално осигурување по овој основ не се однесуваат еднакво на сите осигуреници, со што се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста од член 8 став 1 алинеи 3 и 8, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9, членот 34, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Поради изнесеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 180-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 180-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за осигурениците кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, основица за осигурување и плаќање на придонесот од плата, односно основица на осигурување, не може да биде повисока од три просечни плати по работник во Републиката објавени во тековниот месец.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Врз основа на овие уставни одредби, системот на пензиското и инвалидското осигурување е уреден со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според член 1 од Законот, со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување.

Според членот 2 од Законот, системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:
-задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност;
-задолжително капиталното финансирано пензиско осигурување и
-доброволно капиталното финансирано пензиско осигурување.

Задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску ќе се уредат со посебни закон.

Според член 3 од Законот, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основ на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, намалување или губење на работната способност, смрт и телесно оштетување.

Според членот 4 од Законот, правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Во членот 5 од Законот, се утврдени правата од пензиското и инвалидското осигурување, меѓу кои е и правото на старосна пензија.

Во членовите 11 до 15 од Законот, се определени осигурените лица опфатени со пензиското и инвалидското осигурување.

Основите на капиталното финансирано пензиско и инвалидско осигурување се уредени во Глава VII од Законот.

Така, според член 131 од Законот, со задолжително капитално финансирано пензиско осигурување се опфаќаат осигурениците од членовите 11, освен индивидуалните земјоделци обврзници на данок од приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци), 12 и 13 на овој закон, кои првпат во задолжително пензиско и инвалидско осигурување пристапиле од 1 јануари 2003 година, освен осигурениците од Глава IV – Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови.

Според член 132 од Законот, осигурениците од членовите 11, освен индивидуалните земјоделци обврзници на данок на приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци), 12 и 13 на овој закон, кои биле опфатени со задолжително пензиско и инвалидско осигурување до 1 јануари 2003 година, можат по сопствен избор да се вклучат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, освен осигурениците од Глава IV-Стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови.

Според член 132-а од Законот, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се распределува и тоа 65% за задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и 35% за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Според член 132- б од Законот, осигуреникот кој задолжително плаќа придонес за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување има индивидуална сметка и е член во приватен пензиски фонд (став 1).

Пензијата од задолжително капитално финансирано пензиско осигурување зависи од акумулираните придонеси и остварениот принос од инвестираните акумулирани придонеси по одбивањето на трошоците (став 2).

По остварувањето право на старосна пензија, од задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска соли-дарност, средствата на осигуреникот од индивидуалната сметка се пренесуваат во посебна институција овластена за исплата на пензии (став 3).
Основањето и работењето на институциите од став 3 на овој член се уредува со посебен закон (став 4).

Според член 132-в од Законот, кога осигуреникот ќе оствари право на инвалидска пензија или семејна пензија од задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, приватниот пензиски фонд ги пренесува акумулираните придонеси и остварениот принос на Фондот за исплата на инвалидската, односно семејната пензија.

Според член 180 став 1 од Законот, основица за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, како и за стажот на осигурување кој се смета со зголемено трење, претставува бруто плата, во која се содржани придонесите и даноците што се плаќаат од платата. Во натамошните ставови на овој член е определено што претставува основица за пресметување и плаќање на придонесот, односно основицата за осигурување за одделните категории на осигурени лица.

Според ставот 10 на член 180, основицата за пресметување и плаќање на придонесот, односно основицата за осигурување, не може да биде пониска од 65% од просечната нето плата по работник во Републиката објавена во тековниот месец.

Според оспорениот член, 180-а, за осигурениците кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, основица за осигурување и плаќање на придонесот од плата, односно основица на осигурување, не може да биде повисока од три просечни плати по работник во Републиката објавени во тековниот месец.

Во член 33 од Законот, содржани се одредби кои се однесуваат на висината на старосната пензија. Така според ставот 1 на овој член, старосната пензија за осигурениците од член 131 на овој закон се утврдува од пензиската основа во проценти определени зависно од должината на пензискиот стаж која за секоја година пензиски стаж изнесува 0,75% (маж), односно 0,86% (жена) од пензиската основа, а за пензиски стаж пократок од 1 година, а најмалку шест месеци изнесува 0,375 % (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основа.

Според ставот 2 на овој член, старосната пензија за осигурениците од член 132 на овој закон се утврдува од пензиската основа во проценти кои за секоја година исполнет пензиски стаж до нивната уплата на придонесот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување изнесуваат 2,33% (маж), односно 2,60% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 1,165 % (маж), односно 1,30% (жена), но најмногу 11,65% (маж), односно 13,00% (жена) од пензиската основа. За секоја натамошна година пензиски стаж исполнет по нивната уплата на придонесот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, пензијата се определува во висина од 0,75% (маж), односно 0,86% (жена), а за пензиски стаж пократок од една година, а најмалку шест месеци изнесува 0,375% (маж), односно 0,43% (жена) од пензиската основа.

Согласно член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2000), за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во член 65 став 1 на овој закон од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во предходната година зголемена за 2,7 пати.

Со измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување од март 2000 година, отпочна реформата на пензискиот систем преку воведување на тростолбен пензиски систем.

Првиот и вториот столб го сочинуваат задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, при што првиот столб се темели врз генерациска солидарност и е тековно финансиран, односно служи за обезбедување на пензиите на постојните пензионери. Вториот столб е капитално финансиран, односно се состои од индивидуални сметки во кои вработените осигуреници депонираат дел од нивните придонеси кои се инвестираат на пазарот на капитал и акумулираат камата, и по пензионирањето се користат како извор на пензионерскиот приход, односно служат за обезбедување на пензијата во иднина. Третиот столб претставува добороволно пензиско осигурување кое во целост е капитално финансирано.

За лицата кои ќе останат осигурани само во првиот столб на пензискиот систем, при пресметката и исплатата на пензиите законот предвидува ограничување на максималниот износ на пензијата кој изнесува 2.7 пати по 80% од просечната плата остварена во нестопанството. (член 28 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од март 2000 година („Службен весник на Република Македонија бр. 24/2000).

За оние осигуреници кои ќе се вклучат во двостолбниот систем, пензија ќе се исплаќа и од првиот и од вториот столб, при што за овие осигуреници со оспорената одредба од член 180-а од Законот, се воведува ограничување на максималната основица за пресметување и плаќање на придонесот која изнесува 3 просечни плати по работник во Републиката.

Тргнувајќи од тоа дека согласно Уставот, правото на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните, а во тие рамки и на пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредува со закон и колективен договор, право е на законодавецот во оваа сфера да ги утврдува видовите на права, условите за стекнување, висината, начинот на стекнување и користење на правата и други прашања кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните. Во таа смисла, право на законодавецот е да ја утврди и висината на пензиската основица, како и висината на најниската односно највисоката пензија, водејќи при тоа сметка законските решенија еднакво да се однесуваат на граѓаните односно осигурениците кои се наоѓаат во еднаква правна положба.

Оттука, според Судот, неосновани се наводите во инцијативата дека оспорената одредба е дискриминаторска поради тоа што не се однесува на сите осигуреници подеднакво, од причина што осигурениците кои ќе останат осигурани само во првиот столб на пензискиот систем и оние кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување не се наоѓаат во еднаква правна положба.

Задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност функционира врз принципот на меѓугенерациска солидарност, при што лицата со повисоки приходи плаќаат за лицата со пониски приходи. Имено, лицата кои имале високи плати и плаќале придонес на цел износ, сепак добиваат пензија чија висина со законот е ограничена, а не пензија која соодветствува на уплатата. Утврдувајќи ја највисоката пензија, законодавецот се раководел токму од начелото на социјалната праведност со цел пензијата на одделни осигуреници да се определува зависно од реалните финансиски можности на Републиката, а не од нивната пензиска основа, а притоа и со вака определената пензија на оваа категорија граѓани да не им се наруши материјалната и социјалната сигурност. Според тоа, не е случајна и определбата на законодавецот во овој закон да го вгради начелото на социјалната праведност како основно начело врз кое се заснова и целиот систем на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување (член 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување).

Во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, сите уплатени придонеси кои се акумулираат се водат на индивидуална сметка на членот и му припаѓаат на членот по исполнувањето на условите за пензионирање. На тој начин и пензијата на оваа категорија на осигуреници е во непосредна зависност со обемот на вложените средства. Меѓутоа, со оглед на тоа што средствата се инвестираат, односно акумулираат и создаваат принос кој не може однапред да се определи бидејќи зависи од идни и честопати неизвесни настани, за оваа категорија на осигуреници не е можно однапред ограничување на висината на пензијата, поради што со оспорената одредба од Законот се воведува ограничување на највисоката основица, што индиректно значи лимитирање на пензијата.

Токму заради обезбедување на еднаквост на граѓаните, постои ограничување за сите осигуреници во пензискиот систем, со таа разлика што за осигурениците во едностолбниот систем има ограничување на пензијата, додека за осигурениците во двостолбниот систем има ограничување на највисоката основица за плаќање на придонес, што индиректно значи и лимитирање на идната пензија. Со воспоставувањето на тростолбниот пензиски систем, ќе се даде можност на лицата со повисоки плати да плаќаат дополнително, заради остварување повисиоки идни пензии.

Значи законското лимитирање на основицата за пресметување и плаќање на придонесот од плата, односно основицата на осигурување, на три просечни плати по работник во Републиката, се однесува за сите граѓани, односно осигуреници што се наоѓаат во еднаква правна положба, односно на сите осигуреници кои ќе пристапат во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување поради што, според Судот, не можат да бидат прифатени приговорите на подносителот на иницијативата, дека се вршело дискриминација помеѓу осигурениците.

Поради наведените причини, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 180-а од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 136/2006
1 ноември 2006
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи