117/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 24 став 5, во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точка 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за медијација во членот 24 предвидел дека во случај кога од постапката за медијација произлегуваат трошоци за странките, тие треба да бидат разумни и соодветни на значењето и вредноста на предметот на спорот и на обемот на работа на медијаторот.

Секоја страна ги сноси своите трошоци од постапката за медијација, освен ако странките поинаку не се спогодат.

Наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот ги покриваат страните на еднакви делови, освен ако страните поинаку не се договорат.

Наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот во постапката за медијација се определуваат со Тарифник.

Тарифникот го донесува Комората на медијатори, по претходно прибавено позитивно мислење на министерот за правда (оспорен дел). Тарифникот се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Постапката за медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон или во случај на медијација што се спроведува во суд.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенијја и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Согласно член 56 став 1 од истиот закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Согласно член 61 став 1 од Законот, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Принципите на медијацијата, како алтернативен начин на решавање на спорови, условите за медијатор, постапката на медијација и организирањето на медијаторите, се уредуваат со Законот за медијација.

Според членот 2 на овој закон, медијацијата е вонсудска постапка за решавање на спорови врз слободно изразена волја на страните со помош на трето неутрално лице – медијатор, кое нема право да неметне решавање на спорот.

Според членот 3 став 1 од овој закон, страните во спорот доброволно ја поведуваат и учествуваат во постапката за медијација и во секое време можат да се откажат од истата.

Според членот 10 став 1 од истиот Закон, кој е смесетен во Глава III со наслов „Медијатор“, медијатор е физичко лице кое им помага на странките да постигнат спогодба, без право да наметне решение на спорот, во согласност со принципите на медијацијата.

Според ставот 2 на членот 10 од Законот, медијатори можат да бидат адвокати, дипломирани правници или лица од друга професија во зависност од видот на спорот, кои завршиле обука за медијатори и ги исполнуваат условите од членот 11 на овој закон.

Според член 11 од овој закон медијаторот мора да ги исполнува следниве услови:

1) да има диплома за завршено високо образование;
2) да има најмалку пет години работн искуство;
3) да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност;
4) да има сертификат изададен од Комората на медијатори за завршена обука според Програмата за обука на медијатори. Програмата за обука на медијатори и Образецот за завршена обука за медијатор ќе ја донесе министерот за правда и
5) да биде запишан во Именикот на медијатори.

Во спорови со странски елемент, медијатор може да биде и странски државјанин, доколку е овластен да врши медијација во матичната држава, по принципот на реципроцитет и во согласност со страните во спорот.

Обуката за медијатори ја спроведува Комората на медијатори.

Трошоците за обука на медијатори ги сноси кандидатот кој ја посетува обуката за медијатори.

Во Главата IV со наслов „Постапка за медијација“ е содржан членот 13 во чиј став 1 се предвидува дека медијацијата започнува на денот кога странките во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијацијата.

Согласно член 17 став 1 од Законот, пред почетокот на постапката за медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со принципите, правилата и трошоците на постапката.

Тршоците на постапка за медијација и награда на медијатторот се регулирани во оспорениот член 24 од Законот.

Во ставот 4 од членот 24 е предвидено дека наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот во постапката за медијација се определуваат со Тарифник.

Според оспорениот став 5 на овој член од Законот, Тарифникот го донесува Комората на медијатори, по претходно прибавено позитивно мислење на министерот за правда. Тарифникот се објавува во „Службен весник на Република Македонија“.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена рзлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Имајќи ги во вид наведените уставни и законски одредби во корелација со оспорениот дел од одредбата на член 24 од Законот, според Судот овластувањето на Комората на медијација, по прибавено мислење на министерот за правда, да ги определува наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот во постапката за медијација, нема уставна основа.

Ова, пред се од причина што од целината на Законот за медијација не произлегува дека во истиот се содржани општи критериуми и параметри за определување на висината на трошоците за преземените дејствија на медијаторот во постапката за медијација. При ваква состојба, се доаѓа до констатација дека со пропишувањето на Тарифникот, од страна на Комората на медијатори, а по прибавено мислење на министерот за правда се утврдуваат и критериумите за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот, што согласно Уставот е надвор од ингеренциите на извршната власт.

Оттука, даденото овластување со оспорената законска одредба, значи навлегување на извршната во законодавната власт со што се повредуваат темелните вредности на Уставот, поради што оспорената одредба не е во согласност со наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2006
1 ноември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи