134/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за состојбите во Јавното претпријатие „Исар“-Штип, бр. 0701-1664/1 од 24 мај 2006, донесена од советот на општина Штип (“Службен гласник на општина Штип” бр.9/2006).

2. Панде Сарев, градоначалник на општина Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со донесувањето на оспорената одлука, Советот на општина Штип ги пречекорил законските овластувања и навлегол во надлежностите на градоначалникот на општината.
Имено, Советот на општина Штип, на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донел Одлука за состојбите во Јавното претпријатие „Исар“-Штип, со која го задолжил градоначалникот на општината, во рок од 8 дена да распише јавен конкурс за избор на директор на Јавното претпријатие. Исто така, со оспорената одлука се задолжувале стручните служби на Советот да покренат постапка пред Министерството за локална самоуправа и Републичкиот инспектор за управни работи за поништување на Решението за именување вршител на должноста директор на Јавното претпријатие „Исар“.

Градоначалникот на општината, сметајќи дека со оспорената одлука, спротивно на член 50 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа и член 23 став 3 од Законот за јавни претпријатија, се повредувало правото на градоначалникот да избира директори на јавните служби кои ги основала општината, како и спротивно на член 50 став 1 точка 13 од Законот за локалната самоуправа и член 23 и 24 од Законот за државните службеници, се повредувало правото на градоначалникот да раководи со општинската администрација, донел решение со кое наведената одлука ја запрел од објавување.

Со оглед дека Советот на општината донел заклучок за неприфаќање на Решението за запирање на објавувањето на Одлуката и Одлуката ја потврдил, Одлуката била објавена , по што градоначалникот, согласно член 51 од Законот за локалната самоуправа, ја поднел оваа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, предлагајќи му на Уставниот суд истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Штип, на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донел Одлука за состојбите во Јавното претпријатие „Исар“-Штип, бр. 0701-1664/1.

Со член 1 од Одлуката се утврдува дека градоначалникот на општина Штип, со непреземање на благовремени мерки за распишување на јавен конкурс за избор на директор на Јавното претпријатие „Исар“-Штип, го довел претпријатието во состојба да остане без директор од 27 април 2006 година.

Според член 2 од истата одлука, градоначалникот спротивно на член 50 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа, извршил именување на вршител на должноста директор.

Согласно член 3 од Одлуката, се задолжува градоначалникот врз основа на член 50 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа во рок од 8 дена да распише јавен конкурс за избор на директор на Јавното претпријатие „Исар“-Штип, а со член 4 од Одлуката, се задолжуваат стручните служби на Советот да покренат постапка за поништување на Решението за именување вршител на должноста директор на ЈП „Исар“-Штип, број 08-1433/1 од 4 мај 2006 година пред Министерството за локална самоуправа и пред Републичкиот инспектор за управни работи.

Според член 5 од истата одлука, оваа одлука влегува во сила со објавувањето во „Службен гласник на Општина Штип“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а притоа имајќи ја предвид содржината, односно прашањата на кои се однесува оспорената одлука, Судот оцени дека Одлуката не претставува пропис подобен за уставносудска оцена.

Имено, оспорената одлука, иако е донесена од Советот на општина Штип, не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, со оглед на тоа што не содржи никакви правни норми со кои на општ начин се регулираат определени прашања или односи за неопределен број субјекти, туку со неа се констатираат одредени состојби во конкретно јавно претпријатие во општината, предизвикани со неспроведување постапка за избор на директор, што според Судот, на Одлуката и дава карактер на конкретен, поединечен акт, а не на пропис подобен за уставносудска оцена.

Со оглед на фактот што оспорената одлука нема карактер на пропис, туку претставува конкретен, поединечен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот и законот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Во однос на наводите за судирот на надлежностите помеѓу органите на општината, Уставниот суд, исто така, не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи, и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.134/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи