148/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за потврдување на Одлуката за укинување на Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет, бр. 07-3588/10 од 1 август 2006 година („Службен гласник на општина Аеродром“, бр. 10/2006).

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точка 1 на ова решение.

Подносителот на иницијати­вата смета дека донесувањето на оспорената одлука со која се потврдува укинувањето на Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет, ќе имало за последица закажување на огромен број на седници на Советот на општина Аеродром, што претставувало директно кршење на член 39 од Законот за локалната самоуправа, со кој се предвидува дека денот, часот и местото на одржување на седниците на советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи задолжително се објавуваат најдоцна седум дена пред денот на одржување на седницата. Со член 59 од Деловникот на Советот на општина Аеродром, било предвидено дека покана за седница на Советот им се испраќа на сите членови на Советот, најдоцна седум дена пред денот определен за одржување на седницата. Заедно со поканата, на членовите на Советот им се доставувал предлог на дневен ред и соодветен материјал за прашањата што се предлагаат на дневен ред. Имајќи предвид дека пред одржувањето на секоја седница на Советот од страна на стручните служби во општинската администрација се изготвуваале материјали по кои ќе се расправа на седницата, објективно било невозможно одржување на повеќе од три едници на Советот месечно, што било предвидено со Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет.

Со оглед на наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд оспорената одлука да ја поништи како спротивна на Законот за локалната самоуправа и Деловникот на Советот на општина Аеродром.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром, на својата Триесетишеста седница одржана на 19 јули 2006 година, донел Одлука за укинување на Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет, бр. 07-1767/4.

Градоначалникот на општина Аеродром, согласно член 51 од Законот за локалната самоуправа, донел Решение бр. 08-3485/1 од 24 јули 2006 година, со кое го запрел објавувањето на наведената одлука.

На Триесетиседмата седница одржана на 31 јули 2006 година, Советот на општина Аеродром донел Одлука за потврдување на Одлуката за укинување на Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет, број 07-3588/10.

Со член 1 на оваа одлука, се укинува Одлуката за утврдување на најголем број одржани седници на Совет, број 07-1767/4 донесена на 27 април 2006 година.

Согласно член 2 на Одлуката, оваа одлука стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

Одлуката е објавена во „Службен гласник на општина Аеродром“, број 10/2006.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорената одлука има карактер на конкретен, интерен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истата не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека истата претставува конкретен акт донесен од Советот на општината кој се однесува на организациски прашања во врска со одржување на седници на советот на општината, од што произлегува дека Одлуката, по својата форма и содржина претставува конкретен, интерен акт со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, поради што не се исполнети условите, Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата.

Со оглед дека Одлуката нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.148/2006
3 октомври 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи