Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 во делот „и судската власт“ од Законот за еднакви можности на жените и мажите („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2006).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 во делот „и судската власт“ од законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот дел од одредбата се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и се повредувале одредби од член 51 и 98 став 1 и 2 од Уставот. Ова затоа што судската власт суди врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не усвојува или донесува какви било мерки. Оттука, позитивните мерки од член 6 од наведениот закон не можеле да ги усвојува и судската власт, бидејќи за тоа не била овластена со Уставот, односно Уставот не допушта судската власт да ја води политиката и да врши работи од член 6 што може да се заклучи и од Глава 4 од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 8 став 1 од Законот за еднакви можности на жените и мажите поместен во Глава III „Усвојување на посебни мерки за воспоставување на еднакви можности“ е предвидено дека позитивните мерки од членот 6 на овој закон се усвојуваат „од органи на законодавната, извршната и судската власт“ (оспорен дел) во согласност со организационата поставеност и начинот на работа, друго тело во јавниот сектор, јавни претпријатија, политички партии и граѓанскиот сектор.
4. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3, 4 и 11 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 1 од Универзланата декларација за правата на човекот („Службен весник на Република Македонија“ бр.57/1993) сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правaтa. Тие се обдарени со разум и свест и едни спрема други треба да се однесуваат во духот на општо човековата припадност.
Според член 2 став 1 од наведената декларација, секому му припаѓаат сите права и слободи наведени во ова декларација без оглед на нивните разлики во поглед на расата, бојата, полот, јазикот, религијата, политичкото и друго мислење, националното или општественото потекло, сопственоста, раѓањето или други околности.
Во членот 7 од Декларацијата е предвидно дека сите луѓе се еднакви пред законот и на сите без каква и да е дискриминација им припаѓа еднаква заштита со закон. На сите им припаѓа еднаква заштита од каква и да е дискриминација што е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриминација.
Во членот 1 под а) од Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација на жените е предвидено дека државите членки ја осудуваат дискриминацијата на жената и, покрај другото, доколку тоа веќе не го сториле, се обврзуват да го внесат принципот на рамноправност на мажите и жените во своите национални устави или во соодветните закони, како и со законски или други соодветни мерки да обезбедат, практична примена на тој принцип.
Според член 3 од наведената конвенција државите членки во сите области, посебно во политичката, општествената, економската и културната, ги преземаат сите погодни мерки вклучувајќи ги и законодавните, заради обезбедување целосен развој и напредок на жените за рамноправно со мажот да им се гарантира остварување и уживање на правата на човекот и на основните слободи.
Според член 4, пак, од Конвенцијата усвојувањето на посебни привремени мерки од страна на државите членки што имаат за цел да се забрза остварување на рамноправноста на мажите и жените de facto не се смета за дискриминација, но на кој и да е начин не смее да има за последица нееднакви или различни мерила, а овие мерки ќе престанат да важат кога ќе се оствари целта на сите да им се дадат еднакви можности и третмани.
Во член 5 под а) од наведената конвенција е предвидено дека државите членки ги преземаат сите погодни мерки заради измена на општествените и културните обичаи во поглед на однесувањето на мажите и жените за да се отстранат предрасудите како и вообичаената и секоја друга практика заснована врз сфаќањето за инфериорност или супериорноста на едниот или другиот пол или за традиционалната улога на мажите, односно жените.
Имајќи ја предвид содржината на Универзалната декларација за правата на човекот, која претставува заеднички стандард кон кој се стремат сите народи во остварувањето на основните човекови права и слободи, како и другите меѓународни докуменит кои Република Македонија ги прифатила и кои станале дел од внатрешниот правен поредок, донесен е Законот за еднакви можности на мажите и жените.
Со овој закон се уредуваат основните и посебните мерки за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите, надлежностите, задачите и обврските на одговорните субјекти за обезбедување на еднакви можности, постапка за утврдување нееднаков третма на жените и мажите, правата и должностите на застапеност, како и правата и обврските на субјектите кои учествуваат во таа постапка.
Прашањата од значење за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите се уредуваат со овој и друг закон.
Целта на донесување на наведениот закон е промовирање на принципот за воспоставување еднакви можности за жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната област, како и во другите области на општествениот живот.
За промовирање на наведениот принцип и воспоставување на еднакви можности, што е обврска на целото општество, со наведениот закон се предвидени основни и посебни мерки.
Според член 5 од Законот, основни мерки за остварување на принципот на еднакви можности се нормативни мерки од различни области со кои се забранува дискриминација врз основа на пол и се предвидува обврска за субјектите утврдени со овој закон за грижа и создавање на услови за обезбедување на еднаков третман во остварувањето и заштита на правата и слободите и со кои се предвидуваат санкции за непочитување на барањата и прекршување на забраните.
Според став 2 на наведениот член од Законот, покрај нормативните мерки од различни области, основни мерки се и мерките поврзани со креирање и остварување на политиките, функциите и надлежностите на органите на законодавната, извршната и судската власт, органите на единиците на локалната самоуправа, правните лица на кои со закон им е доверено вршење дејности од јавен интерес, здруженија на граѓани и фондации, образовните установи, установите во областа на социјалната заштита, здравствените установи, научни, културни установи, политичките партии и средствата за јавно информирање, насочени кон воспоставување на еднакви можности од аспект на информирање на индивидуата и јавните програми на активности и развојни стратегии за посебните области на општествениот живот.
Во членот 7 од Законот е предвидено дека посебните мерки се усвојуваат во областа на образованието, вработувањето, професионалниот живот, јавната и политичката активност и на други места во рамките на посебните области на општествениот живот.
Во членот 6 став 1 и 2, пак, од Законот е предвидено дека посебни мерки се насочени кон воспоставување на еднакви можности како и промовирање и унапредување на еднакви можности во посебни области на општествениот живот.
Во ставот 3 алинеја 1 на член 6 од Законот е предвидено дека посебните мерки од ставот 1 вклучуваат позитивни мерки со кои се дава приоритет, во случај на нееднакво учество на жените и мажите во телото на власта на сите рамништа, вклучувајќи ја судската, законодавната и извршната власт, локалната самоуправа како и сите други јавни установи и служби, политичките функции, комисии и одбори, вклучувајќи и учествување во телата што ја претставуваат државата на меѓународно рамниште додека еднаквото учество не биде постигнато. Нееднаквото учесто на жените и мажите постои кога застапеноста на жените и мажите во телата на власта на сите рамништа, вклучувајќи ја судската, законодавната и извршната власт, локалната власт како и сите други јавни установи и служби, политичката функција, комисии и одбори, вклучувајќи и учествување во телата што ја претставуваат државата на меѓународно рамниште е помало од 40%. Во ставот 3 алинеја 2 и 3 се предвидени посебни охрабрувачки и програмски мерки.
Во членот 8 став 1 од Законот е предвидено дека позитивни мерки од член 6 на овој Закон се усвојуваат од органите на законодавната, извршната и судската власт во согласност со организационата поставеност и начинот на работа, други тела во јавниот сектор, јавни претпријатија, политички партии и граѓанскиот сектор.
Субјектите од ставот 1 на овој член се должни да преземат позитивни мерки во рамките на периодичните планови за унапредување на родовата еднаквост и воспоставување на еднакви можности засновани врз анализа за статусот на жените и мажите во рамките на нивното поле на дејствување.
Од анализата на целината како и од наведените одредби од Законот произлегува дека, за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите, како и за нивно унапредување во посебните области на општествениот живот во кои е утврдено нееднаква застапеност на двата пола или нееднаков статус, се пропишуваат посебни мерки коишто вклучуваат позитивни, охрабрувачки и програмски мерки кои во согласност со организационата поставеност и начинот на работа се усвојуваат од органите на законодавната, извршната и судската власт.
Имајќи го предвид наведеното, според Судот наводите во иницијативата поради кои се оспорува член 8 став 1 во делот „и судска власт“ се неосновани и неаргументирани, односно оспорениот дел од одредбата не може да биде доведен во корелација со уставните одредби на кои се повикува подносителот, а според кои се доведува во прашање начелото на владеење на правото, како и начелото на поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Имено, со оспорената одредба не се навлегува во надлежност на судската власт, односно во извршувањето на надлежностите на судовите утврдени со закон, туку напротив како што произлегува и од самиот закон, усвојувањето на посебни мерки кои во себе вклучуваат позитивни, охрабрувачки и програмски мерки, утврдени со овој закон и други закони во посебните области на општествениот живот треба да придонесе во отстранувањето на објективните пречки кои доведуваат до нееднаква застапеност на жените и мажите и мерки со кои се дава приоритет во случај на нееднакво исполнување на пропишаните стандарди и услови на лицата од полот што е помалку застапен или кои имаат нееднаков статус.
Со усвојување на позитивни мерки покрај другите и од страна на судската власт, а во согласност со организационата поставеност и начинот на работа се овозможува промовирање и воспоставување на принципот на еднаквоста меѓу мажите и жените при вработувањето, професионалното ангажирање, едукацијата и другите активности на лицата кои се вклучени во извршување на судската власт без оглед на полот.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 8 став 1 во делот „и судската власт“ не може да биде доведен под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на одредбите со Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.120/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи