158/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на користење на недвижна ствар бр.19-2832/11 од 7 јуни 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2006) донесена од Владата на Република Македонија.

2. Клубот за гимнастика и рекреација „Партизан Чаир“ – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во конкретниот случај објектот, предмет на оспорената одлука, никогаш не бил користен од ниту еден државен орган. Подносителот на иницијативата наведува дека траен корисник на објектот бил подносителот на иницијативата кој вложувал во овој објект како за одржување така и за негово непречено функционирање со што објектот се здобил со значително поголема употребна вредност.

Со донесување на оспорената одлука, според иницијативата, погрешно е применет Законот за користење и располагање со стварите на државните органи и со тоа биле ставени во нерамноправна положба другите правни субјекти.

Врз основа на наведеното, се предлага да се укине оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 3 (три) члена.

Во член 1 е предвидено дека недвижната ствар-објект спортска сала ДТВ Партизан, евидентирана во Поседовен лист бр.8464 и КП.12440, сопственост на Република Македонија, се дава на користење на општина Чаир.

Членот 2 предвидува дека на општина Чаир недвижниот имот од член 1 се дава заради развој на локален и масовен спорт на своја територија, а членот 3 предвидува дека ваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, според Судот таа не е пропис во смисла на член 110 од Уставот бидејќи со неа се дава на користење точно утврден објект. Всушност оспорената одлука претставува поединечен акт кој има правно дејство само за еден субјект, а не и за другите учесници во правниот промет, односно не делува врз неопределен број субјекти. Со давањето на користење на точнно определена недвижност на општината Чаир, фактички дејството на оспорената одлука се исцрпува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.158/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи