Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ член 1 во делот кој се однесува на налогот за блокада на средствата и член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива поднесена од Панче Нефтенов од Скопје со Решение У.бр.79/2006 од 14 јуни 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука и го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија што се донесени односно преземани врз основа на тие одредби од Законот. Ова решение е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2006.
5. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет, во Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 52/2001, 103/2001, 37/2002, 41/2002, 61/2002 и 42/2003), во членот 2 алинејата 11 се менува и гласи:
„Налог за блокада на средства“ е налог во писмена форма со кој се врши блокада на средствата од сметка на учесникот-должник, издаден од Министерството за финансии за пристигнати, а ненаплатени побарувања пренесени со закон (оспорен дел).
Со членот 5 од овој Закон, член 17 став 1 се менува и гласи:
„Министерството за финансии, дава налог за блокада на средства за пристигнатите, а ненаплатени побарувања кои на Министерството за финансии му се пренесени со закон до носителот на платниот промет каде што учесникот во платниот промет има сметка“.
Судот на седницата, исто така, утврди дека со Одлука У.бр.204/2005 од 1 февруари 2006 година, меѓу другите, ги укина членот 17-а и член 2 алинеја 11 од Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001), со сите изменувања и дополнувања објавени заклучно во „Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2003.
Означената одлука на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.16 од 8 февруари 2006 година, од кога таа и произведува правно дејство.
Со оглед на тоа што Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет со кој се изменети, меѓу другото, член 2 алинеја 11 и член 17-а став 1, е влезен во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а тоа е 9 февруари 2006 година, не сметајќи го денот кога е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ (1 февруари 2006), Судот утврди дека со овој закон членовите 2 алинеја 11 и 17-а став 1 од Законот повторно се вратени во правниот поредок само еден ден по нивното укинување со означената одлука на Судот, затоа што таа всушност произведува правно дејство од 8 февруари 2006 година, кога е објавена во „Службен весник на Република Македонија“. Притоа, Судот констатира дека членот 17-а, после Одлуката на Судот со која е укинат целиот овој член (и ставот 1 и ставот 2) не може да има став 1, туку има третман на единствена одредба, без ставови.
6. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Во членот 55 став 1 од Уставот, како една од основите на економските односи во Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Во ставот 2 на истиот член од Уставот, меѓу другото, е утврдено дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според овој Амандман на Уставот, исто така, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Платниот промет во земјата е уреден со Законот за платниот промет, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива во однос на напред означените одредби од Уставот.
Поимот “платен промет” употребен во Законот за платниот промет, според членот 2 на овој закон означува плаќања во денари што ги вршат учесниците во платниот промет преку носителите на платниот промет.
Според членот 3 од Законот, носители на платниот промет се Народната банка на Република Македонија и банките кои добиле дозвола за вршење на платен промет согласно со закон.
Учесникот во платниот промет (а тоа е секое домашно или странско правно и физичко лице кое врши регистрирана дејност или друго физичко лице, кое врши плаќање во денари преку носителите на платниот промет) согласно член 9 од Законот може да има повеќе сметки кај еден носител на платниот промет, како и да има сметки кај повеќе носители на платниот промет.
Според членот 16 од Законот, носителот на платниот промет е должен да ги извршува решенијата за присилна наплата во согласност со закон. Во случај да има повеќе решенија за присилна наплата истите се заведуваат во евиденции според датумот и времето на нивното пристигнување и по истиот редослед се извршуваат. Овие одредби се однесуваа и во поглед на налозите за блокада на средствата пред означената интервентна одлука на Судот.
Инаку, поимот “Решение за присилна наплата” употребен во Законот за платниот промет, според членот 2 алинеја 9 на овој закон го има значењето на правосилна судска одлука за дозвола за извршување, извршно решение за казна за прекршок, извршно решение за јавни давачки или решение на други органи овластени со закон.
Начинот, пак, на извршување на решението за присилна наплата од страна на носителот на платниот промет на кој му е доставено, е уреден во член 17 од Законот. Според став 2 на овој член кој, исто така, е изменет со Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006), носителот на платниот промет го извршува решението за присилна наплата од сите расположливи средства од учесникот во планиот промет – должник кај носителот на платниот промет.
Разгледувајќи ги оспорените законски одредби во контекст на наведените и другите одредби од Законот за платниот промет произлегува дека по укинувањето на членот 17-а и другите одредби од Законот со означената одлука на Судот, со оспорениот дел на членот 1 и членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет, режимот за присилна наплата на пристигнати, а ненаплатени побарувања преку носителите на платниот промет повторно се уредува на различен начин зависно од субјектот на побарувањето. Така, за наплата на своите побарувања законодавецот го овластил Министерството за финансии директно да издава налози за блокада на средства до носителот на платниот промет каде што учесникот во платниот промет има сметка, за разлика од наплатата на побарувањата на учесниците во платниот промет, исто така, од сметките што се водат кај носителите на платниот промет, во кои случаи Законот предвидува постоење на решение за присилна наплата, со значење што овој термин го има во смисла на овој закон.
Од наведеното произлегува дека Министерството за финансии, а со тоа и државата, како посебен субјект, со оспорените законски одредби се ставени во привилегирана положба во однос на другите субјекти – учесници во платниот промет, затоа што, според овие одредби Министерството без соодветна постапка за докажување на основаноста на своето побарување и без постоење на посебна одлука (решение) од страна на надлежен орган за тоа, само со издавање на налог за блокада на средствата може да обезбеди наплатување на своето побарување. Тоа не е случај за субјектите кои во смисла на овој закон се сметаат за учесници во платниот промет, па ниту за другите државни органи, кои, исто како и Министерството за финансии во име на Републиката имаат или можат да имаат побарувања по разни основи од учесниците во платниот промет. Имено, во сите овие случаи законодавецот индиректно инсистира на потребата од постоење на извршен наслов кој што претходи на решението за присилна наплата во смисла на членот 2 алинеја 9 од Законот.
Освен тоа, според Судот ваквиот двоен режим на уредување на ова прашање ги доведува и самите учесници во платниот промет во меѓусебна нееднаква положба, односно ги третира различно во зависност од субјектите во однос на чие побарување се јавуваат како должници.
Поради наведените причини, Судот смета дека со оспорените законски одредби не само што се повредува принципот на владеењето на правото, туку се повредува и уставната определба за еднаквата правна положба на субјектите на пазарот утврдена во членот 55 став 2 од Уставот. Ова дотолку повеќе што овие законски одредби неосновано може да ја доведат во прашање способноста на одделни учесници во платниот промет за извршување на дејноста за која се регистрирани, што е пак израз на слободата на пазарот и претприемништвото.
Оттука, Судот оцени дека членот 1 во делот кој се однесува на налогот за блокада на средствата и членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006) не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 став 2 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Имајќи предвид дека оваа одлука е конечна Судот одлучи како во точката 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.79/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи