19/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ4 Долна Влашка Маала-Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Деталниот урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12 2005-2010 донесена од Советот на општина Охрид под бр.08-3087/3 на седницата одржана на 27 декември 2005 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.11/2005).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите во делот за поведување постапка за оценување на согласноста на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003).

3. Славе Трајаноски, Менка Црвенкоска, Томе Трајаноски, Ванчо Бојков, Панче радески, Ванчо Бајков и Ристо Бајков, Климент Хаџиев, Иван Белкоски, Љупчо Попоски, Наум Данаиловски, Филипина Момироска, Михајло Наумоски, Угрин Попоски, Гоце Петрески, Перо Јанкоски, Тео Гериколески и Ристо Трајаноски сите од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според иницијативата од 31 јануари 2006 година поднесена од Славе Трајаноски, Менка Црвенкоска, Томе Трајаноски,
Ванчо Бојков и Панче Радески се наведува дека со оспорената одлука било нарушено стекнатото право на граѓаните предвидено во член 3 и 3-а од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и била извршена измена на постоечките урбанистички решенија во смисла на скратување на локации кои претходно биле одобрени како што бил случајот со локација на КП.бр.17117/4 која била скратена за 7 м2, сообраќајница на која гравитирале веќе изградени објекти со платени комуналии, како и тоа дека биле предвидени нови објекти и сообраќајници кои со претходното урбанистичко решение не биле предвидени со оваа ширина и габарит.

Подносителите на иницијативата понатаму наведуваат дека поднеле анкетни листови со кои барале да не им биде нарушено стекнатото право, односно претходно предвидената улица на КП.бр.17115/1, 17116, 16944/3, 17115/4, 17113 и друго да остане како сообраќајница која оди од улица Партизанска кон улица Кеј Маршал Тито.

Со донесувањето на оспорената одлука за Деталниот урбанистички план на 2 урбана единица не биле почитувани законските одредби според кои предлагачите на Деталниот урбанистички план се должни планот да го стават на јавен увид и да даваат одговори на доставените анкетни листови.

Со оглед на изнесеното овие подносители на оваа иницијатива бараат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и воедно бараат и времена мерка.

Во втората иницијатива од 8 февруари 2006 година поднесена од Ванчо Бојков и Ристо Бојков се наведува дека со оспорената Одлука се повредени одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање од членовите: 2, 11, 14, 24, 27 и 31 и одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и тоа членовите: 2, 3, 11, 13, 18 и 54. Со донесувањето на Деталниот урбанистички план „У2“ Охрид не била водена сметка планот да преставува континуиран процес, ниту била обезбедена хуманизација на просторот, ниту пак била унапредена и заштитена животната средина за семејната куќа на урбанистичка парцела бр.9.34. Имено со оформувањето на нова урбанистичка парцела бр.9.36 и новиот објект кој бил предвиден за градба со висина од 10.20 м и габарит 11,00 на 16,00 м. целосно не бил почитуван членот 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

Според оваа иницијатива за да биде оформена новата урбанистичка парцела бр.9.36 на постојната 9.34, согласно членот 11 од наведениот Правилник требало да има 1,2 м. минимално растојание од најистурените делови од постојниот објект до границата на соседната урбанистичка парцела. Терасите и другите еркерни испусти на постојниот објект или се поклопувале со меѓата на урбанистичката парцела или висат во дворовите на соседните урбанистички парцели. Приземната доградба која била дадена со планот на постојниот објект од 1997 година во габарит била намалена и покрај тоа намалување од доградбата до границата на ново формираната урбанистичка парцела било предвидено растојание од само 0,60 м., што било спротивно на член 18 од наведениот Правилник според кој, до секоја урбанистичка парцела се обезбедува еден пристап со возило од улицата на која таа се евидентира (станбена улица со ширина од 2,75 – 3 м.), а во случајов има само 2 м., така да новата формирана урбанистичка парцела не можела да постои согласно членот 13 од Правилникот во кој било предвидено дека за самостојна семејна куќа од минимална површина на урбанистичката парцела од 280 м2 и минимална широчина од 15 м2. Осончувањето и природното осветлување на објектот 9.34 било оневозможено со дадената висина на венец од 10.20 м. на новиот објект во парцелата 9.36 што се докажувало со специјална анализа за осончување на објекти.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека објектот на урбанистичката парцела 9.34 согласно одобрението за градење во приземјето имало две гаражи кои сега со новиот план биле ставени надвор од функција, односно бил одземен колскиот пристап до нив.

Имено, во нацрт планот на тој простор било предвидено детско игралиште опкружено со „колско пешачки“ сообраќајници, а со донесениот план детското игралиште се брише и на тоа место се предвидуваат семејни куќи со број од 9.14а до 9.14г (четири куќи) од кои со урбанистичката парцела 9.14г комплетно се затвора пристапот до гаражите на урбанистичката парцела 9.34. Исто така, со оспорениот Детален урбанистички план за „У2“ Охрид бил оневозможен пристапот на противпожарните возила и возилата за брза помош до урбанистичката парцела 9.34.

Предлогот на оспорениот урбанистички план беше изложен на јавен увид само за време на работното време во определена канцеларија на Одделението за урбанизам на општината Охрид, така да увидот бил ограничен само во работното време на службениците задолжени за планот во таа канцеларија.

Со оглед на изнесеното се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

Во иницијативата на Хаџиев Климент се наведува дека со оспорената Одлука било повредено стекнатото право на граѓаните утврдено во членот 3 и 3а од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот и биле извршени измени на постоечките и презентираните урбанистички решенија на јавната анкета во смисла на скратување на локации кои претходно биле одобрени.

Според иницијативата на Иван Белкоски со оспорената Одлука драстично бил изменет претходниот урбанистички план и биле предвидени локации за градба, кои не биле предвидени со Основниот план за 2 урбана единица во КО Охрид и истата била донесена спротивно на Законот со што се повредувале јавниот интерес за хуманизација на просторот и била на штета на мнозинството на граѓани кои живеат во Охрид.

Со оспорената Одлука било повредено стекнатото право на граѓаните што било против членовите 3 и 3а од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

Имено, индивидуалната станбена зграда во која живее подносителот на оваа иницијатива, се наоѓала во оваа урбана единица во Охрид на улица „Кеј Маршал Тито“ бр.54, која била изградена во 1990 година со уредна документација за градба согласно урбанистичкиот план.

Според подносителот на иницијативата во нацрт планот кој беше изложен во просториите на општина Охрид и даден на јавен увид, не постоел прилепен објект до неговиот постоен објект – куќа.

Овие измени и дополнувања на нацрт планот биле направени спротивно на законските одредби, односно не била спроведена законска постапка.

Поради изнесеното се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и воедно да донесе решение за времена мерка.

Подносителот Иван Белкоски поднесе и дополнување на иницијативата заведена на 18 јули 2006 година во кое ги повторува скоро сите наводи наведени во првата иницијатива со тоа што додава дека со овој план (оспорениот) на соседот на неговата куќа од исток на КП.бр.17067 му се дава право на надградба со што во целост му се заградувал видикот на неговата куќа и светлината која ја имал единствено од таа страна.

Овој подносител на иницијативата, исто така, бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

Според иницијативата на Ристо Трајаноски оспорената Одлука не била донесена согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и тоа членот 11 став 1, според кој било потребно да се донесе генерален урбанистички план, а таков Советот на општината Охрид нема донесено, а Деталниот урбанистички план бил работен на неажурирани катастарски планови. Комисијата која била формирана од градоначалникот на општината не му одговорила на анкетниот лист на подносителот на иницијативата со што се повредувал членот 24 став 8 од Законот.

Оспорената Одлука не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, според која при уредување и хуманизација на просторот се барало почитување на законските прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата.

Во конкретниот случај, Советот на општината Охрид во постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости со што се повредувал членот 9 став 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

Поради сето наведено овој иницијатор предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

Како посебно е барањето Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука.

Во иницијативата насловена како поднесок, поднесена на 1 март 2006 година (која во текот на претходната постапка беше прецизирана) од Поповски Љупчо, Наум Данаиловски, Филипина Момироска, Угрин Попоски, Михајло Наумоски, Гоце Петрески, Перо Јанкоски и Тео Герикочески се наведува дека согласно нацрт планот на Деталниот урбанистички план за втора урбана единица модул 9 на КП.бр.17101 Ко Охрид за време на јавната анкета била предвидена локација за детско игралиште, а во модул 9 КП.17099 КО Охрид немало предвидено локација за изградба на објектот. Меѓутоа, со донесувањето на Одлуката за усвојување на Деталниот урбанистички план за втора единица Охрид од увидот констатирале дека на КП.17101 КО Охрид Модул 9 се предвидени две локации со посебни нумерички површини – локација 9,14б и 9,14в, а на КП.17099 била нацртна нова локација во модул 9 како локација 9,14а.

Според овие подносители на оваа иницијатива со наведеното се повредувал членот 24 став 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацрт планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени, градоначалникот на општината за нацрт планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета, што во конкретниот случај тоа од страна на градоначалникот на општината не било сторено.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука во модул 9 има промени на регулационите линии на КП.17099 и 17101 КО Охрид со нацртување на нови локации и тоа локација 9,14а и локација 9,14б и 14в со што не биле почитувани стекнатите права на граѓаните каде што имале изградено објекти, овие подносители на иницијативата бараат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Охрид донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од втора УЕ. МЗ4 Долна Влашка Маала – Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Детален урбанистички план за дел од втора УЕ. МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12 2005-2010 година бр. 08-3087/3 од 29 декември 2005 година и објавена во „Службен гласник на општина Охрид бр.11/2005 година.

Според член 1 со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 4 Долна Влашка Маала – Охрид, урбан модул од 1 до 11 2005-2010 и Деталниот урбанистички план за дел од втора УЕ, МЗ 10 Центар дел Охрид, урбан модул 12 – 2005-2010.

Според член 2 со овој Детален урбанистички план се опфаќа простор во површина од 26.0 ха. Граници на опфатениот простор се улиците: од југоисток „АСНОМ“ од североисток „Туристичка“, од северозапад „Јане Сандански“ и урбан модул 12 од улицата „Ванчо Николески“ спрема езеро и од југ улицата „Кеј Маршал Тито“.

Според член 3 од Одлуката Деталниот урбанистички план со технички број 10/2005 изработен од Полог проект ПРО ДОО – Гостивар како и технички број 17/2005 изработен од ДОО „Урбан“ – Охрид содржи: Графички приказ со билансни показатели, синтезен приказ, синтезен приказ-инфраструктурни системи и Текстуален дел – просторен концепт, билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот.

Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за уредување на просторот кои се составен дел на планот, се изготвени според Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 27/1997, 18/1999, 102/2000, 53/2001 и 2/2002).

Според член 4 деталниот урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и реализира во Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина на Општина Охрид.

Според член 5 деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на општина Охрид и потпис на претседателот на Советот на општина Охрид.

Според член 6 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.

5. Во членот 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005).

Во Главата VI Преодни и завршни одредби на овој закон, во членот 80 е утврдено дека постапката за донесување урбанистички планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година), ќе продолжи според одредбите на Законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја помести фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Имајќи го предвид изнесеното, анализата на правната и фактичката состојба во однос на постапката за донесување на оспорената одлука донесена на 29 декември 2005 година, Судот ја врши во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) кој бил во сила во времето на отпочнувањето на постапката за донесување на оспорената Одлука.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 3 од истиот член, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој закон.

Според членот 17 став 1 од Законот плановите од член 7 на овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план. Според ставот 3 на овој член од Законот по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Во ставот 5 од овој член од Законот е утврдено дека стручната расправа по просторниот план на општина и на Град Скопје и по генералниот урбанистички план, како и јавната анкета по деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, ги организира општината, односно градот Скопје. Согласно ставот 7 на овој член, одлука за организирање на јавна анкета по нацрт детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината донесува градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација. Според ставот 8 од овој член како и институциите особено од областа на заштитата на спомениците на културата, во текот на изработката на плановите од членот 7 на овој Закон, доставуваат свои барања со предлог на мерки и режим на планирање и уредување на просторот.

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Според ставот 4 од овој член, извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината, односно градот Скопје.

Согласно членот 19 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Според ставот 2 на овој член стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 став 1 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби и утврдената фактичка состојба врз основа на доставена документација, Судот утврди дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од Втора урбана единица МЗ-4 Долна Влашка Маала Охрид, Урбан модул од 1 до 11 и Урбан модул 12 во втора УЕ МЗ 10 Центар – дел Охрид од 2005 – 2010 година бр. 08-3087/3 од 29 декември 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид е спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената одлука за наведениот детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон, за што Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во иницијативата на Ристо Трајаноски се наведува и тоа дека Советот на општина Охрид не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости со што бил повреден членот 9 став 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

Во постапката за донесување на урбанистичките планови согласно членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законските одредби кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата. Во оваа смисла општина Охрид, Струга, Ресен и Дојран во постапката за донесување на урбанистичките планови треба да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997) со кој овие езера, како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичните одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробиолошки, лимнолошки
и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел редица превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Од доставената документација на општина Охрид Судот утврди дека, таа со писмо бр.15-5629/1 од 19 декември 2005 година побарала мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со донесувањето на Одлуката за деталниот урбанистички план.

Министерството за животна средина во својот одговор (мислење) бр.15-5629/4 од 26 декември 2005 година информира дека го прифаќа понудениот концепт на оспорениот Детален урбанистички план со одредени забелешки. Според тоа, не се точни наводите во иницијативата дека Советот на општина Охрид не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости.

Со оглед на тоа што Советот на општина Охрид во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, кое нешто од доставената документација е утврдено како фактичка состојба Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и наведениот закон.

Што се однесува до наводите во сите поднесени иницијативи дека оспорената одлука не била согласна со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, Судот смета дека не е надлежен да ја оцени согласноста на оспорената одлука со наведениот Правилник, поради следното:

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, Судот утврди дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи го предвид фактот дека оспорената Одлука е од ист правен ранг со наведениот Правилник и имаат карактер на прописи и подзаконски акти со иста правна сила, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува нивната меѓусебна согласност.

Оттука, имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека се исполнети условите иницијативите во овој дел да се отфрлат.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.19/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи