Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 точка 1 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000,34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 119/2005 – пречистен текст и 37/2006).
2. Мариа Георгиева од Скопје и Здружението на судски вештаци од Скопје, претставувано од претседателот на Здружението, Димитар Андоновски, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата на Мариа Георгиева се наведува дека оваа измена во Законот за здравствено осигурување била неуставна, непотребно ги уценувала осигурениците, го дискриминирала правото на надоместок на плата за породилното отсуство и го дестимулирала наталитетот. Во иницијативата се укажува дека измена на Законот со иста ваква содржина, но во благо изменета форма веќе еднаш била поништена од Уставниот суд. Оспорената одредба подносителот на иницијативата ја спротивставува на член 39 член 40 и член 42 од Уставот. Поради наведените причини во иницијативата се предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одредба.
Во иницијативата од Здружението на судски вештаци, се наведува дека со оспорената одредба една поголема група на работници, кои прв пат се вработуваат и немаат работен стаж од 6 месеци, не можеле да ги користат правата од здравствено осигурување како другите работници со стаж поголем од 6 месеци, со што тие се ставале во нерамноправна положба во однос на другите вработени по однос на примање на надоместоци на плата за време на спреченост поради болести кои законодавецот не ги предвидел во оспорената точка 1, со што оспорената одредба била спротивна на член 9 став 2 од Уставот. Во иницијативата се предлага Уставниот суд да ја прифати иницијативата со што ќе даде јасен сигнал до Владата на Република Македонија дека буџетските дефицити не би требало да се пополнуваат со кршење на основните права и слободи на граѓаните гарантирани со Уставот и ќе се оневозможи некоја друга Влада, во зависност од потребите на Буџетот, да изврши измени на овој член со тоа што бројката од 6 месеци, да ја замени со 12, 16, 18 итн.
3. Судот на седницата утврди дека според член 15 од Законот за здравственото осигурување, осигурениците од членовите 13 и 14 на овој закон можат да остварат право на надоместок на плата, ако ги исполнуваат и следниве услови:
1) ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настапување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување;
2) придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена, и
3) оцената за привремена спреченост за работа да ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија.
4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според член 8 став 1 алинеја 1 и 8 од Уставот, темелни вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Согласно член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.
Според член 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.
Согласно наведените уставни одредби, системот на здравственото осигурување во Република Македонија, како дел од социјалното осигурување, е уреден со Законот за здравственото осигурување, чија одредба се оспорува со оваа иницијатива.
Според член 1 од Законот, предмет на уредување на овој закон е здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување.
Задолжителното здравствено осигурување се установува, според член 2 од Законот, за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравстени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон, а доброволното здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравственo осигурување.
Во член 3 од овој закон е определно дека задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија, кој согласно членот 53 се основа за таа цел, и кој врши дејност од јавен интерес и јавни овластувања утврдени со овој закон.
Во согласност со начелата на задолжителност и сеопфатност, во член 5 став 1 од Законот, таксативно се утврдени лицата – осигуреници кои подлежат на задолжителното здравствено осигурување, а во ставот 2 на овој член е утврдена можност граѓаните кои не се опфатени со задолжително здравствено осигурување доброволно да пристапат кон него. Освен на овие лица, според член 6 од Законот, задолжителното здравствено осигурување се обезбедува и на членовите на нивните семејства, ако тие лично не се осигурени по некој основ од членот 5 на овој закон.
Покрај правото на здравствени услуги, во рамките на воспоставеното задолжително здравствено осигурување, според член 12 од Законот, на осигурениците им се обезбедува и право на парични надоместоци и тоа: 1) право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство и 2) право на надоместок на патни трошоци.
Случаите кога може да се оствари право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда се пропишано во член 13 од Законот (болест и повреда надвор од работа; повреда на работа и професионална болест; лекување и медицинско испитување; негување на болно дете до тригодишна возраст; негување на болен член на потесно семејство над тригодишна возраст, но најмногу до 30 дена; неопходно придружување на болно лице упатено на преглед или лекување надвор од местото на живеење; неопходно придржување на болно дете до тригодишна возраст додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена; доброволно давање на крв, ткиво или орган и изолираност заради спречување на зараза).
Согласно член 14 став 1 од Законот, право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство можат да остварат осигурениците од член 5 став 1 точка 4 на овој закон. Надоместокот на плата се исплатува за деновите за кои се остварува плата и во траење утврдено со прописите за работните односи.
Условите за остварување на правото на надоместок на плата се утврдени во членот 15 од Законот, според кој осигурениците од членовите 13 и 14 на овој закон, можат да остварат право на надоместок на плата, ако ги исполнуваат и следниве услови: 1) ако здравственото осигурување траело најмалку шест месеци пред настапување на случајот, освен во случаите на повреда на работа и професионално заболување (оспорена одредба), 2) придонесот за задолжителното здравствено осигурување редовно да е уплатуван или со задоцнување од најмногу 60 дена, и 3) оцената за привремена спреченост за работа да ја дал избраниот лекар, односно лекарската комисија.
Согласно член 16 став 1, основица за пресметување на надоместокот на плата претставува просечниот месечен износ на исплатена нето плата на која е платен придонесот за задолжителното здравствено осигурување во последните шест месеци пред настанувањето на случајот поради кој се стекнува право на надоместокот.
Во останатите ставови 2, 3 и 4 од овој член од Законот е предвидено дека ако за осигуреникот не може да се утврди основица за надоместокот според став 1 на овој член, основицата за надоместокот ќе се утврди од платата што ја остварил за деновите поминати на работа во периодот пред настанување на случајот.
За осигурениците од член 5 став 1 точка 4 на овој закон, основица за пресметување на надоместок на плата претставува основицата на која е платен придонесот за задолжителното здравствено осигурување. По исклучок од ставовите 1 и 3 на овој член, доколку во последните шест месеца пред настанувањето на случајот поради кој се стекнува правото на надоместок на плата кај работодавачот се зголемува платата само за осигуреникот кој треба да го оствари тоа право, во тој случај основица за пресметување на надоместокот претставува просечниот месечен износ на исплатената нето плата на кој е платен придонесот за здравствено осигурување во периодот од последните шест месеца пред настанувањето на случајот.
Средствата за задолжителното здравствено осигурување, вклучувајќи ги и средствата за надоместокот на плата се обезбедуваат од придонесите.
Обврската за плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување е утврдена во членот 38 од Законот и на неа подлежат сите осигуреници од членот 5 од Законот кои задолжително се осигуруваат.
Според членот 52 став 1 на Законот, за осигурениците за кои Фондот ќе утврди дека придонесот не е редовно уплатуван или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од задолжителното здравствено осигурување на осигурените лица се скратуваат, освен правото на итна медицинска помош.
5. Од овие и другите одредби на Законот, произлегува дека со задолжително здравствено осигурување, по разни основи, е опфатен најширок круг на граѓани со тоа што за граѓаните кои не се опфатени со ова осигурување е утврдена можност тие доброволно да пристапат кон задолжителното здравствено осигурување. На овој начин, со Законот за здравствено осигурување скоро на секој граѓанин на Република Македонија, во случаите и под услови утврдени со овој закон, му се обезбедува остварување на уставно утврденото право на социјална сигурност и социјално, односно здравствено осигурување, како и правото на здравствена заштита, кои се израз на социјалниот карактер на Република Македонија.
Во функција на остварување на наведените уставни права е и правото на надоместок на плата, за кое станува збор во оспорената законска одредба. Имено, со утврдување на ова право законодавецот, освен здравствена заштита, со овој закон обезбедил и социјална, односно материјална сигурност на осигуреникот, а со тоа и на неговото семејство, во случај кога тој поради болест или повреда не е во состојба да заработува. Од оспорената одредба произлегува дека остварувањето на правото на надоместок на плата во случај на привремена спреченост на работа поради болест и повреда, како и надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство е условено со претходно осигурување во траење од најмалку шест месеци пред настапување на случајот.
Од анализата на оспорената одредба произлегува дека условот за претходно осигурување во траење од шест месеци за остварување на право на надоместок на плата, важи за сите осигуреници и тој ги покрива сите основи, односно осигурени случаи: болест, повреда и отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Исклучок е направен само во однос на повреда на работа и професионално заболување, што практично значи дека во случај на повреда на работа и професионално заболување осигурениците можат да остварат право на паричен надоместот и кога работниот однос, односно осигурувањето траело помалку од шест месеци, од причина што овие случаи можат да настанат и првиот ден од вработувањето, а причините за повредата не зависат само од работникот, туку и од обезбеденост на условите за работа, што претставува обврска на работодавачот. Поради тоа, со Законот е предвидена обврска за работодавачите да плаќаат дополнителен придонес за здравствено осигурување за повреда на работа и професионално заболување, заради покривање на зголемениот ризик од овие осигурени случаи.
Оттука, имајќи го предвид фактот што овој услов се однесува на сите осигуреници и што тој се однесува на сите основи поради кои може да се оствари право на паричен надоместок (болест, повреда, породилно отсуство) според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека оспорената одредба ги ставала во нееднаква правна положба осигурениците, како и наводите дека со тоа се дискриминирани осигурениците жени кои користат породилно отсуство.
Имено, системот на здравствено осигурување се темели на принципите на заемност и солидарност. Начелото на солидарност во суштина претставува заемен однос помеѓу сите осигуреници во задолжителното здравствено осигурување кој се остварува преку обврската за континуирано плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување и користењето на основните здравствени услуги и други права утврдени во Законот, во случаи кога на осигурениците тоа им е потребно, односно кога ги исполнуваат условите за тоа. Вака сфатено начелото на солидарноста, може да се протега само помеѓу осигурениците кои ја измируваат законската обврска за плаќање на придонесот, а не и осигурениците кои воопшто или нередовно или подолго време не го плаќаат. Ова од причини што оваа обврска според Законот се однесува на сите осигуреници и што од нејзиното исполнување зависи обезбедувањето на материјалната основа, односно средства за остварување на правата од задолжителното здравствено осигурување. Во спротивно, секое изедначување на правата на осигурениците без оглед дали тие ја исполниле или не обврската за плаќање на придонесот би било во несогласност со начелото на солидарност, а би се довело во прашање и функционирањето на системот на здравственото осигурување, односно остварувањето на правата од ова осигурување. Во таа смисла, и здравственото осигурување кое би ги опфаќало трошоците за неосигурени лица и за лицата кои редовно не го плаќаат придонесот, не би можело економски да се одржи бидејќи не би почивало на правни и економски принципи. Според тоа, принципот на солидарност и заемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначување на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.
Со оспорената одредба од Законот не се нарушува еднаквоста на граѓаните затоа што за осигурените лица се еднакви правата, но и обврските за плаќање на придонес, а плаќањето на придонес само по себе подразбира постење на определен период на претходно осигурување, во конкретниот случај, осигурување во траење од шест месеци. Фактот што во конкретниот случај законодавецот се определил тој период на претходно осигурување да изнесува шест месеци, според Судот, е право на законодавецот, што има своја уставна основа во одредбата од членот 34 од Уставот, според која граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Определувањето на условите за остварувањето на правата во оваа област, и во тој контекст, предвидувањето на претходното осигурување во траење од шест месеци како услов за остварување на правото на надоместок на плата, се прашања кои законодавецот има право да ги уреди со закон на начин на кој тоа е сторено со Законот за здравственото осигурување, а во кој оспорената одредба не може изолирано да се согледува од останатите одредби од Законот.
Имено, во Законот за здравственото осигурување и пред оваа измена и дополнување, остварувањето на правото на паричен надоместок на определен начин, индиректно било поврзано со период на вработеност, односно претходно осигурување во траење од шест месеци. Тоа произлегува од анализата на останатите одредби од Законот, посебно оние одредби кои се однесуваат на пресметување на надоместокот на плата, каде како основица се зема просечниот месечен износ на исплатена плата на која е платен придонесот за задолжителното здравствено осигурување во последните шест месеци пред настанувањето на случајот поради кој се стекнува правото на надоместокот.
Претходното осигурување во определено траење како услов за остварување на правото на паричен надоместок за привремена спреченост за работа поради болест и повреда и отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, претставува и меѓународен стандард. Имено, Конвенцијата за минималните стандарди за социјалното осигурување, донесена во рамките на Меѓународната огранизација на трудот во 1952 година, а чиј потписник е и Република Македонија, во делот на надоместоците за случај на болест, како и за надоместок во случај на мајчинство, предвидува т.н. квалификационен период што се смета за неопходен заради спречување на злоупотреба и истиот го дефинира како период за кој се плаќале придонеси, или период на вработеност, или период на престој, или нивна комбинација, во случај кога се пропишани.
Оттука и целта на оспорената одредба, анализирана во контекст на целината на членот 15 и останатите одредби од Законот, е всушност да се спречат злоупотребите на правото на паричен надоместок (фиктивни вработувања заради стекнување на правото на паричен надоместок, по што следува престанок на работниот однос) како и да се обезбеди финансиска дисциплина со што и системот на здравствено осигурување би бил поставен на стабилни основи. Ова произлегува и оттаму што грижата на Републиката за социјалната сигурност на граѓаните, покрај нормативната функција за начинот на остварување на правото опфаќа и нормирање на системот на обезбедување на материјални и финансиски средства, зашто без остварување на оваа компонента правата би биле како декларација без никаква вредност, што ја осмислува државата како социјална држава.
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбите од Уставот во однос на кои се оспорува нејзината уставност.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 210/2005
13 септември 2006
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи