Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 7 од Одлуката за отпочнување на постапката на приватизација бр. 19-1464/2 од 7 април 2006 донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/2006), и член 5 од Одлуката за изменување на Одлуката за отпочнување на постапката за приватизација, бр. 19-1464/3 од 9 мај 2006 година донесена од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006).
2. Ристе Величковски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од одлуките означени во точката 1 од ова Решение.
Во иницијативата и нејзиното дополнение подносителот наведува дека оспорените членови од двете оспорени одлуки на Владата на Република Македонија предвидувале одлуките да стапат во сила со денот на нивното донесување, поради што биле во спротивност со член 52 став 1 од Уставот кој предвидува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а не откако ќе влезат во сила.
Во иницијативата се наведува дека првооспорената Одлука бр. 19-1464/2 била во спротивност со членовите 200-д, 200-ѓ и други членови од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2004), поради што бара оценување на нејзината законитост. Меѓутоа, со дополнувањето на иницијативата подносителот се откажува од ова барање, поради измените на Законот за здравствената заштита направени во меѓувреме.
Во иницијативата подносителот се осврнува и на објавениот Оглас за продажба на удел во ЈЗО Градска аптека „Скопје“ – Скопје, укажувајќи дека одделни негови делови се во спротивност со одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/2004 и 84/2005), поради што предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на објавениот оглас од 12 мај 2006 година за продажба на удели на ЈЗО Градска аптека „Скопје“ – Скопје закажана за 2 јуни 2006 година, до донесување на конечна одлука по поднесената иницијатива.
Во дополнувањето на иницијативата, подносителот укажува дека во врска со двете оспорени одлуки на Владата на Република Македонија останува при своето барање за оценување на уставноста на член 7 од Одлуката за отпочнување на постапката на приватизација (Одлука бр. 19-1464/2 од 7 април 2006 донесена од Владата на Република Македонија) и член 5 од Одлуката за изменување на Одлуката за отпочнување на постапката за приватизација од 7 април 2006 година, (Одлука бр. 19-1464/3 од 9 мај 2006 година донесена од Владата на Република Македонија), како и на предлогот за донесување на времена мерка по однос на објавениот оглас.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 7 од Одлуката за отпочнување на постапката на приватизација бр. 19-1464/2 од 7 април 2006 и член 5 од Одлуката за изменување на Одлуката за отпочнување на постапката за приватизација од 7 април 2006 година, бр. 19-1464/3 од 9 мај 2006 година донесени од Владата на Република Македонија предвидено е дека одлуките влегуваат во сила со денот на донесувањето, а ќе се објават во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Согласно член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на двете оспорени одлуки произлегува дека ЈЗО Градска аптека „Скопје“ – Скопје е јавна здравствена организација со 100% капитал во државна сопственост, и која Владата, согласно Одлуката за приватизација бр. 23-3887/1 од 25 октомври 2004 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 78/2004), одлучила да ја приватизира во целина. Со оспорените одлуки, Владата на Република Македонија врз основа на законските овластувања, ја отпочнува постапката за приватизација и ја определува структурата на капиталот, проценетата вредност на ЈЗО Градска аптека „Скопје“ – Скопје и начинот на нејзината трансформација.
Имајќи ја предвид содржината на одлуките, Судот оцени дека оспорените одлуки немаат карактер на пропис подобен за уставно судска оцена, туку дека станува збор за поединечни и конкретни акти донесени во функција на отпочнување на процесот на преобразба на конкретна јавна здравствена организација.
Имено, за да еден конкретен акт биде предмет на уставно судска оцена, меѓу другото, треба да содржи општи норми, да уредува односи на општ начин, од него да произлегуваат права и обврски за неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со оспорените одлуки.
Поради наведеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорените одлуки, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 116/2006
13 септември 2006
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи