Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 129 ставовите 1 и 3 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.154/2005 од 17 и 18 мај 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 129 став 1 во делот: „Советот на општината и Советот на градот Скопје, ја пропишуваат висината на надоместокот кој треба да го плаќаат операторите на инсталациите со Б – интегрирана еколошка дозвола„ од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива со истото решение поведе постапка за оценување на уставноста на целиот став 1 од членот 129 и ставот 3 на истиот член од Законот.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од овој член од Законот со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека според членот 129 став 1 од Законот, советот на општината и Советот на градот Скопје, ја пропишуваат висината на надоместокот кој треба да го плаќаат операторите на инсталациите со Б – интегрирана еколошка дозвола, освен за оние инсталации за кои се прибавува Б – интегрирана еколошка дозвола, а кои се во заштитено подрачје:
– при донесување на барање за добивање Б – интегрирана еколошка дозвола,
– при поднесување на барање за измени или пренос на Б – интегрирана еколошка дозвола,
– за поседување на Б – интегрирана еколошка дозвола, кој се плаќа годишно и
– за редовен надзор на инсталацијата, во согласност со условите во Б – интегрираната еколошка дозвола.
Според ставот 3 од овој член од Законот Владата на Република Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува критериумите и начинот на определување и пресметување на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 10 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.
Согласно членот 43 став 1 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина, а според ставот 2 на овој член, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата.
Согласно Амандманот XVII точка 1 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во точката 2 од овој Амандман е утврдено дека во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Со точката 1 на овој Амандман се заменува став 1 на членот 115, а со точката 2 се заменува ставот 2 на членот 117 од Уставот на Република Македонија.
Според член 115 став 3 од Уставот, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Со Законот за животната средина се уредуваат правата и должностите на Република Македонија, на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и правата и должностите на правните и на физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина (член 1 став 1).
Согласно член 3 став 1 од Законот, мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина се од јавен интерес.
Во членот 5 од Законот е утврдено значењето што го имаат одделни изрази употребени во овој закон.
Така, според точката 19 на овој член од Законот, инсталацијата го има следното значење:
– во однос на интегрираните еколошки дозволи е неподвижна техничка единица каде што се вршат една или повеќе пропишани активности и активности кои се непосредно поврзани со нив, а кои би можеле да имаат ефект врз емисиите и врз загадувањето и
– во однос на спречувањето и контролата на хавариите со учество на опасни супстанции, инсталација е техничка единица во рамките на еден систем во кој се произведуваат, употребуваат, складираат или се ракува со опасни супстанции. Тоа ја вклучува целокупната опрема, објектите, цевководите, машините, алатките, приватните железнички споредни колосеци, станиците за истовар кои ја опслужуваат инсталацијата, складовите или сличните градби, потребни за работа на инсталацијата.
Според точката 20 на член 5 од Законот, постоечка инсталација во однос на интегрирани еколошки дозволи е инсталција која што е оперативна, односно работи пред 1 јули 2007 година, според точката 21 од овој член, промена на работењето е примена во природата на функционирањето или проширување на инсталацијата, која би можела да има последици за животната средина и значителна промена според точката 22 од членот 5 значи промена во работењето на инсталацијата за која што надлежниот орган утврдил дека би можела да има значителни негативни ефекти врз здравјето на луѓето или врз животната средина. Понатаму, според точката 27 од овој член од Законот, оператор е секое правно или физичко лице кое врши професионална активност или врши активности преку инсталацијата или ја контролира или лице на кое му се доверени или делегирани овластувања за донесување економски одлуки во однос на активноста или техничкото работење, вклучувајќи го и носителот на дозволата или овластувањето за таквата активност, односно лицето кое е задолжено да регистрира или алармира за активноста, а според точката 28 од овој член од Законот дозвола, во однос на интегрираното спречување и контролата на загадувањето, е оној дел од пишаната одлука или целата пишана одлука (или неколку такви одлуки) со која што се дава овластување за работа на целата или на дел од инсталацијата, а што е предмет на одредени услови со кои се гарантира дека инсталацијата е усогласена со барањата утврдени со овој закон. Дозволата да опфаќа една или повеќе инсталации или делови од инсталации на истата локација, со кои работи истиот оператор.
Во Глава XII “Интегрирани еколошки дозволи за работење на инсталациите кои што влијаат врз животната средина”, односно во членот 95 став 1 од Законот е предвидено дека активностите на новите инсталации или значителните промени на постоечките, кои ги определува Владата на Република Македонија, можат да се вршат само по претходно добиена еколошка дозвола освен ако:
– инсталацијата се дефинира како постоечка според членот 5 точка 17 од овој закон во кој случај се применува членот 134 од овој закон и
– оператор на инсталацијата која започнува со работа пред 31 декември 2009 година одлучил да поднесе барање за дозвола за усогласување со оперативен план, во согласност со временскиот распоред од членот 135 став 5 на овој закон и со одредбите од Глава XIV на овој закон.
Според ставот 2 на овој член, дозволата од став 1 на овој член се издава како А – интегрирана еколошка дозвола, која ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина или Б – интегрирана еколошка дозвола, која ја издаваат општината или градот Скопје, согласно со членот 123 од овој закон.
Членот 122 од Законот го уредува прашањето за Б – интегрирана еколошка дозвола.
Имено, според ставот 1 на овој член од Законот, оператoрите на нови инсталации со емисии штетни за животната средина и за животот и здравјето на луѓето, кои не се определени во согласност со прописот од член 95 став 1 на овој закон, се должни да обезбедат Б – интегрирана еколошка дозвола. Според ставот 2 на овој член, Владата на Република Македонија ги определува инсталациите за кои е потребна Б – интегрирна еколошка дозвола, а според ставот 3 на овој член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, поблиску ја пропишува постапката за издавање, измена, целосен или делумен пренос на Б – интегрираната еколошка дозвола, условите за престанок на активноста и условите за одземање и престанок на дозволата.
Понатаму во членовите од 123 до 125 од Законот е предвидена постапката за издавање на Б – интегрирана еколошка дозвола.
Тргнувајќи од содржината на член 115 став 3 од Уставот на Република Македонија произлегува дека државата има право со закон да и довери на општината вршење на определени работи.
Од друга страна, пак, надлежностите на општината и градот Скопје како единици на локалната самоуправа се утврдени со Законот за локалната самоуправа, односно со Законот за градот Скопје.
Така, во листата на надлежностите на општините согласно членот 22 став 1 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) е утврдено дека општината е надлежна за заштитата на животната средина и природата и мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење.
Во членот 10 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004) се утврдени надлежностите, односно работите од јавен интерес од локално значење на градот Скопје, меѓу кои и таа утврдена во точката 2 на ставот 1 од овој член од Законот според која градот Скопје е надлежен и за заштитата на животната средина.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека општината, односно градот Скопје се надлежни за заштитата на животната средина, а во тие рамки и да ја пропишуваат висината на надоместокот кој треба да го плаќаат операторите на инсталциите со Б-интегрирана еколошка дозвола. Меѓутоа, со оглед на тоа што советот на општината и Советот на градот Скопје наведениот надоместок го пропишуваат согласно критериумите кои ги утврдува Владата на Република Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, за што нема уставна основа, Судот смета дека оспорената одредба од член 129 став 1 од Законот не е во согласност со Уставот на Република Македонија.
Имено, при анализа и оцена на членот 129 став 1 од Законот, Судот утврди дека и ставот 3 на членот 129 од Законот според кој Владата на Република Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува критериумите и начинот на определување и пресметување на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член, не е во согласност со принципот на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.
Со Уставот на Република Македонија точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.
Имајќи ги во вид наведените уставни и законски одредби во корелација со содржината на оспорената одредба од член 129 став 1 и 3 од Законот, Судот утврди дека овластувањата на советот на општината и Советот на градот Скопје да ја пропишуваат висината на надоместокот кој треба да го плаќаат операторите на инсталциите со Б – интегрирана еколошка дозвола, а согласно критериумите и начинот на пресметување и определување на надоместокот кои ги пропишува Владата на Република Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, немаат уставна основа.
Ваквата констатација се заснова, пред се врз фактот што Законот за животната средина не содржи критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот кој треба да го плаќаат операторите на инсталциите со Б-интегрирана еколошка дозвола. При ваква состојба, произлегува дека советот на општината и Советот на градот Скопје, висината на наведениот надоместок ја пропишуваат врз основа на критериумите утврдени од страна на Владата на Република Македонија, која пак за тоа нема уставна надлежност.
Оттука, даденото овластување со законската одредба на советот на општината и Советот на градот Скопје да ја пропишуваат висината на надоместокот, во рамките на критериумите утврдени од страна на Владата на Република Македонија, а не во Законот, значи навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт, што е спротивно на Уставот на Република Македонија, поради што Судот утврди дека оспорениот член 129 став 1 и 3 од Законот за животната средина не е во согласност со Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.154/2005
13 септември 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи