91/2006-0-0

Вовед

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 3, 4, 6 и 7 од Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на месечни трошоци и надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром, донесена од Советот на општина Аеродром на 27 април 2006 година („Службен гласник на оштина Аеродром“ бр.3/2006), како неуставни и незаконити во време на нивното важење.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на членовите од одлуката означени во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром со Решение У.бр.91/2006, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорените членови од одлуката означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот, Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници и Законот за ивршување на Буџетот за 2006 година.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Аеродром на XXVII седница одржана на 14 април 2006 година донел Одлука за утврдување на месечни трошоци и надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром.

Градоначалникот на општина Аеродром имајќи ги предвид одредбите од Законот за локалната самоуправа, Законот за државните службеници, Законот за извршување на Буџетот за 2006 година, како и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.130/2005 од 8 март 2006 година, донел Решение за запирање на објавување на Одлуката за утврдување на месечните трошоци и надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром донесена на 14 април 2006 година, со укажување на нејзината несогласност со Уставот и законите.

Советот на општина Аеродром на XXVIII седница оджана на 27 април 2006 година, донел Одлука за потврдување на Одлуката за утврдување на месечни трошоци и надоместоци на членови на Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.3/2006).

По донесување на наведената одлука градоначалникот на општината на 27 април 2006 година донел решение за објавување на донесената одлука, а на 5 мај 2006 година поднел иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија за оценување на нејзината уставност и законитост.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука се утврдуваат месечните троишоци и надоместоци на членовите на Советот на општина Аеродром.

Според член 2 од Одлуката на членовите на Советот на општина Аеродром им се утврдува надоместок за присуство на седница на Советот во износ од 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци.

Во оспорениот член 3 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот им се исплатува надоместок за патни трошоци во висина од 900,00 денари.

Во оспорениот член 4 од Одлуката е предвидено дека на членовите на Советот на општина Аеродром за присуство на седница им се исплатува дневни трошоци во висина од 900,00 денари.

Во член 5 од Одлуката е предвидено дека се задолжува Комисијата за мандатни и имунитетни прашања, избори и именувања да врши утврдување на надоместоци на членовите на советот согласно член 1 и 2 за секој месец.

Во оспорениот член 6 од Одлуката е предвидено дека за членовите кои присуствуваат на склучување на бракови ќе им се исплатуваат патни и дневни трошоци во висина од 1.200,00 денари за денови во кои ќе бидат ангажирани.

Во оспорениот член 7 е предвидено дека одлуката влегува во сила на 1 јануари 2006 година, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

Според член 8 од Одлуката со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за потврдување на Одлуката за утврдување на месечни трошоци бр.07-904/6 од 6 мај 2006 година.

6. Согласно член 8 став 1 али­неја 3 и 9 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеење­то на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и сите други прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 од истата одредба, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓа­ни­те.

Според член 45 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седница и надоместоци на патни и дневни трошоци во рамки утврдни со закон.

Согласно членот 100 кој е поместен во Глава XV „Преодни и завршни одредби“ до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Според член 52 став 2 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004 и 81/2005) државните службеници имаат право, покрај другото и на надоместоци за патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и во странство, како и трошоци за превоз до и од работа (над 2,5 км.).

Висината на надоместоците од став 2 на овој член за секоја година се утврдуваат со Законот за ивршување на Буџетот на Република Македонија, со Одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на Градот Скопје.

Владата на Република Макеоднија поблиску ја утврдува постапката и начинот на распоредување на надоместоците.

Според член 12 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2005) надоместокот за превоз до и од работно место, по претходно дадена писмена изјава се исплатува на вработените и избраните и именуваните функционери кај буџетските корисници од централната власт и единиците корисници чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900,00 денари.

Според член 15 од наведениот закон надоместокот за дневница за службено патување во Републиката без трошоци за ноќевање изнесува 800,00 денари.

Доколку патувањето траело повеќе од 12 часа се исплатува цела дневница.

За патување во траење од 8 до 12 часа се исплатува 50% од утврдениот износ во став 1 на овој член.

Доколку на вработениот му се обезбедени ноќевање и исхрана му следува 20% од утврдениот износ во ставот 1 на овој член.

Имајќи ги предвид одредбите од членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, произлегува дека законодавецот за членовите на советот го утврдил правото на надоместок за присуство на седница и правото на надоместок на патни и дневни трошоци за членовите на советот.

Притоа, законодавецот правото на надоместок за присуство на седница на членовите на советот не само што го утврдил туку и го лимитирал и тој може да изнесува најмногу до 30% од просечната плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а во однос на висината на патните и дневни трошоци на членовите на советот упатува на примена на прописите кои се однесуваат на државните службеници.

Во Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2006 година утврдена е висината на патните и дневните трошоци на државните службеници, како и трошоци за превоз до и од работа, под услов ако местото на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членовите 3, 4 и 6 од Одлуката со кои советот на единицата на локалната самоуправа ја утврдил висината на патните и дневните трошоци на членовите на советот за присуство на седница на советот како и патните и дневните трошоци на членовите кои учествуваат во склучување на бракови без притоа да ги има предвид одредбите од Законот за државнвите службеници и Законот за извршување на Буџетот за 2006 година, Судот оцени дека тие не се во согласност со наведените закони.

Од друга страна, пак, имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 7 од Одлуката според кој таа влегува во сила од 1 јануари 2006 година, а истата е донесена на 27 април 2006 година, односно се утврдува повратно дејство на нејзината примена, Судот оцени дека тој не е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

7. При одлучувањето Судот имаше предвид дека во текот на постапката оспорените членови престанале да важат, меѓутоа со оглед на фактот што врз основа на истите се вршени исплати на надоместоци за кои немало уставна и законска основа, како и фактот што според член 7 исплатата на трошоците се вршела ретроактивно, Судот оцени дека има основ за утврдување на неуставност и незаконитост на оспорените членови во време на нивното важење, согласно член 70 алинеја 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.91/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи