Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Програмата за престанување на потребата од работници поради економски и структурални промени и права на работниците за чија работа престанала потребата во Стручната служба на Сојузот на синдикатите на Македонија, бр.0703-60/1 од 7 април 2001 година.
б) Одлуката за престанок на работен однос со отказ поради економски и структурални промени, бр.0703-61/1 донесена на 10 април 2001 година од Претседателството на Советот на ССМ и
в) Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, бр.0703-180/1 од 27 јули 2000 година.
2. Љиљана Савиќ-Тодоровска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, која по барање на Судот дополнително е прецизирана, се наведува дека оспорената Програма не била во согласност со член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија, ниту пак со членовите 2 и 3 од Законот за работните односи.
Имено, подносителот на иницијативата смета дека точката 2 од Програмата која утврдува категорија на „нераспоредени работни места“ не е во согласност со член 32 став 5 од Уставот и со членовите 84, 86, 92, 94 и 206 точки 1 и 2 од Законот за работните односи.
Точката 4 од Програмата која предвидувала еднократен надоместок во вид на испратнина со најмногу 12 месечни плати, а Законот за работните односи определува и други поповолни права, според подносителот на иницијативата, не била во согласност со членовите 96, 130 и 139 од Законот за работните односи.
Исто така и точката 5 од Програмата не била во согласност со Законот за работните односи, бидејќи од содржината на оваа одредба произлегувала обврска, за содржината на оваа Програма да биде известена само Синдикалната организација, а не и работниците.
Што се однесува до второоспорениот акт – Одлуката за престанок на работен однос, според наводите во иницијативата не била во согласност со член 126 и член 134 од Законот за работните односи, од причина што истата била донесена и објавена заедно со Програмата во ист ден.
Имено, Програмата и Одлуката, според подносителот на иницијативата биле во взаемна спротивност во поглед на бројот на работници на кои ќе им престанел работниот однос. Исто така, одредбата од членот 4 од Одлуката не биле во согласност со членовите 130 и 139 од Законот за работните односи, бидејќи на работникот не му биле понудени и другите определени права.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека погоре наведените општи акти не биле во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за работните односи.
Со иницијативата, исто така, се оспорува и Колективниот договор, поточно членовите 11, 64 и 72 од истиот од причините поради кои членот 11 од Колективниот договор бил спротивен на членовите 59 и 88 од Законот за работните односи, членот 64 од Колективниот договор со кој се предвидувала категоријата „не распоредено работно место“ не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 51 став 1 од Уставот, а оспорениот член 72 не бил во согласност со Уставот и Законот за работните односи.
Врз основа на изнесеното, се предлага укинување на оспорените акти.
3. Судот на седницата утврди дека Програмата за престанување на потребата од работници поради економски и структурални промени и права на работниците за чија работа престанала потребата во Стручната служба на Сојузот на синдикатите на Македонија содржи II (два) дела од кои во првиот (I) дел во точката 1 се наведува дека со Програмата се утврдуваат работни места кои се укинуваат со актот за систематизација на работни места, врз основа на кои ќе им престане работниот однос на работниците кои ги извршувале тие работни задачи, додека биле вработени во општинските синдикални организации, односно во регионите и потоа, децидно се наведени регионите и укинатите работни места.
Одлуката за престанок на работен однос со отказ поради економски и структурални промени содржи 7 (седум) члена, во која меѓу другото се утврдуваат причините за намалување на бројот на вработените во Стручната служба, како и нивниот број.
Со оспорениот колективен договор се уредуваат прашањата во однос на: засновање на работен однос; правата на работниците и нивната положба; плата, надоместоци на плата и други примања; материјална одговорност; престанок на работен однос; заштита на правата на работниците, решавање на спорови и арбитража, и преодни и завршни одредби.
Во членот 119 од Колективниот договор се предвидува дека овој колективен договор се склучува за време од 4 (четири) години.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи го во вид основот за донесување на прво и второ оспорениот акт, односно Програмата и Одлуката, како и нивната содржина, Судот оцени дека тие не претставуваат пропис, туку тие се акти што Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија ги донел во врска со потребата за воведување на нови промени во структурата, реорганизацијата, програмата и технологијата, кои ќе предизвикаат намалување на бројот на работниците на кои ќе им престане работниот однос од тие причини.
Со оглед на тоа што, Програмата и Одлуката не претставуваат пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку оперативни, интерни акт на Сојузот на синдикатите на Македонија, Уставниот суд оцени дека не е надлежен да одлучува за нивната согласност со Уставот и Законот за работните односи, во однос на кои се оспорува нивната уставност и законитост.
5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со поднесената иницијатива се оспоруваат одредби од Колективниот договор за уредување односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија, склучен на 27 јули 2000 година.
Членот 119 од Колективниот договор предвидува дека овој Колективен договор се склучува за време од 4 (четири) години.
Тргнувајќи од фактот дека колективниот договор е од времен карактер, односно истиот е во важност само за периодот за кој е скучен (27 јуни 2000 – 27 јуни 2004 година) Судот оцени дека истиот повеќе нема правна сила, односно не е во правниот поредок бидејќи престанал да важи.
Имено, согласно член 227 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005) колективен договор склучен на определено време престанува да важи со истекот на времето за кое е склучен.
Ова дотолку повеќе што, согласно членот 269 став 1 од Законот за работните односи, постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (6 февруари 2006 година), а според ставот 2 од членот 269 од Законот, колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот (1) на овој член, престануваат да важат.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.73/2006
13 септември 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи