108/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 1 под В, Д и Ѓ од Одлуката за утврдување на цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 6/1997 и 54/1997) донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија

2. Асоцијацијата на независни синдикати на камионските транспортери на Република Македонија „Макамтранс“ од Скопје, преку полномошникот Ефимија Дуковска, адвокат од Скопје, на Уставнииот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членовите од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и нејзиното дополнение, се наведува дека со Одлука У. бр. 136/1997 од 29 април 1998 година Уставниот суд го укинал член 1 под А точка 2 од оспорената одлука, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 под точка Д и Ѓ (надоместок за престој на домашни и странски возила на царински терминали) кои биле исто така спротивни на Уставот и на законите. Во иницијативата се наведува дека во внатрешноста на Република Македонија постоеле царински терминали за конечно царинење на стоки кои биле во приватна сопственост и наместо државата да наплаќа закуп за изнајмениот простор, им дала право на сопствениците да наплатуваат такса за влез од секое возило која се движела од 1.200,оо ден. до 1.920,оо денари. Од друга страна, државата одредувала во кои царински терминали во внатрешноста ќе се царини при увоз или извоз, со што давала можност одредени сопственици на царински терминали да наплатуваат провизија. Возилата без платена белешка за терминал не можеле да поднесат документација за царинење на робата.

Во дополнението на иницијативата се проширува барањето за поведување на постапка за оценување на уставноста и на точка В од оспорената одлука (надоместок за користење на колски ваги на граничните премини), а како причини се наведуваат причините содржани во Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр. 136/1997 од 29 април 1998 година, имено дека граничниот премин и царинските терминали во внатрешноста на државата се објекти на државата воспоставени заради остварување на нејзините функции, па и неговото одржување вклучително и хигиената е нејзин интерес и функција и не може да се сведе на услуга на граѓаните спротивно на член 33 од Уставот. Задолжителноста на надоместокот при преминување на државната граница се јавувало како услов, а со тоа и како ограничување на слободата на преминување на државната граница, што било спротивно на член 27 став 2 од Уставот и Законот за преминување на државната граница и движењето на граничниот појас.

Во дополнението на иницијативата подносителот бара да се оцени уставноста на одобренијата издадени од Царинската управа на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор и на приватни трговски друштва за работа со царински терминали, без при тоа тие поединечно да се конкретизираат.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука, цената на услугите по видови на активности за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија (во понатамошен текст: Јавно претпријатие) изнесува:

В. Надоместок за користење на колски ваги на граничните премини:

1.. Вагање на возила со странска регистрација 20 ДЕМ
2. Вагање на возила со домашна регистрација 400 ден

. . .

Д. Надоместок за користење и престој на домашни возила
на царински терминали

1. Престој на возила до 12 часа 1.200 ден.
2. Престој на возила за секои наредни 12 часа се
Наплатува плус 1.200 ден.
3. Престој на возила – цистерни за превоз на
запаливи – ескплозивни и опасни материи до 12 часа 2.400 ден.
4. Престој на возила – цистерни за превоз на запаливи
– ескплозивни и опасни материи за секои наредни
12 часа се наплатува плус 2.400 ден.
5. Престој на лесни возила до 12 часа 100 ден.
6. Престој на лесни возила за секои наредни 12 часа
се наплатува плус 100 ден.

Ѓ. Надоместок за користење и престој на странски возила
на царински терминали

1. Престој на возила до 12 часа 50 ДЕМ
2. Престој на возила за секои наредни 12 часа плус 50 ДЕМ
3. Престој на возила – цистерни за превоз на
запаливи – ескплозивни и опасни материи до
12 часа 100 ДЕМ
4. Престој на возила – цистерни за превоз на запаливи
– ескплозивни и опасни материи за секои наредни
12 часа плус 100 ДЕМ
5. Престој на лесни возила до 12 часа 5 ДЕМ
6. Престој на лесни возила за секои наредни 12 часа
се наплатува плус 5 ДЕМ

Судот на седницата исто така утврди дека оспорената Одлука за утврдување на цените на услугите за користење и одржување на објектите, инсталациите и платото во рамките на границата на опфат на граничните премини во Република Македонија со кои стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија ја донел Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на 25 декември 1996 година и таа е објавена во “Службен весник на РМ” бр.6/97 и 54/97.

Управниот одбор на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на 27 декември 2001 година донел Одлука за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини .

Со оваа одлука се утврдуваат цените на услугите по видови на активности што ЈП ги врши на граничните премини и тоа:
А. Надоместок за користење на колски ваги на гранични премини
Б. Надоместок за користење на организиран паркинг простор (за домашни и странски возила)
В. Надоместок за користење и престој на возила на царински терминали (за домашни и странски возила)
Г. Надоместок за користење на јавни санитарии (за домашни и странски лица).

Во членот 3 од оваа одлука е предвидено дека таа се објавува во Службен весник на Република Македонија, а според член 4 од Одлуката, таа ќе се применува од 1 јануари 2002 година.

Одлуката е заведена под број 02-7493/1 од 27 декември 2001 година.

Оваа одлука важела се до 27 јуни 2003 година кога Управниот одбор на јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија донел нова Одлука за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини.

Во оваа одлука, предвидени се истите услуги, а измена е направена само во износите на одделните надоместоци.

Со член 3 од оваа одлука е предвидено дека со влегувањето во сила на оваа одлука престануваат да важат Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини бр. 02-7493/1 од 27 декември 2001 година и Одлуката за утврдување на цените на услугите за користење на излезен терминал од времен карактер на граничниот премин „Блаце Стенковец“ 02-7493/3 од 27 декември 2001 година.

Во член 4 од Одлуката е предвидено таа да се објави во Службен весник на Република Македонија по добиена согласност од Владата на Република Македонија.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 22 ноември 2004 година дала согласност на оваа одлука, и Одлуката за давање на согласност е објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 93/2004 година.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на зakonite so Ustavot i za soglasnosta na drugite propisi i kolektivniте dogovori so Ustavot i со zakonite.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, по донесувањето на оспорената одлука, во два наврата (во 2001 и 2003 година) донел одлуки со кои ја уредувал истата материја која е оспорена со иницијативата, (утврдување на надоместоци за користење на колски ваги на гранични премини и надоместок за користење и престој на домашни и странски возила на царински терминали) Судот оцени дека со самото донесување, односно со примената на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини од 27 декември 2001 година (која престанала да важи со донесувањето на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини од 27 јуни 2003 година), оспорената одлука престанала да важи, и покрај тоа што во одлуката од 2001 година недостасува изрична одредба за ставање вон сила на оспорената одлука.

Овој заклучок произлегува од таму што во сите три одлуки е уредена истата материја што се оспорува со иницијативата, а разликите се состојат само во износите на одделните надоместоци, што практично значи дека Јавното претпријатие по истекот на определен временски период прави ревизија, односно измена на цените на услугите, што на определен начин им дава на самите одлуки привремен односно темпорален карактер. Оттука, според Судот, со самото донесување и примената на Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на граничните премини од 2001 година, со која се утврдени истите надоместоци како и во оспорената Одлука, се исцрпела содржината и дејството на оспорената Одлука, така што таа веќе не е во правниот поредок. Имајќи го предвид ова, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 108/2006
13 септември 2006
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи