59/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за воведување на местен самопридонес за изградба на објекти од заеднички интерес на граѓаните од месните заедници од градот и месните заедници од населените места Ваташа и Глишиќ за периодот од 1 јули 2003 година заклучно со 30 јуни 2008 година, под бр.07-760/2 донесена од Советот на општина Кавадарци на седница одржана на 27 јуни 2003 година („Службен гласник на општина Кавадарци„ бр.24/2003).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија„

3. Илo Змејковски од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука била донесена врз основа на Законот за општите начела на самопридонесот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.27/1978), кој е укинат со Одлуката на Уставниот суд У.бр.104/ 2005 од 23 ноември 2005 година.

Оттаму, во услови на целосно укинат закон, оспорената одлука требало да биде преиспитана по однос на нејзината законитост, како и по однос на нејзината согласност со член 51 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја укине.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 17 од Законот за општите начела на самопридонесот („Службен весник на Социјалистичка Република Македонија“ бр.27/1978), член 28 став 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 37 од Статутот на општината Кавадарци и Одлуката за распишување на референдум за воведување на местен самопридонес за изградба на објекти од заеднички интерес на граѓа-ните од месните зедници од градот и месните заедници од населе-ните места Ваташа и Глишиќ на референдум одржан на 15 јуни 2003 година, Советот на општина Кавадарци на седница одржана на 27 јуни 2003 година ја донел оспорената одлука.

Во член 1 од Одлуката е определено дека се воведува местен самопридонес за град Кавадарци, населените места Ваташа и Глишиќ и повеќе набројани месни заедници.

Во член 2 од Одлуката е определено дека самопридонесот се воведува во пари и се дефинира кој се е обврзан за плаќање на самопридонесот.

Во член 3 од Одлуката е определена висината на само-придонесот и тоа на 2% од точно определени основици за пресме-тување и уплатување (нето исплатена плата, пензија, лични примања од стопанска, нестопанска и занаетчиска дејност и друго).
Во член 4 од Одлуката е определен начинот на кој ќе се врши плаќањето, како и органите што имаат обврска да даваат извештај за прибирањето на средствата.

Во член 5 од Одлуката е определено кој е ослободен од плаќање на самопридонесот.

Според член 6 од Одлуката, самопридонесот се воведува за временски период од 5 години и тоа од 1 јули 2003 година до 30 јуни 2008 година.

Во член 7 од Одлуката е дефинирано за која намена ќе се користат прибраните средства од самопридонесот (водоснабдување, колектор за отпадни води, градска капела и друго), чиј вкупен износ е планиран на 70.000.000 денари според членот 8 од Одлуката.

Во членовите 9 до 13 од Одлуката се определува органот што е надлежен за надзорот на наплатата и употребата на средства-та, надлежниот депонент, жиро сметката и надлежните органи за стручно администативните и финансиски потреби на посебно форми-раната Комисија за реализација на самопридонесот.

Во член 14 од Одлуката е определено дека за облогот, наплатата, жалбената постапка, застареноста на побарувањето по основ на местен самопридонес и друго ќе се применува Законот за даноците на граѓаните.

Во член 15 од Одлуката е определено дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 1 јули 2003 година и ќе се објави во „Службен гласник на општина Кавадарци“.

Одлуката е заведена под број 07-760/2 од 27 јуни 2003 година и е објавена во „Службен гласник на општина Кавараци“ бр.24/2003 година.

5 . Според член 51 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот и со закон. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Со точката 1 на Амандманот XVII на Уставот се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија. Според наведената точка на Амандманот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку преставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во облас тите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според член 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, при одлучувањето дали закон, пропис или општ акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значењето за оставарувањето на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.

Според член 28 став 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), одлуката донесена на референдум е задолжителна за советот.

Во конкретниот случај во поднесената иницијатива како единствена причина за оспорување на уставноста на оспорената одлука се наведува дека истата била донесена врз основа на Законот за општите начела на самопридонесот кој е укинат со Одлуката на Судот У.бр.104/2005 од 23 ноември 2005 година („Службен весник на Република Македонија„ бр.112/2005 од 21 декември 2005 година).

Правниот ефект од донесување на укинувачка одлука се состои во тоа што истата произведува правно дејство од моментот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија„ (21 декември 2005 година) и од тој момент по правило настапува правната забрана за примена како на укинатиот, така и на останатите прописи што биле донесени за извршување на неуставниот, односно незаконитиот акт.

Меѓутоа, според Судот во овој случај оспорената одлука нема карактер на акт донесен во функција на извршување на сега укинатиот Закон, туку има карактер на акт што произлегол од уставното и законско овластување на граѓаните да одлучат на референдум за прашање од заеднички интерес.

Од друга страна, Одлуката како законски основ за донесување, покрај сега укинатиот Закон, како основ го има и членот 28 став 4 од Законот за локалната самоуправа, кој е во сила, а правото на граѓаните по пат на референдум да одлучуваат за прашањата од областа на лока лното финансирање произлегува и од точката 1 на Амандманот XVII на Уставот.

Исто така, в о конкретниот случај е неспорно дека Законот за општите начела на самопридонесот во периодот на неговото долгогодишно правно егзистирање од 1978 до 2005 година, преставуваше основа за донесување на неопределив број одлуки за воведување на самопридонеси од кои некои се уште беа во фаза на незавршена реализација во моментот на неговото одстранување од правниот поредок, како што е случај со сега оспорената одлука.

Понатаму, во конкретниот случај станува збор за Одлука што е донесена врз основа на тогаш важечки одредби од Законот за општите начела на самопридонесот, чија законитост по однос на спроведената постапка од која произлегла не се доведува во прашање со поднесената иницијатива. Истата е резултат на спроведено позитивно изјаснување на граѓаните, чии легитимни очекувања биле врз основа на издвоените средства да ги користат изградените објектите што се од заеднички интерес. Станува збор за темпорална Одлука чија реализација е започната сметано од 1 јули 2003 година и досега според предвидената динамика треба да е реализирана за повеќе од половина и нејзината конечна реализација по однос на прибирање на средствата завршува na 30 јуни 2008 година, што значи по истекот на овој датум истата ќе престане да важи, сама по себе, заради исцрпување на нејзината примена.

Оттаму, заради карактерот на оспорената одлука, целосна рализација на легитимните очекувања на граѓаните од воведениот местен самопридонес за изгр адба на објекти од заеднички интерес, заради можноста од настанување на правен хаос, опасноста од нарушување на настанатите правни односи кои не се во целост реализирани, Судот оцени дека нема уставен основ за одстранување на оспорената Одлука од правниот поредок.

Впрочем, целосно остварување на легитимните очекувања на граѓаните врз основа на законски спроведено позитивно изјаснување за воведување на референдум е една од компонентите на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр. 59/2006
6 и 12 јули 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи