У.бр.193/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јули 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативи на Стамен Филипов, Марјан Калиманоски и Велимир Јовановски, сите од Скопје, Младен Веселинов, Љубомир Јанев, Михаил Протоѓеров, Филип Јованов и Александар Гарвански, сите од Штип, со решение У.бр.193/2005 од 19 април 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување во Законот за пензиското и иналидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004 и 4/2005) во членот 17 се додава нов став 3, кој гласи:

“Осигуреникот избран на непосредни избори во претставничкиот дом, како и членовите на неговото семејство мож ат да стекнат право на пензија по престанувањето на мандатот под услови, на начин и постапка утврдени со посебен закон”.

Во членот 2 од Законот е предвидено овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како системски закон, се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос, основите на капиталното финансиско пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Од наведените уставни одредби произлегува дека уставна обврска на законодавецот при уредување на односите во врска со остварувањето на правото на старосна пензија како основно право од правото на социјално осигурување, е граѓаните да ги стави во еднаква правна положба.

Според оспорениот закон се предвидува условите, начи нот и постапката за остварување на ова право за пратениците и членовите на нивните семејства да се утврдат со посебен закон што несомнено укажува дека определена категорија граѓани само поради нивната општествена положба, се издвојува од единствениот систем на пензиското и инвалидското осигурување. Всушност, со оспорениот закон е дадена можност во системот на пензиското осигурување да се воспостави нов систем за остварување право на пензија на определена категорија граѓани, при што со посебен закон ќе се утврдат условите, начинот и постапката за остварување на правото на пензија.

Поаѓајќи од ваквата дадена можност, законодавецот со Законот за пратениците (“Службен весник на Република Македонија” бр.84/2005), утврдил посебни услови и начин на остварување на право на пензиј а на пратениците и членовите на нивните семејства.

Меѓутоа, Уставниот суд, поаѓајќи од уставните принципи за еднаквост на граѓаните, владеење на правото и социјалната праведност, со Одлука У.бр.191/2005 од 12 април 2006 година ги укина одредбите од Законот за пратениците, кои се однесуваа на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување под посебни услови.

Со оглед на овој факт, според Судот, оспорениот закон со кој се дава можност за уредување на правата на пратениците од областа на пензиското и инвалидското осигурување под посебни услови не може и понатаму да опстојува во правниот поредок на Република Македонија затоа што се доведува во прашање начелото на владеење на правото.

Воедно, Судот смета дека оспорениот закон не е во согласност со начелото на владеење на правото, имајќи предвид дека во истиот се употребени термини непознати за Уставот на Република Македонија („осигуреник избран на непосредни избори“, „претставнички дом“ и други), што го прави нејасен и неприменлив.

Исто така, оспорениот закон не е во согласност со член 112 став 3 од Уставот, од причина што при неговото донесување, законодавецот немал предвид дека Уставниот суд со Одлука У.бр. 23/2001, У.бр.24/2001 и У.бр.48/2001 од 21 ноември 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 97/2001), меѓу другото го укинал членот 1 став 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2001 година), кој во основа бил со истоветна содржина како сега оспорениот, што значи дека за истоветна содржина на закон Судот констатирал неуставност.

Оттаму, бидејќи со оспорениот закон, повторно се уредуваат исти прашања какви што биле во укинатиот закон, Судот оцени дека законодавецот не постапил во согласност со одлуките на Уставниот суд кои се конечни и извршни.

Според тоа, со натамошното опстојување на оспорениот закон се нарушува принципот на конечност и извршност на одлуките на Уставниот суд, од причина што ваквата поставеност не дозволува нивно толкување, пролонгирање или пак оневозможување на нивното извршување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.193/2005
12 јули 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи