18/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за град Прилеп за Урбан блок 9/1 за кварт 1 и кварт 2, донесена од Советот на општина Прилеп под бр.07-237/5 од 15 февруари 2005 година („Службен гласник на општина Прилеп“ бр. 4 од 22 февруари 2005 година).

2. Методија Стевананџија од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со предметниот урбанистички план биле предвидени содржини кои ги нарушувале имотните интереси на подносителот на иницијативата. Ова поради тоа што во постојното урбано подрачје за кое се однесувал планот, веднаш до објектот на парцелата на подносителот на иницијативата, се предвидувале други објекти од соседните парцели со чија реализација би се попречило нормалното функционирање на неговиот изграден објект уште од 1987 година бидејќи не биле со предвидено соодветно растојание и оддалеченост. За овој конкретен проблем подносителот на иницијативата дал приговор на анкетен лист број 8 во текот на јавниот увид на изложениот нацрт-план во текот на постапката за донесување на планот меѓутоа по приговорот не се отстранил наведениот конкретен проблем. Со иницијативата се оспорува законитоста на оспорената Одлука од причини што во планот не се почитувани нормите од Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот со кој се уредува растојанието на објектите, а воедно и Законот за просторно и урбанистичко планирање во членот 11 уредил дека постојната состојба е основа на проекциите на деталниот урбанистички план, кои треба да се во согласност со стандардите и нормативите.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената Одлука се утврдува дека се донесува Деталниот урбанистички план за град Прилеп, за урбан блок 9/1 за кварт 1 и 2 и планот го опфаќа локалитетот кој е опишан во овој член од Одлуката. Со членот 2 се утврдени прилозите кои ги содржи предметниот план, текстуалниот и графичкиот дел на планот и документационата основа на планот.

Според членот 3 од Одлуката, планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето, а заверката со потпис и печат ја врши претседателот на Советот на општината Прилеп.

Со членот 4 е утврдено дека планот ќе го спроведува Министерството за транспорт и врски во подрачната единица врз основа на добиената согласност бр.24-181/1 од 9 февруари 2005 година од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот – Скопје.

Со членовите 5 и 6 од Одлуката е определено дека заверен примерок од планот и од Одлуката се доставува до Министерството за трансполрт и врски и оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен гласник на општина Прилеп.

Оваа одлука е донесена од Советот на општина Прилеп под број 07-237/5 од 15 февруари 2005 година и е објавена во „Службен гласник на општина Прилеп“ број 4 од 22 февруари 2005 година.

Постапката била спроведена и Одлуката била донесена врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), односно пред донесувањето на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 од 30 јуни 2005 година).

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата, подносителот ја оспорува законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за град Прилеп, за урбан блок 9/1, за кварт 1 и кварт 2, не од причини на повреда на постапката во која планот бил донесен, имајќи предвид дека и од самата иницијатива произлегува дека тој на јавниот увид на изложениот нацрт-план имал поднесено приговор на анкетен лист број 8 и фазите во постапката биле запазени, туку од причини што не успеал во постапката да ги реализира имотните интереси по однос на растојанието на новопредивдените објекти од неговиот објект и поради тоа не се согласувал со содржините во донесениот план. Имено, со оглед на тоа што подносителот на иницијативата не успеал во рамки на постапката за донесување на планот да ги измени планираните содржини на начин на кој тој сметал дека требале да бидат испланирани, се бара со иницијативата Уставниот суд да го поништи планот како несогласен со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, па поради тоа оспорената Одлука била незаконита. Одредбата од членот 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) на која се повикува подносителот во иницијативата упатува на документацијата која се доставува на стручната ревизија во постапката на донесување на планот, во која е документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите заедно со нацрт планот, а деталниот урбанистички план содржи билансни показатели во кои се и урбаните модули предвидени согласно со соодветните стандарди и нормативи.

Оттука, со оглед на тоа што стандардите и нормативите за планирање на просторот не се утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, туку во подзаконски акт (правилник), Судот оцени дека постапувањето на Судот по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на оспорената Одлука, од аспект на причините поради кои таа се оспорува, во суштина би значело Судот да одлучува за согласноста на оспорената Одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003), а за тоа Уставниот суд, согласно членот 110 од Уставот не е надлежен, затоа што оспорениот акт и правилникот се подзаконски прописи, односно прописи со иста правна сила.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.18/2006
6 и 12 јули 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи