Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 јуни 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВААТ
– Одлуката за поставување мебел и опрема за вршење на комерцијални услуги на изградени инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Кисела Вода, донесена од Советот на општина Кисела Вода бр.07-1860/3 на 25 август 2005 година, (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2005).
– Правилникот за условите, критериумите, нормативите и начинот на користење на јавни пешачки површини за вршење на комерцијални услуги, донесен од градоначалникот на општина Кисела Вода бр.08-2117 на 2 септември 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2005), и
– Одлуката за поставување мебел и опрема за вршење комерцијални услуги на изградени и инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Ѓорче Петров, донесена од Советот на општина Ѓорче Петров бр.07-2886/5 на 31 октомври 2005 година (“Службен гласник на град Скопје” бр.14/2005).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Трифун Костовски градоначалник на град Скопје со Решение У.бр.6/2006 од 10 мај 2006 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со Уставот и Законот за градот Скопје.
5. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 20 и 22 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и соодветните одредби од статутите на општините Кисела Вода и Ѓорче Петров, советите на соодветните општини донеле одлука за поставување мебел и опрема за времени комерцијални услуги на изградени инфрасуктурни објекти на подрачјето на општината Кисела Вода и на општината Ѓорче Петров.
Со оспорените одлуки кои се со идентична содржина е предвидено дека со нив се уредува начинот на поставување и користење на мебел и опрема на изградени инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Кисела Вода и Ѓорче Петров за давање на угостителски и на трговски услуги од страна на физички и правни лица, постапка за добивање на дозвола, содржина на барањето и на дозволата и инспекцискиот надзор (член 1).
Поставувањето и користењето на мебел и опрема за вршење на комерцијални услуги на јавен простор е дозволено само ако е во согласност со одредби на одлуките и со прописи донесени за нивно спроведување (член 2).
Во член 3 од оспорените одлуки е предвидено дека под изградени инфраструктурни објекти се подразбираат плоштади, тротоари, пешачки улици и површини (јавни пешачки површини).
При поставувањето на опрема на јавните пешачки површини мора да се обезбедат услови за непречено и безбедно одвивање на движењето на пешаците (член 4).
Опремата што се користи за давање на комерцијални услуги на јавните пешачки површини не смее да биде прицврстена за подлогата за да не се оштетува и заради лесно и брзо отстранување на опремата (член 5).
При користењето на јавните пешачки површини за комерцијални услуги не смеат да се поставуваат архитектонски бариери што можат да го попречат движењето на пешаците или да го отежнат или оневозможат движењето на хендикепирани лица.
Корисниците на кои им е дозволено поставување на опрема не смеат да преземаат градежни зафати на јавни пешачки површини со кои се менува материјалот и нивелитетот на пешачките површини и не смеат да монтираат платформи или рампи од каков било материјал (член 6).
Користењето на јавните површини за комерцијални услуги не треба да го нарушува карактерот, изгледот и употребата на околниот општински простор, не смее негативно да влијае на изгледот и на користење на објектите и на зоните со статус на споменик на културата или на зоните со посебен заштитен режим и не смее да создава бучава над дозволената граница и на кој било друг начин да ги попречува функциите на домувањето (член 7).
Поставувањето на опремата не е дозволено на делот од тротоари во зоната на свртување на улицата, односно во зоната на вкрстување на улицата што е поблиску од осум метри од пресечната точка на регулациони линии.
Во членот 9 од одлуките е предвидено дека во зависност од природата на дејноста и од начинот на нејзиното остварување, општината може да издаде дозвола, односно одобрение за:
– поставување на опрема за вршење на угостителски дејности на јавни пешачки површини (за сезонски карактер на јавни пешачки површини при што подготвувањето на пијалоците и храната се врши исклучително во објектот, а јавните пешачки површини се користат само за служење на гостите);
– за поставување на опрема за вршење на трговска дејност за целогодишно користење на јавни пешачки површини, при што складирањето, пакувањето и наплатата на стоката се врши исклучително во објектите, а јавните пешачки површини се користат само за изложување на стоката и
– за вршење на угостителска или трговска дејност на јавни пешачки површини со самостојни монтажни или со подвижни тезги.
Во членовите 10 и 11 од одлуките е предвидено која опрема може да биде поставена на јавните пешачки површини во зависност од тоа дали се врши угостителска или трговска дејност (маси со столици или клупи, шанкови со столови, пултови, жардињери, фрижидери, тезги, тенди, чадори, штандови и друго).
Во членовите 14 до 17 од оспорените одлуки е предвдена содржината на барањето што го поднесуваат физичките и правните лица за добивање на дозвола, односно одобрение до надлежниот општински орган, содржината на дозволата што ја издава надлежниот општински орган и времетраењето на дозволата за краткотрајно користење на јавни пешачки површини со можност за продолжување.
Во членовите 18 до 21 од одлуките е предвидиено кој врши надзор над спроведувањето на одлуката, како и овластувањето на инспекторот на општината во случаи кога корисникот не се придржува на условите наведени во дозволата и можноста на корисникот во случај на одземање на дозволата да изјави жалба до второстепената комисија.
Во членот 22 поместен во “Преодните и завршните одредби” е предвидена обврска за корисниците во рок од 30 дена по влегување во сила на одлуката да поднесат барање за добивање на дозвола, а доколку не поднесат такво барање должни се да ја отстранат поставената опрема.
Поставувањето на опремата на јавните пешачки патеки во смисла на одлуката се врши согласно условите, критериумите, нормативите и начинот на користењето на јавните површини утврдени со правилник донесен од градоначалникот на општината (член 23).
Имајќи предвид дека подносителот на иницијативата во својот поднесок наведува дека оспорените одлуки по својата содржина речиси се идентични со Одлуката за поставување на мебел и опрема за комерцијални услуги на изградени инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје донесена од Советот на град Скопје, Судот изврши увид и во наведената одлука.
Од извршената анализа на означената одлука е утврдено дека оспорените одлуки се со идентична содржина како и Одлуката на градот Скопје со исклучок на одредбите кои се однесуваат на тоа кој го донесува актот за утврдување на условите, критериумите, нормативите и начинот на поставување на мебел и опрема или поточно речено во Одлуката за градот Скопје тоа е Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина, а во одлуките на општините тоа е градоначалникот на општината.
Воедно, во одлуката на градот Скопје се предвидени и критериуми врз основа на кои градскиот орган ја утврдува висината на закупнината што треба да ја плати имателот на опремата за користење на јавните пешачки површини.
6. Судот, понатаму утврди дека врз основа на член 23 од Одлуката за поставување мебел и опрема за давање комерцијални услуги на изградени инфраструктурни објекти на подрачјето на општина Кисела Вода и член 57 од Статутот на општина Кисела Вода градоначалникот на општина Кисела Вода на 29 септември 2005 година донел Правилник за условите, критериумите, нормативите и начинот на користење јавни пешачки површини за вршење на комерцијални услуги (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2005).
Со овој правилник се уредуваат условите, критериумите, нормативите и начинот на користењето простор пред деловната просторија за вршење на дејноста, поставување на витрини и изложување на стоки надвор од деловната зграда и за користење на плоштади и друг простор во општината Кисела Вода со цел за изложување на предмети, приредување на изложби и за други забавни приредби за вршење на дејноста (во натамошниот текст: користење на јавни пешачки површини, односно користење на опрема за давање комерцијални услуги ).
Во делот на “Општи услови”, односно во членовите 2 до 10 од наведениот правилник е предвидено дека опремата што се користи за давање на комерцијални услуги не смее на никаков начин да биде прицврстена за подлогата, дека при користењето на јавните површини за давање на комерцијални услуги не смеат да се поставуваат архитектонски бариери, користењето на јавнитие површини не смее да го нарушува карактерот и изгледот на околниот простор, опремата и јавниот простор мора да се одржуваат во исправна состојба, видовите на производите и услугите што се продаваат на јавните пешачки површини мора да овозможат краткотрајна трансформација, а производите и услугите не смеат да предизвикуваат непријатни миризби, при поставување на опрема на јавните површини, минимално слободно проодни површини од попречениот профил на тротоари или на пешачки улици мора да изнесува 1,50 м., а на улиците на кои има поголем обем на пешаци и сообраќај, минималната проодна широчина може да изнесува и повеќе од 1,50 м. за што одлучува Секторот за урбанизам односно надлежниот општински орган, поставувањето на опремата на јавна пешачка површина е дозволено само во широчина на лицето на катастарската парцела во сопственост или во закуп (графички прилог бр.1), поставувањето на опремата не е дозволена во делот на тротоари во зоната на свртување, односно во зоната на вкрстување на улиците, а границата на таа зона се утврдува на осум метри од просечната точка на регулационите линии или на страна на пешачкиот премин што е подалеку од крстосницата (графички приказ бр. 2) при поставување на опрема на плоштади, аголни проширувања и други пошироки пешачки површини мора да се почитуваат специфичните услови на локацијата, интензитетот на пешачкото движење за што одлучува надлежниот општински орган.
Во членовите 11 до 15 “Поставување опрема за вршење на угостителска дејност на јавна пешачка површина” од оспорениот правилник се утврдени парамтери кои мора да бидат почитувани при поставување на тенди; минималната широчина на површината на јавната пешачка површина при поставување на пултови; шанкови со столици, маси со столици на кои се служи само пијалок и слатки пецива или слично, маси со столици или клупи на кои се служат полни оброци. При поставување на овој вид на опрема мора да се почитуваат одредени услови (графички прилози 3 до 7).
Во членовите 16 до 19 од Правилникот “Поставување на опрема за вршење на трговска дејност на јавни пешачки површини”се утврдени параметрите и условите кои мора да бидат почитувани при поставување на овој вид на опрема за вршење на комерцијални дејности на јавните пешачки површини (графички прилози 8 до 11).
Во членовите 20 и 21 “Вршење угостителска или трговска дејност на јавна пешачка површина со самостојни монтажни или со подвижни тезги” од Правилникот се утврдени условите кои мора да бидат почитувани за вршење на трговска или угостителска дејност кога дејноста се врши со самостојни монтажни или подвижни тезги (прилог бр.12).
Во членовите 22 до 26 “Посебни одредби” од оспорениот правилник е предвидено дека барањето кое го поднесува лицето за добивање на дозвола за поставување на опрема на јавна пешачка површина е должно да го достави заедно со детален цртеж со опис на постојната состојба на бараната површина во размер 1 : 50 како и детален цртеж со опис на бараната површина со опремата што се поставува во размер 1 : 50.
За користење на јавната пешачка површина за давање на комерцијални услуги надлежниот орган издава дозвола на образец кој е составен дел на Правилникот.
Понатаму во Правилникот е утврден рокот на важењето на дозволата за сезонско поставување на опрема, дозволата за поставување на опрема за вршење на трговска дејност, рокот на важењето на дозволата за краткотрајно користење на јавната пешачка површина, можноста за продолжување на дозволата и обврските на корисникот по истекот на рокот на важењето на дозволата.
Воедно, Судот утврди дека оспорениот Правилник е идентичен со Правилникот за поставување мебел и опрема на јавните пешачки површини донесен од Градскиот комитет за урбанизам, комунално станбени работи, сообраќај и заштита на човековата околина бр.18/1505/2 од 1 јуни 2003 година.
7. Во текот на постапката, а по поднесување на иницијативата е утврдено дека Советот на град Скопје на седницата одржана на 15 март 2006 година донел Одлука за стандарди за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на град Скопје бр.07-842/1 (“Службен гласник на град Скопје” бр.4/2006).
Со оваа одлука се уредуваат стандарди за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на јавни пешачки површини на подрачјето на град Скопје, постапката за давање согласност за поставување како и други прашања од значење за поставувањето на урбаната опрема.
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за поставување на мебел и опрема за комерцијални услуги на изградени инфраструктурни објекти на подрачјето на град Скопје (“Службен гласник на град Скопје” бр.7/2003), Правилникот за поставување на мебел и опрема на јавните пешачки површини (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2003) и Правилникот за определување на висината на закупнината за користење на јавни пешачки површини (“Службен гласник на град Скопје” бр.10/2003).
8. Членот 117 став 1 од Уставот утврдува дека градот Скопје е посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон.
Според точка 2 на Амандман XVII со кој се заменува став 2 на членот 117 од Уставот во градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според член 117 став 4 од Уставот, градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката.
Со Законот за градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/2004) се уредува организацијата на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, надлежностите и финансирањето на градот Скопје и на општините во градот Скопје, употребата на јазиците на заедниците во градот Скопје и во општините во градот Скопје, соработката меѓу градот Скопје и општините во градот Скопје, како и други прашања од значење за градот Скопје.
Во членот 10 од наведениот закон се утврдени надлежностите, односно работите од јавен интерес од локално значење за градот Скопје. Така во став 1 точка 1 алинеја 5 е предвидено дека во рамките на планирањето и уредувањето на просторот градот ги утврдува стандардите и дава согласност за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје.
Според член 11 од наведениот закон, градот Скопје во вршењето на работите од својата надлежност донесува и обезбедува примена на единствената регулатива, се грижи за исто ниво на услуги и подеднаква достапност на граѓаните со примена на исти стандарди.
Во членот 15 од Законот се утврдени надлежностите на општините во градот Скопје, односно работите од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје. Во рамките на овие надлежности, а кои се однесуваат на планирање и уредување на просторот во единицата на локалната самоуправа, единицата на локалната самоуправа издава одобрение за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема.
Во членот 17 од наведениот Закон е предвидено дека општините во градот Скопје, во рамките на Законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на подрачјето на општината да ги вршат работите од јавен интерес од значење за општината што не се исклучени од нивната надлежност, не се во надлежност на органите на државната власт или во надлежност на органите на градот Скопје.
Имајќи ја предвид уставната поставеност на градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа чија организација се уредува со закон, како и утврдените надлежности согласно Законот за градот Скопје, произлегува дека во рамките на надлежностите, градот Скопје при планирање и уредување на просторот утврдува стандарди и дава согласност за поставување на времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје. Утврдувањето на стандардите од страна на градот Скопје е со цел обезбедување на единствена примена на исти стандарди од страна на единиците на локалната самоуправа кои го сочинуваат градот Скопје, а за издавањето на одобрението за поставување на времени објекти одлучува единицата на локалната самоуправа на чие подрачје се врши дејноста.
Со оглед на тоа што со оспорените прописи донесени од Советот на општина Кисела Вода и Советот на општина Ѓорче Петров се утврдуваат стандарди за поставување на мебел и опрема за вршење на комунални услуги на подрачјето на единиците на локалната самоуправа, кои прашања согласно Законот се во надлежност на градот Скопје, Судот оцени дека оспорените акти не се во согласност со наведените одредби од Уставот и Законот за градот Скопје.
9. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.6/2006
28 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи