У.бр.136/2005

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за продажба на становите во сопственост на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија број 19-2223/2 од 14 јули 2005 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2005).

2. Градот Скопје и Лепа Лазарова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Градот Скопје, со оспорената Одлука било одлучено да се продадат станови во сопственост на Републиката, кои биле определени во посебен преглед, меѓутоа одделни станови не можеле да бидат содржани во прегледот а со тоа и да бидат предмет на продажба со Одлуката, бидејќи тие по основ на присилни прописи во минатото биле стекнати во сопственост на државата и евентуално би биле предмет на денационализација. Од овие причини оспорената Одлука била во несогласност со Законот за продажба на станови во општествена сопственост, и во спротивност со уставните начела на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните, како и со членот 51 став 1 од Уставот според кој законите во Република Македонија мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во иницијативата на Лепа Лазарова од Скопје, се наведува дека оспорената Одлука за продажба на становите во сопственост на Република Македонија, е донесена од Владата на Република Македонија без постоење на законски основ за тоа. Со оглед на тоа, оспорената Одлука била во несогласност со членот 91 став 1 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, според кој Владата донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а во случајов оспорената Одлука не е во функција на извршување на закон.

Владата, исто така со донесувањето на оспорената Одлука се ставила во улога на законодавна власт бидејќи пропишала начин на оттуѓување на имот на Република Македонија, што всушност претставува материја која се уредува со закон. Поради тоа, оспорената Одлука била во несогласност и со членот 88 од Уставот, според кој Владата е носител на извршната власт, а не на законодавната власт.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за продажба на станови во сопственост на Република Македонија, со која се определуваат становите за продажба на кои права, должности и одговорности во поглед на располагањето има Републиката, а се во владение на лица без правен основ.

Со одредбите на Одлуката се определени условите и начинот на продажба на предметните станови во сопственост на Републиката.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука Судот оцени дека таа претставува конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија со кој се одлучува за прашања од стопанисувањето со конкретен станбен простор во сопственост на Републиката, кој е во владение на лица без постоење на правен основ за тоа, и воедно, Владата определила дека реализацијата на продажбата на становите ќе ја спроведе Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија на начин утврден со Одлуката.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука не уредува прашања на општ начин туку одлучува за продажба на точно определени станови односно на станови во државна сопственост кои се во владение на лица без правен основ, Судот утврди дека оспорената Одлука нема карактер на пропис и не може да биде предмет на уставносудска оцена.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2005
21 јуни 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи