24/2006-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 21 јуни 2006 година донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид, бр.07-2087/4 од 27 декември 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид и објавена во “Службен гласник на општина Охрид“ бр. 11 од 29 декември 2005 година;

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање од извршување на подинечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јованка Баракоска од Охрид со Решение У. бр. 24/2006 од 19 април 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 6 члена. Со членот 1 од Одлуката се констатира дека се донесува Детален урбанистички план за дел од 6-та урбана единица, урбан блок 1 – Охрид, 2005-2010. Со членот 2 од Одлуката се определува дека со овој ДУП се опфаќа просторот со површина од 3,5 ха. Граници на урбаниот блок се улицата “Јане Сандански“ од југоисток, крак на улица “Јане Сандански“ од југозапад, новопроектирани улица 1 и 2 и дел од улица “Даме Груев“ од северозапад и улицата “Карпош Војвода“ од североисток. Со членот 3 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план со технички број 235/2003 изработен од Институтот за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА – Скопје содржи: Графички прилози (синтезен приказ и синтезен приказ – инфраструктурни системи) и текстуален дел (просторен концепт, билансни показатели и основни параметри за уредување на просторот). Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за уредување на просторот се составен дел на планот, изготвен според Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/1996, 27/1997, 18/1999, 102/2000, 53/2001 и 2/2002). Со членот 4 од Одлуката се предвидува дека ДУП со сите негови делови се чува, следи и реализира во Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина на општина Охрид. Со членот 5 од Одлуката се определува дека ДУП се заверува со печат на Советот на општина Охрид и потпис на претседателот на Советот на општина Охрид. Членот 6 од Одлуката содржи одредба за нејзино влегување во сила (осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Охрид”).

По поднесувањето на иницијативата, Советот на општина Охрид до Уставниот суд ја достави комплетната документација што претходела на донесување на оспорениот акт.

Врз основа на приложената документација, Судот утврди дека Нацрт-Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, Урбан блок 1, Охрид е изработен од ДОО “ИН-ПУМА“ Институт за урбанизам, сообраќај и екологија од Скопје, со технички број 235-03 во декември 2003 година.

На Нацрт-планот била извршена стручна ревизија од страна на ДОО “Полигопроект-про“ Гостивар во март 2004 година за што бил изготвен Извештај во кој биле содржани определени забелешки и сугестии.

Изработувачот на Нацрт-ДУП “ИН-ПУМА“ во март 2004 година дал одговор на стручната ревизија со кој биле прифатени забелешките и сугестиите од стручната ревизија.

На Нацрт-ДУП Министерството за транспорт и врски дало стручно мислење бр. 13-2896 од 29 март 2004 година, во кое се дадени определени забелешки, како и укажување дека е потребно во Нацрт-ДУП да се вградат сугестиите и забелешките од стручната ревизија и од стручното мислење.

Секторот за урбанистичко планирање и заштита на животната средина при општината Охрид, по констатирањето дека во планот се прифатени и вградени забелешките и сугестиите од стручната ревизија и стручното мислење, со записник и заклучок бр. 22-1261/31 од 28 мај 2004 година го утврдила Нацрт–Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, Урбан модул 1 на општина Охрид, 2004-2009.

На 28 мај 2004 градоначалникот на општина Охрид донел решение бр. 08-1261/32 за организирање на јавна анкета по Нацрт–ДУП кое било објавено во дневен весник на 22 јуни 2004.

Јавната анкета по Нацрт – ДУП била спроведена од 23 јуни 2004 до 5 јули 2004 година.

На 5 јули 2004 година била извршена стручна консултација по Нацрт – ДУП, за која бил изготвен записник бр. 22-1261-58 од 4 октомври 2004 година.

Општина Охрид изготвила Извештај за спроведената јавна анкета и стручна консултација бр. 08 – 1261/68 од 15 ноември 2004 година. Во Извештајот се наведува дека биле доставени 18 анкетни листови со забелешки на планот. Биле прифатени забелешките по 8 анкетни листови, делумно биле прифатени забелешките по 5 анкетни листови, а забелешките по 5 анкетни листови не биле прифатени. Од Извештајот се гледа дека подносителот на иницијативата, Јованка Баракоска доставила 9 забелешки, кои не биле прифатени, но за кои бил даден одговор.

Во Известувањето за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и стручна консултација бр. 08-1261/69 од 18 ноември 2004 се констатира дека во предлог планот е постапено според образложението во Извештајот, односно дека прифатените забелешки се вградени во Предлог-планот.

На 25 ноември 2004 година со барање 08-1261/71, општина Охрид побарала согласност на Предлог-ДУП од Министерството за транспорт и врски.

Врз основа на доставената документација од општина Охрид, Министерството за транспорт и врски на 23 декември 2004 година дало согласност (бр. 13-16537) на Предлог ДУП за дел од Шестата урбана единица, Урбан блок 1 во Охрид.

На 27 декември 2005 година Советот на општината Охрид ја донел оспорената одлука за донесување на детален урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1, Охрид 2005-2010. Одлуката била објавена во “Службен гласник на општина Охрид“ бр. 11 од 29 декември 2005.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање што бил во примена кога е донесена оспорената одлука (“Службен весник на Репу­б­лика Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓу­себно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбани­стички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документаци­она основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доста­вува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по детал­ниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до орга­низаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја опре­де­лува, односно формира министерот надлежен за работите за уредува­ње на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 став 6 и 7 и член 23 од овој Закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Минис­терството надлежно за работите на урбанизмот.

7. Имајќи ги предвид наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот утврди дека постапката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од Шестата урбана единица, урбан блок 1 на град Охрид, бр.07-2087/4 од 27 декември 2005 година, донесена од Советот на општина Охрид е спроведена согласно Законот за просторното и урбанистичкото планирање, бидејќи во постапката за изготвување и донесување на оспорената одлука за наведениот Детален урбанистички план се испочитувани сите фази на постапката предвидени во овој закон. Од овие причини Судот не го постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Меѓутоа, имајќи ја предвид одредбата од член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, од која произлегува дека при уредување и хуманизација на просторот се бара почитување на законските прописи кои се однесуваат и на заштита и унапредување на животната средина и на природата, според Судот, во постапката за донесување на урбанистички планови, општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран се должни да ги почитуваат и одредбите од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ“ бр. 45/1977) со кои овие езера, како добро од општ интерес се споменици на природата и се под посебна заштита.

Согласно член 1 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, нивните води, крајбрежија, извори и водотоци, поради карактеристичните одлики и природна убавина, геолошки, геоморфолошки, хидролошки, хидробилошки, лимнолошки и други научни вредности, културно, естетско, образовно-воспитно, здравствено, рекреативно, туристичко и друго стопанско значење се прогласени за споменици на природата од особено значење за општествената заедница и се ставени под посебна заштита.

За заштита на езерата како добра од општ интерес кои се користат за задоволување на општи и поединечни потреби, Законот предвидел редица превентивни и други мерки за заштита. Меѓу другите, во членот 7 став 1 алинеја 5 од Законот, се предвидува дека заради заштита на езерата се забранува внесување во езерата непречистени отпадни води од населените места и индустриски објекти.

Во членот 9 став 1 од Законот се предвидува дека градежни, хидромелиоративни, хортикултурни или други работи на крајбрежјата на езерата можат да се изведуваат само под услови и на начин утврдени со просторните планови на регионите, просторните планови на општините Охрид, Струга, Ресен и Дојран, урбанистичките планови на населените места и урбанистичките планови на подрачјата со специјална намена, како и со прописите за спроведување на овие планови.

Согласно став 2 на членот 9 од истиот закон, плановите од став 1 на овој член се донесуваат по претходно прибавено мислење од Републичкиот завод за заштита на природните реткости.

Имајќи го во вид фактот што Советот на општина Охрид во постапката која претходела на донесување на оспорената одлука, не побарал мислење од органот надлежен за заштита на природните реткости, Судот утврди дека оспорената Одлука не е во согласност со Уставот и со Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У. бр. 24/2006
21 јуни 2006 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи