Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јуни 2006 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 2, 3, 4 и 6 став 2 во делот “односно евиденцијата од Органот за внатрешни работи за членовите на Советот што учествуваат при склучување на брак и матичарите” од Одлуката за висината на надоместокот на членовите на Советот на општина Гевгелија бр.07-501/1 од 28 февруари 2006 година, донесена од Советот на општина Гевгелија (“Службен гласник на општина Гевгелија” бр.6/2006).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија, преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Драги Дилев, градоначалник на општина Гевгелија со Решение У.бр.54/2006 од 26 април 2006 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија, како и со член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.
5. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од оваа одлука се утврдува дека членовите на Советот на општината имаат право на надоместок за присуство на седниците на Советот на општината.
Надоместокот на членовите на Советот за присуство на седница на Советот без оглед на нејзиното времетраење изнесува 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци.
Според член 2 од Одлуката за трошоците направени во извршувањето на задачите утврдени со актите на Советот на членовите на Советот се определува месечен надоместок и тоа:
-на членовите на Советот во износ од 7.000,00 денари
-на претседателот на Советот во износ од 10.000,00 денари.
Според член 2 од Одлуката членовите на комисиите и другите работни тела на Советот имаат право на надоместок за извршување на задачите од својата надлежност.
Надоместокот од претходниот став изнесува 700,00 денари за учество во работата на седницата на работното тело.
Надоместокот се исплаќа по завршувањето на седницата, односно по завршувањето на прекинатата или одложената седница како за една седница завршена во еден ден.
Според член 4 од Одлуката членовите на Советот на општината за учество при склучување на брак имат право на надоместок во износ од 700,00 денари независно од бројот на склучените бракови.
Право на надоместок за учество при склучување на брак во деновите на државните празници и неделите имаат и матичарите во износ од 400,00 денари.
Според член 5 од истата одлука членовите на Советот, комисиите и другите работни тела на Советот за службени патувања надвор од општината имаат право на надоместок на патни и дневни трошоци според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Согласно член 6 од истата одлука средствата за надоместокот утврден со оваа одлука ќе се обезбеди со Буџетот на општината, а ќе ги исплатува Одделението за финансии и локални даноци и такси.
Исплата на надоместокот ќе се врши врз основа на евиденцијата за присуство што ја води општинската администрација, односно евиденцијата од Органот за внатрешни работи за членовите на Советот што учествуваат при склучување на брак и матичарите.
Во член 7 е предвидено дека со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на надоместок на членовите на Советот на општина Гевгелија (“Службен гласник на општина Гевгелија” бр.11/02).
Во член 8 се предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Гевгелија”.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Според член 32 од Законот, советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината.
Во членот 45 од Законот е утврдено дека членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Во членот 50 од Законот, се утврдени надлежностите на градоначалникот меѓу кои градоначалникот ја контролира законитоста на прописите на советот.
Согласно членот 51 став 1 од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.
Според ставот 2 од овој член, советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Во ставот 3, пак, од овој член, се предвидува дека ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. Во ставот 4 од овој член од Законот е утврдено дека иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.
Согласно членот 100 од овој закон, до донесувањето на законот од членот 45 на овој закон, членовите на советот ќе примаат надоместок за присуство на седница на советот без оглед на нејзиното времетраење, најмногу до 30% од просечната месечна нето плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци, а надоместоците за патните и дневните трошоци ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Тргнувајќи од содржината на цитираните законски одредби произлегува дека законодавецот утврдил право на членовите на советот да примаат надоместок за присуство на седница и овој надоместок го ограничува со горен лимит најмногу до 30% од просечната нето месечна плата во Република Македонија исплатена во последните три месеци и го задржува правото на советниците на надомест на патни и дневни трошоци кои, до донесување на посебниот закон ќе им се исплатуваат според прописите кои се однесуваат на државните службеници.
Со одредбите од овој закон, според Судот, не се навлегува во посебно уредување на правото на месечен надоместок на членовите на советот за учество во работа на работните тела на советот, за извршување на задачите утврдени со актите на советот, за непосредено следење на одредени прашања од надлежност на советот, за ангажираност во деновите кога се склучуваат бракови, како што се определува во членот 3 и 4 од оспорената одлука.
Според тоа, Законот за локалната самоуправа не предвидува право на советниците на месечен надоместок за трошоци направени во извршување на други задачи во фиксен износ, како што тоа е определено со членовите 2, 3, 4 и 6 од оспорената одлука.
Анализирајќи ја содржината на оспорената одлука во однос на член 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа, Судот утврди дека членовите на Советот имаат право на надоместок за присуство на седници, а не и на месечен надоместок.
Врз основа на одредбите на Законот за локалната самоуправа, Судот оцени дека претседателот на советот е член на советот и како таков може да има право на надоместок како другите членови, но не и на месечен (паушален) надоместок како што определува членот 2 од оспорената одлука.
Оттука, Судот утврди дека оспорените членови 2, 3, 4 и 6 став 2 во делот: “односно евиденцијата од Органот за внатрешни работи за членовите на Советот што учествуваат при склучување на брак и матичарите” од Одлуката не се во согласност како и одредбите од Уставот со членовите 45 и 100 од Законот за локалната самоуправа.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.54/2006
21 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи