Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 јуни 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 178 точка 5 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2006).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста член 178 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата по цитирање на оспоре-ната одредба, наведува дека со неа се повредувале член 11 став 1 и 2 и член 12 став 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи осуденото лице без одлука на суд се ставало во целосна сензорна изолација што преставувало нечовечко, нецивилизирано и понижувачко однесување и казнување. Ова, затоа што смислата на казната не била да се обесчовечи лицето што дошло во судир со закон, туку спротивното. Лицето лишено од слобода, исто така било граѓанин и субјект на правото.
Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека дисциплинската казна самица се применувала во старите и ненародни режими и за него било несфатливо таа да постои и во ова време.
Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 4, член 11 став 1 и 2, член 12 став 2, член 51, член 54 став 1 и 4 и член 98 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според содржината на член 178 од Законот за извршување на санкциите, за повреди на редот и дисциплината спрема осудените лица можат да се применат следните дисциплински казни: опомена (точка 1), јавна опомена (точка 2), одземање на дел од надоместокот за работа во висина до 20% (точка 3), ограничување на доделување погодности до три месеци ако осуденото лице ги злоупотребило дадените погодности (точка 4), и упатување во самица од 3 до 15 дена со или без право на работа (оспорената точка 5).
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според став 2 од истиот член од Уставот, се забранува секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Според член 12 став 2 од Уставот, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закони те. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Според став 4 од истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забрана на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казну-вање, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и веросиповеста.
Со точката 1 на Амандманот XXV се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија. Според наведениот Амандман, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Законот за извршување на санкциите во Глава XI ја уредува материјата за одржување на редот и дисциплината во казнено-поправните и воспито-поправните установи.
Според член 176 од Законот, редот и дисциплината се одржуваат во интерес на безбедноста на установата, за да се овозможи заеднички живот на осудените лица и за постигнување на целите на третманот (став 1). Осудените лица се должни да се придржуаат на одредбите на овој зако н и на куќниот ред, да ги исполнуваат обврските од програмата за третман и да се придржуваат на наредбите на службените лица (став 2).
Според член 177 став 1 точка 1 од Законот, дисциплинските повреди можат да бидат потешки и полесни.
Според член 177 став 1 точка 2 од Законот, потешки дисциплински повреди се:
– неисполнување на наредба на службено лице со што би се предизвикале поголеми нарушувања во работата на установата,
– физички напад на службено или друго осудено лице,
– внесување или изготвување на предмети што можат да се користат за напад, бегство или за вршење на кривично дело,
– бегство од издржување на казната затвор,
– злоупотреба на доделените погодности,
– внесување или изработка на алхохолни пијалаци и нарко-тични средства, нивно уживање или растурање,
– намерна повреда на прописите за заштита при работа, заштита од пожар, експлозија или други природни несреќи,
– предизвикување на поголема материјална штета, ако била предизвикана намерно или од големо невнимание,
– занимавање со препродавање,
– позајмување на пари и меѓусебно задолжување за лихва-рска камата,
– присилување, вршење на психички притисок и физички облик на притисок над други осудени лица и поттикнување кон тоа и
– повторување на полесни повреди.
Според став 2 од истиот член од Законот, полесните повреди на дисциплината се утврдуваат со куќниот ред на установата.
Во членот 178 од Законот се содржани видовите на дисциплински казни, меѓу кои спаѓа и упатувањето во самица од три до 15 дена с о или без право на работа (оспорената точка 5 од член 178 од Законот).
Според член 179 од Законот, дисциплинските казни ги изрекува директорот на установата или лице кое го заменува (став 1). Во дисциплинската постапка осуденото лице мора да биде сослушано и неговата изјава проверена (став 2). При изрекувањето на дисципли-нската казна ќе се земе предвид поведението на осуденото лице и дали порано било дисциплински казнувано (став 3). Пред издржувањето на дисциплинската казна за упатување во самица ќе се прибави мислење од лекарот за здравствената состојба на осуденото лице (став 4).
Според член 180 од Законот, дисциплинските мерки ограничување на доделување погодности до три месеци ако осуденото лице ги злоупотребило дадените погодности и упатување во самица од 3 до 15 дена со или без право на работа, можат да се изречат за потешки повреди на дисиплината (став 1). Извршувањето на дисциплинските казни, ограничување на доделување на погодности и упатување во самица може условно да се одложи до шест месеци ако основано се очекува дека и без извршување на изречената казна ќе се постигне целта на дисциплинското казнување (став 2).
Условното одлагање на извршувањето на дисциплинската казна ќе се отповика ако условно казнетото осудено лице во рокот за кој е одложено извршувањето е повторно дисциплински казнето. Ако се отповика изречената казна ќе се изрече една казна и за поранешната и за новата дисциплинска повреда, при што упатувањето во самица може да се изрече во траење до 30 дена (став 3).
Според член 181 од Законот, при извршувањето на дисци-плинската казна упатување во самица на осуденото лице му се обезбедуваат потребните хигиенски и здравствени услуги и му се овозможува читање на книги и весници (став 1). Просторијата во која се извршува дисциплинската казна упатување во самица мора да е во големина од најмалку 9 м ³ , да е осветлена со дневно светло, да има санитарен јазол, вода за пиење, кревет со постелнина, маса и столица и да е загреана (став 2). На дисциплински казнениот со упатување во самица му се обезбедува престојување на свеж воздух надвор од затворените простории еден час дневно (став 3). Казнетото лице секојдневно го посетува лекар, а директорот на установата еднаш неделно (став 4).
Според член 182 од Законот, дисциплинската казна упату-вање во самица нема да се изврши или ќе се прекине ако со извршу-вањето се загрозува здравјето на осуденото лице. Притоа, изречената дисциплинска казна може да се замени со друга поблага казна.
Според член 183 од Законот, директорот на установата може да го запре извршувањето на дисциплинската казна ако утврди дека со дотогашното извршување на казната е постигната целта на дисциплинското казнување.
Според член 185 од Законот, против решението за изречената дисциплинска казна, како и против решението од член 184 на овој закон со кое е одлучено за надоместување на штетата, осуденото лице има право на жалба во рок од три дена до директорот на Управата (став 1). Жалбата на осуденото лице не го задржува извршу-вањето на казната (став 2). Пос тапката за решавање по жалбата е итна (став 3).
5. Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и 2 од Уставот, произлегува дека правото на заштита на физичкиот и моралниот интегритет е општоприфатена лична слобода и право гарантирано во Уставот на Република Македонија, а механизмот за обезбедување на вака предвидената гаранција е содржан во забраната за секаков облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Оттаму, физичкиот и морален интегритет на човекот и граѓанинот мора да бидат почитувани во секоја пригода, како од страна на државните органи задолжени за реприсија, така и од граѓаните како единки. Уставот го штити граѓанинот од секаков вид малтретирање, изложување на понижување, груб третман кој има за цел да ја деградира неговата личност или пак да биде изложен на намерно предизвикување на физичко или духовно страдање, независно дали се наоѓа на слобода или пак е во затвор. Имено, граѓанинот било да се наоѓа на слобода или пак да се наоѓа во затвор, ги ужива уставно загарантираните права. За таа цел, тој има право да дава забелешки на постапките на државните органи и да бара почитување на неговиот интегритет.
Ценејќи го упатувањето во самица, како дисциплинска казна со најголема доза на репресија, според поставеноста во Законот, произлегува дека до нејзина примена доаѓа како крајно решение за дисциплинирање на осуденото лице кое прибегнало кон кршење на редот и дисциплината, за точно законски дефинирани делувања (член 177 став 1 точка 2). Оваа казна се применува по претходно спроведена законски пропишана постапка од страна на затворската управа, во која постапка, меѓу другото, е предвидено и задолжително сослушу-вање на осуденото лице и проверување на неговата изјава (член 179 став 2 од Законот).
Со оглед на околноста што во примената на оваа казна би можело да се очекува и настапување на негативни ефекти врз физичкото и душевното здравје на осуденото лице, во член 179 став 4 од Законот е предвидено пред упатувањето во самица задолжително да се прибави мислење од лекар за здравствената состојба, а според член 191 став 4 од Законот, казнетото лице секојдневно го посетува лекар.
Оттаму, произлегува дека упатувањето во самица како најтежок вид на дисциплинска казна се применува во случај на потешки повреди на дисциплината, децидно определени во член 177 став 1 точка 2 од Законот, која мерка се изрекува според точно утврдена постапка во која е предвидено и право на жалба (член 185 став 1 од Законот) и до нејзино извршување може да дојде ако тоа го дозволува здравствената состојба на осуденото лице со водење на сметка за принципот на индивидуализација и претпоставениот ефект од нејзиното извршување.
Понатаму, Судот со цел да утврди дали и од кои причини е потребно постоење на ваков вид дисциплинска казна ги имаше предвид околностите што можат да доведат до нејзина примена.
Имено, осудените лица во затворски услови треба да го прилагодат своето однесување на посебните општествени норми и на нормите на затворските установи, содржани во куќните редови на казнено-поправните установи во кои ја издржуваат казната затвор. Двата система на норми за осудените лица преставуваат системи на разновидни лишувања и ограничувања на дотогаш уживаните права и слободи, што во некои случаи може да доведе до чувство на деперсонализација на личноста и тие лица да прибегнат кон кршење на редот и дисциплината во казнено-поправната установа.
За одржување на редот и дисциплината во случај кога превоспитните норми нема да дадат ефект во примена доаѓаат дисциплинските казни кои се поставени како посебен метод на превоспитен третман. Секако тие треба внимателно да се применуваат посебно водејќи сметка за принципот на индивидуализација и претпоставеното влијание што би го имале врз осуденото лице.
Ваквото дисциплинирање на осудените лица не смее во себе да содржи даградирање и понижување и треба да биде израз на објективната потреба од одржување на редот и дисциплината во согласност со потребата од превоспитување на осуденото лице.
Оттаму, според концептот на Законот воопшто и уредноста на постапката за изрекување на овој вид дисиплинаска казна не може да се прифати дека оспорената законска одредба отстапува од уставната гаранција за заштита на физичкиот и морален интегритет на човекот, како и тоа дека води кон нечовечко или понижувачко однесување и казнување. Ова особено ако се има предвид дека просторијата во која се спроведува изречената дисиплинска казна упатување во самица треба да ги исполнува законски предвидените хигиено-технички услови, предвиденоста за секо јдневен престој на свеж воздух во траење од 1 час, секојдневната посета од лекар, можноста за читање на книги и весници (член 181 од Законот), што во крајна линија не преставува драстично одстапување по однос на условите што ги уживаат останатите затворени лица.
Според Судот неоснован е наводот во иницијативата за ставање на осуденото лице во позиција на сензорна изолација за време на извршувањето на изречената дисциплинска казна упатување во самица. Ова и од причина што овој термин подразбира престој во просторија со целосна звучна и светлосна изолација што не е карактеристика на просторијата во која се извршува наведената дисциплинска мерка.
Конечно, поаѓајќи од причините поради кои може да дојде до упатување во самица, уреденоста на постапката за изрекување на овој вид дисциплинска казна, нејзиното времетраење (од 3 до 15 дена), како и целта што треба да се постигне со така изречената казна (член 176 став 1 од Законот) според Судот оспорената одредба не може да биде ставена под сомнение по однос на нејзината согласност со членот 11 од Уставот на Република Македонија. Притоа, треба да се има предвид и околноста што според целокупната концепција на упатувањето во самица како дисцилинска казна, истата во реали-зацијата спрема конкретно лице не преставува радикална промена во востановениот секојдневен затворски режим.
6. Според Судот оспорената одредба не може да биде предмет на оцена по однос на нејзината согласност со членот 12 од Уставот, од едноставна причина што оваа уставна одредба н е ги сублимира случаите кога слободата на човекот е веќе претходно ограничена врз основа на законски спроведена постапка и донесена судска одлука.
Понатаму, во ставот 4 на членот 54 од Уставот е содржан посебен вид заштитна клаузула за одредени слободи и права и неможност таа категорија слободи и права да се ограничат ниту со Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувако постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповеста.
Оттаму, Судот оцени дека оспорената законска одредба не може да биде ставена под сомнение и по однос на нејзината согласност со член 54 од Уставот, бидејќи Уставот во овој дел го изразува принципот на постоење на слободи и права, децидно наброени во ставот 4, што се неприкосновени и недопирливи дури и во воена или вонредна состојба, што не е случај со карактерот на оспорената законска одредба. Дисциплинската казна упатување во самица има за цел осудените лица да бидат санкционирани заради сторени потешки дисциплински повреди и непочитување на законски утврден режим на однесување во затворските установи. Оттаму, тоа што една санкција постои во казненото законодавство во принцип не го исклучува постоењето на иста или слична таква санкција и во дисциплинската сфера.
Судот, исто така, во поткрепа на изнесеното гледиште констатираше дека во ревидираниот тек ст на Европските затворски правила е предвидена можност за казнување со дисциплинско притворање што значи дека на поширокото европското законодавство не му е непознат ваков вид на дисциплинирање на затворениците. Имено, според правилото 38.1 од Европските затворски правила, казнувањето со дисциплинско притворање, како и секоја друга казна што би можела да има спротивен ефект врз физичкото и душевното здравје на затвореникот, може да се применува само ако лекар по извршениот преглед даде писмена потврда дека затвореникот е способен да го поднесе тој вид казна.
Оттаму, според Судот оспорената одреба не може да биде ставена под сомнение ни по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 51 и Амандманот XXV на Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 16/2006
21 јуни 2006 год.
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи