Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 јуни 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 алинеја 1 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 7/2000 и 89/2004).
2. ТД „Ацо Интернационал“ с. Брвеница, ДПТУ „Мујо Промет“ с. Желино и „ФИС-КОМ“ – Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителите на иницијативите оспорената одредба од Законот за шумите не била во согласност со член 55 од Уставот, затоа што правните лица кои се бавеле со дејност продажба и промет со дрвна маса биле обврзани да пресметуваат и плаќаат дополнителна давачка (3% или 2%) и ако за производство и промет со дрвни сортименти како и сите други производи биле опфатени со наплата на данок на додадената вредност во висина од 18%.
3. Судот на седницата утврди дека според член 68 од Законот за шумите поместен во Глава IV „Репродукција на шумите“ е предвидено дека „проширена репродукција на шуми во смисла на овој закон е подигање на нови шуми за пошумување на голини и ерозивни земјишта и мелиорација на непродуктивни деградирани шуми и шикари, нега и превентивна заштита на шумски култури од растителни болести, штетници и пожари, обезбедување на семе и на шумски саден материјал, изградба на инфраструктурни објекти во шума и друго“.
Според став 2 на член 68 за работите на проширената репродукција на шуми средства обезбедуваат:
– јавното претпријатие и правните лица кои вршат одгледување и заштита на шуми за посебна намена во висина од 3%, како и правните субјекти што вршат промет на дрво во висина од 2% од вредноста на продаденото дрво и
– Буџетот на Република Македонија.
4. Според член 55 од Уставот на кој се повикуваат подносителите на иницијативата, а кој е поместен во делот на основите на економски односи, во Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, при што Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено, културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а според ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Од наведените уставни одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата претставува значајна задача на државата и пошироко на општеството. Во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина и на природата се утврдени на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Тоа значи дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е грижа не само на државата, туку и на сите граѓани, претпријатијата, установите и органите на локалната самоуправа. Сите овие субјекти се должни да обезбедат услови за зачувањето на природните и со работа создадени вредности на човековата средина и да ги отстрануваат штетните последици и дејствија што ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето. Од овие причини и заштитата на животинскиот и растителниот свет поблиску се уредува со закон со што се создаваат нормативни претпоставки за оптимално остварување на нивната заштита во целата Република.
Во насока на операционализација на наведената уставна одредба е донесен Закон за шумите, според кој шумите како природни богатства се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита (член 2).
Во членот 5 од наведениот закон е предвидено дека одгледувањето, користењето и заштитата на шумите е дејност од јавен интерес, а според член 9, пак, стопанисувањето со шумите за стопанска намена се врши според општиот план и посебни планови за стопанисување со шуми, а одгледувањето и заштитата на шумите со посебна намена се врши според општиот план од ставот 1 на овој член и посебни планови за одгледување и заштита на шумите.
Според член 14 од Законот, шуми за посебна намена се шуми кои претставуваат природна реткост за одмор, спорт и рекреација. Според член 15 од Законот, шумите за посебна намена можат да бидат определени како шуми во национални паркови, заштитни шуми, шумски и ловни резервати, парк шуми, шуми за производство на шумско семе, излетишта и шуми за потреби на науката, наставата и одбраната.
Тргнувајќи од анализата на наведеното произлегува дека шумите се добра од општ интерес за Републиката и дека начинот на користењето и нивната заштита се уредени со закон, а државата е должна да обезбеди посебна нивна заштита.
Во тој контекст, Судот смета дека државата која води посебна грижа за добрата од општ интерес, а во конкретниов случај тоа се шумите има право со закон да предвиди обврска за правните субјекти кои стопанисуваат со шумите да издвојуваат средства за проширена репродукција за шумите со посебна намена, односно нормативно да го уреди прашањето на обезбедување на средства за оваа намена и да ја утврди висината на тие средства.
Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека наводите во иницијативите дека со оспорената одредба се доведува во прашање начелото на слободата на пазарот и претприемништвото утврден во член 55 од Уставот се неосновани, односно таа не може да биде доведена во корелација со наведената уставна одредба. Воедно Судот смета дека оспорената одредба не може да биде доведена под сомнение и во однос на член 56 од Уставот. Ова оттаму што според Судот целта на законодавецот со оваа одредба е да се обезбедат средства за одгледување и заштита на шумите како добра од општ интерес за зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето, а не да ги доведе во нееднаква положба субјектите кои стопанисуваат со шуми, дотолку повеќе што субјектите на кои се однесува оспорената одредба не се наоѓаат во еднаква правна положба.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.50/2006
21 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи