8/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 јуни 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 3 точка 3 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија„ бр.79/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 точка 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, бидејќи во Република Македонија било слободно се што не било забрането во Уставот и законите, согласно член 8 став 2 од Уставот. Во таа смисла била и темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-слободата на пазарот и претприемништвото од членот 8 став 1 алинеја 7 и член 55 став 1 и 3 од Уставот. Имено, слободата на пазарот и претприемништвото можеле да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, но не и заради моралот.

Понатаму, според член 51 став 2 од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите, од што произлегувало дека изречна должност за почитување на моралот во Уставот немало. Според членот 54 став 1 од Уставот слободите и правата на граѓаните можеле да се ограничат само во случаите утврдени со Уставот, поради што со оспорената одредба се вршело ограничување спротивно на наведената уставна одредба. Судовите според член 98 став 2 од Уставот, не можеле да судат врз основа на моралот.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија-основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 7, како и членот 8 став 2, членот 51, членот 54 став 1, членот 55 став 1 и 3 и членот 98 став 2 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 3 став 1 од Законот за парничната постапка, странките можат слободно да располагаат со барањата што се ставени во постапката.

Според член 3 став 2 од Законот, тие можат да се одречат од своето барање, да го признаат барањето на противникот и да се порамнат.

Според член 3 став 3 од Законот, судот нема да ги уважи располагањата на странките кои се: во спротивност со присилните прописи (точка 1), во спротивност со одредбите на меѓународните договори ратифику-вани во согласност со Уставот на Република Македонија ( точка 2) и во спротивност со моралот (оспорената точка 3).
4. Според член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 7 од Уставот на Република Макед нија, основните права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според став 3 од истиот член од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според Амандманот XXV на Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

5. Поаѓајќи од поставеноста на оспорената одредба во Законот, како и карактерот на самиот Закон, произлегува дека оваа одредба е од процедурална природа и се однесува на конкретен инструмент за ограничување на едно од фундаменталните начела на парничната постапка-начелото на диспозицијата на странките, според кое странките слободно располагаат со барањата што ги истакнале во постапката, кое начело може да биде ограничено само кога е во прашање располагање на странките кое е во спротивност со присилните прописи, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија, како и во спротивност со моралот.

Притоа, судовите по службена должност внимаваат дали во одрекувањето од барањето, признавањето на барањето на противникот или порамнувањето, странките во постапката не го пречекоруваат законското ограничување во располагањата и доколку таквото располагање е во спротивност, меѓу другото и со моралот, судот нема да го прифати таквото располагање. Во случај кога судот би ја засновал својата одлука врз недозволени располагања на странките (член 3 став 3) би сторил суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од член 343 став 2 точка 5 од Законот.

Оттаму, според Судот, отсуството на терминот “моралот” во Уставот не е релевантен факт и основ за заклучување дека овој термин не може да се употребува во законите, со оглед на тоа што со законите се врши операционализација на уставните одредби во функција на создавање правни претпоставки и услови за остварување на определени права и слободи утврдени со Уставот.

Моралот претставува збир на правила, морални норми на однесување кои ги искажуваат вредносните судови за поведението на луѓето. Моралните норми, како вид на општествени норми кои не се егзактно определени, ниту писмено средени, на поединецот му наложуваат да прави добро и да го пропушта (да се воздржува од) злото. Под поимот морал се подразбираат сфаќањата на луѓето за нивната должност спрема другите, спрема заедницата, спрема општеството и спрема самиот себе. Тоа се правила кои важат во една конкретна историска општествена средина и кои соодветствуваат на определени правила на однесување, па и на самото тоа однесување. Оттаму, моралноста претставува настојување сопствените дејствија да се раководат не само од своите лични цели, туку да се насочуваат, усогласуваат и ограничуваат и со целите на другите.

Самото придржување кон моралот се појавува како последица на тесната поврзаност на моралот и правото и неможноста на законодавството сеопфатно во сите подробности да ги регулира сите општествени вредности. Или, поинаку, почитувањето на моралот упатува како во практиката на конкретен случај треба да се примени некоја апстрактна правна норма. Таквото повикување е условено од овластувањето на судот или други службени лица да ги применуваат општите правни норми во решавањето на конкретни правни случаи. Моралноста се однесува на постапки кои за своја основа ја имаат правичноста, совесноста, чесноста и хуманоста и како вредности кои произлегуваат од начелото на владеењето на правото врз кое, меѓу другото, е заснован и Уставот на Република Македонија, што претставува дополнителен начин за елаборација на правото во кој е инкорпорирано знаење за оценување на општествените вредности.

Со оглед на значењето на моралот, како етичка катагорија која има особено место во воспоставување на меѓусебните односи на луѓето, не е во несогласност со Уставот, определени правила на моралот да бидат вградени во правните норми, во кои извесни однесувања на странките се ограничени со моралот, односно со неговите правила.

Оттаму, во случаите кога законодавецот, согласно неговите уставни овластувања, ќе оцени дека уставната нормираност не е доволна основа и рамка за нивно остварување и реализирање, пристапува кон донесување на закони, во чие оживотворување не е во обврска да ги употребува само термините и институтите што се содржани во Уставот.

Со оглед на наведеното, според Судот произлегува дека истиот како етичка категорија не може да биде во спротивност со Уставот, законите и меѓународните договори и неговото почитување во крајна линија води кон оживотворување на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Ова и од причина што почитувањето на моралот не значи по автоматизам негирање на Уставот, законите и меѓународните договори, туку напротив води кон нивно почитување и зајакнување.

Врз основа на изнесенето, пред Судот не се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 8 став 1 алинеја 3 и став 2 од Уставот.

Според Судот несновани се и наводите на подносителот на иницијативата за несогласност на оспорената одредба со членовите 8 став 1 алинеја 7, 54 став 1 и 55 став 1 и 3 од Уставот, бидејќи со оспорената одредба не се врши ограничување на слободите и правата или пак ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото надвор од уставно определените рамки. Ова од едноставна причина што Уставот не го уредува прашањето во врска со правилата на однесување на физичките и правните лица во нивните меѓусебни односи, туку остава тие да се уредат со закон и тоа на начин што овие правила подеднакво ќе се однесуваат за сите учесници во правниот промет без притоа да станува збор за ограничување на слободите и правата на граѓаните или пак слободата на пазарот и претприемништвото.

Во иницијативата не се содржани конкретни причини во што би се состоела можната повреда на член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот.

Конечно, во формирањето на правното становиште, се имаше предвид дека Уставниот суд со Решение У.бр.72/1999 од 2 јуни 1999 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 точка 3 од Законот за парничната постапка, објавен во “Службен весник на Република Македонија„ бр.33/1998, која одредба имала иста содржина како сега оспорената одредба од Законот и во која постапка била оценувана нејзината согласнот по однос на истите уставни одредби како и во оваа постапка.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 8/2006
14 јуни 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи