Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јуни 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 алинеја 1 од Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005 и 113/2005).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите и начинот на доделување на средства од Посебниот фонд за обезбедување услови за вработување и работење на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2004).
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение, односно уставноста и законитоста на актот означен во точката 2 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, затоа што критериумите и мерилата за доделување на неповратни средства за вработување на инвалидно лице и адаптација на работното место можеле да се уредуваат само со закон, а не со подзаконски акт, како што тоа било предвидено во оспорената одредба, а врз основа на што е донесен и сега оспорениот правилник.
Оттука, подносителот на иницијативата смета дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5, членот 95 став 3 и членот 96 од Уставот на Република Македонија.
Оспорениот правилник, предвид на горе наведеното, не бил во согласност со членовите 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 4 од Законот за вработување на инвалидни лица се предвидува дека мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидното лице се:
– доделување на неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку тоа е потребно и набавка на опрема според критериумите и на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика;
– ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси, и
– финансиска поддршка во работењето.
Оспорениот Правилник за критериумите и начинот на доделување на средства од Посебниот фонд за обезбедување услови за вработување и работење на инвалидни лица содржи 19 (деветнаесет члена) и во членот 1 од истиот се предвидува дека со овој правилник се утврдуваат критериумите, начинот на доделувањето и употребата на средства на работодавецот од Посебниот фонд за обезбедување услови за вработување и работење на инвалидни лица.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот на Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Во членот 91 алинеи 1 и 5 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на закионите, а според член 96 од Уставот органите на државната власт работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
` Според член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002) со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски ниту да се пропишува надлежност на други органи.
Законот за вработување на инвалидни лица во членот 1 определил дека предмет на негово уредување се посебните услови за вработување и работење на инвалидните лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец чиј работодавец има својство на работодавец во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица.
Како цели на овој закон се определени потребите и обврката при вработување на инвалидно лице да се создадат соодветни услови за работење и адаптација на работното место во зависност од работното место, видот и степенот на образованието и видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице кое се вработува (член 5 став 2).
Главата IV ги регулира прашањата за финансирањето на работите за создавање на посебни услови за вработување и работење на инвалидно лице кој носи наслов „Посебен фонд за подобрување на услови за вработување и работење на инвалидни лица“.
Во оваа глава меѓу другите е содржан и член 16 став 7 во кој се предвидува дека при доделување на средствата од Посебниот фонд се тргнува од обемот и видот на посебните услови за вработување и адаптација на работните места кои треба да се создадат, видот и обемот на опремата во зависност од техничко-технолошкиот процес кои треба да се обезбедат заради подобрување на условите за вработување и работење на инвалидното лице.
Тргнувајќи од анализата на овие законски одредби во контекст на наводите во иницијативата и имајќи ја предвид оспорената одредба од Законот, произлегува дека законодавецот ги утврдил основните, општите критериуми за доделување на неповратните средства за исполнување на целта на овој закон – вработување на инвалидно лице и адаптација на работното место на кое ќе работи, како и за набавка на неопходната опрема.
Имено, законодавецот во оспорениот закон дава рамка, односно општи критериуми врз основа на кои може да се определи висината на средствата кои се доделуваат заради вработување и адаптација на работно место на инвалидното лице, а тоа се посебно обемот и видот на посебните услови за вработување и адаптација на работното место, како и видот и обемот на опремата, а сето тоа во зависност од техничко-технолошкиот процес.
Оттука, обврската министерот за труд и социјална политика со свој акт да ги утврди критериумите за доделување на неповратни средства, која е содржана во оспорената законска одредба, не претставува повреда на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, од причина што во Законот се дадени рамките, односно општите критериуми, а согласно членот 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерот со подзаконски акт само ги разработил овие законски одредби. Значи, овластувањето на министерот е во функција на операционализација на Законот, а не навлегување на извршната во законодавната власт, како што се тврди во иницијативата.
Имајќи ја предвид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, Судот утврди дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи никакви критериуми за доделување на средства за вработување на инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи и за набавка на опрема, од што произлегува дека оспорената одредба од Законот е во согласност со Уставот.
6. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Согласно член 17 од Правилникот за критериумите и начинот на доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2005) со денот на влегувањето во сила на овој правилник (7 октомври 2005 година) престанува да важи Правилникот за критериумите и начинот на доделување на средства од Посебниот фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2004).
Со оглед на фактот што со донесувањето на Правилникот за критериумите и начинот на доделување на неповратни средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица, сега оспорениот правилник престанал да важи, односно истиот не е повеќе во правнииот поредок, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по овој дел од иницијативата, а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.102/2006
14 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи