У.бр.162/2005

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јуни 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 4 и членот 11 став 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/2005).

2. „Макпетрол“ АД Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата со членот 4 од Законот се повредувале член 9 став 2 и член 55 став 1 и 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, со законската определба дејностите пренос на природен гас и управувањето со системот за пренос на природен гас да се доделат на јавно претпријатие, односно акционерско друштво основано од Владата на Република Македонија, се овозможувало Републиката да се стекне со монополска положба на пазарот. Ова од причина што кога било во прашање организирање и вршење на стопанските дејности од јавен интерес, преку создавање на јавни претпријатија, по однос на нив не влијаеле пазарните законитости. Според подносителот на иницијативата државата им обезбедувала монополска положба на трговските друштва основани од неа, а истите без оглед од кого биле основани биле еднакви на пазарот и не можеле на кој било начин да бидат изземени од дејствувањето на пазарните законитости. Ова од причина што во случаите кога државата дејствувала како претприемач (трговец) во се имала еднаква положба на пазарот како останатите трговци.

Според тоа со оспорената одредба директно се повредувал принципот на еднаквост на субјектите на пазарот, се создавала монополска положба и се повредувала слободата на пазарот и претприемништвото.

Имено, слободата на пазарот и претпремништвото значеле слободен пристап на сите физички и правни лица кон вршење на трговската дејност, а Уставот во членот 55 став 3 предвидел во кои случаи истите можеле да бидат ограничени.

По однос на членот 11 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека со определбата ЈП ГА-МА Скопје, односно неговиот правен наследник да биде носител на лиценцата за пренос на природен гас и лиценцата за управување со системот за пренос на природен гас, се создавала можност правниот наследник на акционерското друштво основано од Владата на Република Македонија да се стекне со монополска положба на пазарот, со што се исклучувале другите трговски друштва од можноста да добијат лиценца за вршење на наведените дејности.

На овој начин се ограничувал слободниот пристап на трговските друштва кон вршењето на трговската дејност, што не било во согласност со член 55 став 1 од Уставот.

Инаку, од содржината на иницијативата и цитираниот текст на одредбата јасно произлегува дека оспорувањето се о днесува само на ставот 5 од членот 11 од Законот, а не по однос на целината на овој член.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика (“Служ бен весник на Република Македонија” бр.40/2005), членот 5 се менува и гласи:

“За вршење на дејности од членот 4 на овој закон, можат да се основаат јавни претпријатија, односно акционерски друштва (став 1). Според став 4 на истиот член, дејностите на пренос на електрична енергија од членот 4 точки 2, 5, 6 и 7 на овој закон и дејностите пренос на природен гас од членот 4 точки 9 и 10 на овој закон ги вршат јавни претпријатија, односно акционерски друштва основани од Владата на Република Македонија.”

Според член 11 став 5 од наведениот закон, ЈП ГА-МА Скопје, односно, неговиот правен наследник ќе биде носител на лиценца за пренос на природен гас и лиценца за управување со ситемот за пренос на природен гас.

Судот, исто така, утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 мај 2006 година го донесе Законот за енергетика кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006.

Во член 163 од Законот е предвидено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за енергетика „Службен весник на Република Македонија“ бр.47/1997, 40/1999,, 98/ 2000, 94/2002, 38/2003 и 40/2005).

Новиот закон влезе во сила на 31 мај 2006 година, што значи дека на овој датум престанал да важи претходно донесениот Законот за енергетика со сит е изменувања и дополнувања.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2005) престанале да важат на 31 мај 2006 година со влегувањето во сила на новодонесениот Закон за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006“), Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2005
7 јуни 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи