Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јуни 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Анекс Правилникот за измена и дополна на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места со опис и попис на ЈЗО Медицински центар „Борис Канчески“ Гостивар бр.01-675/1 од 31 мај 2004 година.
2. Александра Поповска од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Анекс Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата при донесување на оспорениот Анекс Правилник тогашниот директор на Медицинскиот центар „Борис Канчески“ Гостивар постапил спротивно на одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.10 од 15 март 2003 година), поточно на одредбите од членовите 200-а, 200-л, 200-м и 200-ч од овој закон. Имено, покрај забраната од Министерството за здравство поради трансформацијата и приватизацијата, Анекс Правилникот бил донесен без да директорот има законски овластувања за тоа и без да направи консултации со вработените во здравствената организација и синдикатот.
Со овој Анекс Правилник се повредувале некои уставни начела, како начелото на еднаквост на граѓаните во слободите и правата, правото на работа и достапноста на работното место под еднакви услови за сите, поточно членовите 9, 32 и други од Уставот.
Од иницијативата произлегува дека непосреден мотив и причина за оспорување на уставноста и законитоста на Анекс Правилникот е укинувањето на работното место на кое подносителката на иницијативата работела и нејзиното распоредување на друго работно место во друга работна единица, за што таа води и работен спор.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот Анекс Правилник всушност се вршат определени измени и дополнувања во однос на дотогашната внатрешна организација и систематизација на работните места во ЈЗО Медицински центар „Борис Канчески“ – Гостивар. Во рамките на овие изменувања и дополнувања е и членот 13 од Анекс Правилникот, со кој меѓу другото се врши и укинување на работното место биолог во диспанзерот за кожни заболувања, на кое работела подносителката на иницијативата.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на оспорениот Анекс Правилник, Судот утврди дека со него не се уредуваат права и обврски од работниот однос на работниците, туку се уредуваат прашања во врска со внатрешната организација и систематизација на работните места, односно прашања во врска со функционирањето на Медицинскиот центар „Борис Канчески„ Гостивар, заради извршување на работите за кои е основан.
Оттука, според Судот оспорениот Анекс Правилник не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку е интерен акт на јавната здравствена установа што го донела, а за чија согласност со Уставот и законите не е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.90/2006
7 јуни 2006 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи