Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 449 став 2 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/ 2001, 4/2002 и 5/2003).
2. Славко Анакијев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 449 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Имено, подносителот на иницијативата по цитирање на: оспорената одредба, член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 7, член 30 став 1, 2 и 3, член 55 од Уставот на Република Македонија, одредби од Законот за адвокатурата и член 1 став 2 од Тарифата за наградата и надоместокот на трошоците за работа на адвокатите, наведува дека оспорената одредба била излишна сама по себе.
Потоа, подносителот на иницијативата ги цитира ставот 1 и оспорениот став 2 од член 449 од Законот за облигационите односи и поставува прашање која би била обврската на продавачот спрема купувачот на спорното право, па макар бил адвокат, или некој друг налогопримач и која би била смислата и целта на договор во кој не би имало еднаква вредност на взаемните давања, како што утврдил членот 8 од Законот или би останале само о бврски на страна на купувачот на спорното право?
Врз основа на вака поставеното прашање, подносителот на иницијативата констатира дека оспорениот член се косел со член 8 од Законот за облигационите односи и се нарушувал принципот на диспозитивниот карактер на одредбите од наведениот закон.
Оттаму, одредбата особено била “безсмислена и неодржлива“ и со оглед на фактот што во денешни услови побарувањата од доверителите тешко се наплатувале.
Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не во согласност со наведените одредби од Уставот и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа и да ја поништи одредбата.
3. Судот на седницата утврди дека со став 1 од членот 449 од Законот за облигационите односи е предвидено дека спорно право може да биде предмет на договор за продажба, а со оспорениот став 2 на овој член од Законот е утврдено дека ништовен е договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата раб ота веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во конкретниот случај, во претходната постапка Судот утврди дека по повод иницијатива на Димитрија Атанасовски од Скопје, која содржела слични наводи како предметната иницијатива е донесено Решение У.бр.53/2003 од 30 април 2003 година, со кое не е поведена постапка за оценување на уставноста на член 449 став 2 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001, 4/2002 и 5/2003).
Според гледиштето на Судот, определбата на законската одредба за ништовност на договор за купување на спорно право, се однесува на адвокатите или други налогопримачи, во случај кога на истите им е доверено остварувањето на спорно право. Имено, својството и улогата на наведените лица при вршењето на адвокатската дејност и вршење то на правото, признато во правниот поредок, во рамките на нивната професија мора да се движи во нормирани рамки. Според Судот, нормирање од страна на законодавецот на конкретниот облигационен однос со оспорената законска одредба, на начин што не се дозволува продажба на спорно право и за таквата продажба се пропишува ништовност на договорот за купување, преставува директно ставање во функција на начелото на совесност и чесност пропишано во членот 5 од Законот, според кое во засновањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.
Имено, спорното право е она право за кое се води судски с пор или за кое постои оспорување на неговиот обем, или вистинитост и таквото право изразува спротиставени интереси на повеќе учесници во еден правен однос. Заинтересираните лица за решавање на спорното право можат да го доверат остварувањето на тоа право на адвокати или други налогопримачи. Доколку овластените лица на кои им е доверено остварувањето на спорното право излезат од рамките на вршењето на правната помош и со правна работа за себе земаат лично учество за работите внатре во односот на спорното право, преку договор за купување или во поделбата на износот досуден на нивниот налогодавец, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и постои можност од злоупотреба на правото.
Оттаму, Судот во постапката по предметот У.бр.53/2003 заклучил дека со оспорената законска одредба адвокатите и другите налогопримачи не се ставаат во нееднаква положба со останатите граѓани поради тоа што не им се дозволува купување на спорно право и со оспорената одредба не им се ограничува слободата на пазарот и претпри-емништвото. Ова особено поради тоа што токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на изнесената аргументација, Судот во постапката по предметот У.бр.53/2003 утврдил дека за оспорената одредба од Законот не може основано да се постави прашањето за соглас ност со членот 9 и членот 55 од Уставот.
Судот, исто така, со Решение У.бр.221/2004 од 26 јануари 2005 година ја отфлил иницијатива на Владимир Стефановски од Скопје, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, бидејќи оспорениот член веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија, по повод идентични наводи, а во конкретниот случај немало основи за поинакво одлучување.
Во иницијативите што беа предмет на оцена во постапката по предметите У.бр. 53/2003 и У.бр.221/2004, се бараше оцена на согласноста на оспорената одредба во однос на член 9 став 2 и член 55 од Уставот. Во иницијативата на Славко Анакијев од Кочани, се наведува дека одредбата се оспорува и по однос на член 8 став 1 алинеја 6 и 7, како и по однос на член 30 став 1, 2 и 3 од Уставот, меѓутоа конкретни наводи за несогласноста со овие одредби нема.
Оттаму, станува збор за работа за која Судот веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 37/2006
31 мај 2006 год.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова – Ристова