Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Решението бр.17-6025/1 од 2 декември 2002 година за разрешување од должноста претседател и членови на Управниот одбор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството-Битола, донесено од Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.94/2002).
2. Ставре Јанев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според подноситеот на иницијативата, Владата на Република Македонија со оспореното решение ги разрешила од должност претседателот и членовите на Управниот одбор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството-Битола, притоа повикувајќи се на член 5 од Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на замјоделството („Службен весник на Република Македонија„ бр.3/1998), според која одредба претседателот и членовите на Управниот одбор се именувале и разрешувале за период од четири години.
Со оглед на тоа што со оспореното решение се именувале претседател и членови на Управен одбор на означената Агенција пред да истече мандат от на претходно именуваните (решение на Владата на Република Македонија бр.17-6025/1 од 30 јули 2002 година) подносителот на иницијативата смета дека оспореното решение е незаконито.
Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспореното решение, а потоа и истото да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија врз основа на член 5 од Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на замјоделството („Службен весник на Република Македонија„ бр.3/1998), на седницата одржана на 2 деке-мври 2002 година, го донела оспореното решение за разрешување од должноста претседател и членови на Управниот одбор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството-Битола.
Во член 1 од Решението е определено дека од должноста претседател и членови на Управниот одбор на Агенијата за поттикнување на развојот на замјоделството-Битола, се разрешуваат претседателот и членовите на Управниот одбор.
Во член 2 од решението е определено дека истото влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
Решението е заведено под бр.17-6025/1 од 2 декември 2002 година и е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.94/2002.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниов случај оспореното решение нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истото не може да биде предмет на уставносудска оцена.
Имено, од содржината на оспореното решение произлегува дека со него се врши поименично разрешување од должност на претседател и членови на Управен одбор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството-Битола, од што произлегува дека по својата форма и содржина претставува поединечен акт и нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот. Со оспорениот акт не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, поради што не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 23/2006
31 мај 2006 год.
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова – Ристова