21/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА посктапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/2002 и 46/2004).

2. Миле Петровски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапката за оценување на уставноста на член 37 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2004-пречистен текст), а во суштина се работи за член 36 став 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијаативата со примената на оспорениот член се повредувало начелото на забрана на повратно дејство на законите предвидено во член 52 став 4 од Уставот.

Ова затоа што пред стапување во сила на Законот на многу лица за кои тој предвидел обврска да го пријават имотот, мандатот (подолго или пократко) веќе траел и за време на неговото траење до денот кога настапила примената на законот тие и членовите на нивните семејства веќе се стекнале со имот.

Со примената на одредбата од член 36 став 2 и испитување на имотот стекнат во траењето на тој период е овозможена нејзина ретроактивна примена.

Тоа ретрокативно испитување и проценка на вредноста на тој имот (стекнат од почетокот на мандатот до стапување во сила на законот) доведува до состојба на приклучување на таа вредност кон вредноста на имотот стекнат во периодот од стапување во сила на Законот до завршување на мандатот, по што, од така добиената вкупна вредност откако ќе се извадат вкупно остварените приходи се добива разлика која се зема како основ за задолжување со пеерсонален данок вовисина од 70%.

Состојбата од која се гледа дека е овозможено апсолутно спротивно постапување од она што е забрането со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија значи ретрокативна примена на законот со која граѓаните се ставаат во понеповолна состојба, што доведува до тоа да органите кои го применуваат законот во поведените постапки за испитување и имот (па дури и неговото потекло) стекнат пред настапување на обврската предвидена со нов – дотогаш непознат закон.

Дека тоа е така зборува и фактот што Управата за јавни приходи дека има започнато и завршено постапка за испитување на имотот и имотната состојба во која е извршена процена на имотот кој е стекнат пред стапување во сила на законот, постапките со кои фактички се влегува во односи кои се завршени пред стапување во сила на законот и односи кои не подлежат на испитување, постапки во кои е овозможено да се испитува и имот стекнат од 1945 до денот на стапување во сила на законот.

Оттука, подносителот на иницијативата заклучува дека во сите случаи кога односите за стекнување на определен имот завршиле пред стапување во сила на Законот, а биле основ тој имот да се евидентира како сопственост на лице (или негов близок роднина) за кое со законот настапила обврска да го пријави преку пополнување на анкетен лист тој имот не може да биде предмет во постапка за испитување на имотната состојба.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 36 став 1 од Законот за спречување на корупцијата е предвидено дека против избран или именуван функционер, како и друго службено и одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал може да се поведе постапка за испитување на имотот и имотната состојба ако лицето во анкетниот лист од член 33 на овој закон:

– не дало податоци;
– дало невистинити или непотполни податоци;
– или ако не пријавило промена на имотот, односно во пријавата од член 34 на овој закон дало невистинити и непотполни податоци.

Во оспорениот став 2 на овој член е уредено дека против лицата од ставот 1 на овој член постапка ќе се поведе иако се утврди дека неговиот имот или имотот на член на неговото семејство во текот на траењето на мандатот, односно вршењето на должност или траењето на вработувањето е несразмерно зголемен во однос на редовните примања во вид на плати, дивиденди и други приходи од вршење на дејност или имот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според став 3 на овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по искучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето.

Според став 4, пак, од наведениот член од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство освен по исклучок, во случај кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 68 од Уставот на Република Македонија, во рамките на надлежноста на Собранието едно од најзначајните надлежности на Собранието е донесување на закони во сите области на општествениот живот и уредување на тие односи.

Поаѓајќи од вака утврдената надлежност на Собранието како законодавно тело, а во насока на остварување на темелните вредности на уставниот поредок меѓу кои е владеење на правото и почитување на основните начела како што е начелото на еднаквост кои вредности и начела можат да бидат доведени во прашање со појавата на корупцијата како општествено зло донесен е Закон за спречување на корупцијата.

Со овој закон се утврдуваат мерки и активности за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања и активности за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес но правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања како и мерките и активностите за спречување на корупцијата во трговските друштва (член 1).

Со наведениот закон се создаваат услови од исклучување или ограничување на можноста од злоупотреба на службената положба на лицата за лични цели, односно општествениот статус што го има одредено лице во определен период да не претставува основа која ќе му овозможи уживање на разни погодности за себе или за други.

Или поточно речено со наведениот закон во основа се утврдени мерки и активности со кои превентивно треба да се спречи искористувањето на функцијата, односно вршењето на власта и доверените јавни овластувања. За реализирање на овие цели во членовите 33 и 34 од Законот е предвидена обврска за пријавување на имотната состојба на избран и именуван функционер, службени и одговорни лица како и обврска за пријавување на промени во имотната состојба на овие лица во текот на траење на мандатот и на членовите на нивните семејства.

Пријавувањето на имотната состојба се врши во рок од 30 дена од денот на изборот, именувањето односно по престанок на функцијата со пополнување на анкетните листови кои се доставуваат до Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за јавни приходи.

Доколку во текот на траењето на јавната функција настанало зголемување на неговиот имот или имотот на членовите на неговото семејство со кои живее во семејна заедница избраниот или именуваниот функционер – односно лицата утврдени со закон должни се да ги пријават промените.

Согласно член 35, пак, од Законот, анкетниот лист, изјавата и пријавата од членовите 33 и 34 се сметаат за службени исправи и се чуваат како службена тајна, освен ако Државната комисија не одлучи поинаку.

Во членот 73 од Законот е предвидено дека тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Од наведените одредби произлегува дека една од основните обврски на избран или именуван функционер, службено или одговорно лице што располага со државен капитал е обврската да го пријават својот имот и имотот на членовите на нивното семејство со кои живеат во семејна заедница со цел да се утврди имотната состојба на овие лица на денот на стапување на должноста и се овозможува нејзино следење до моментот на престанок на должноста.

Врз основа на така утврдената состојба односно, пресек на имотната сотојба можат понатаму да се извлекуваат релевантни сознанија по однос на тоа дали во текот на траењето, односно вршењето на должноста имотот на одредено лице несраазмерно е зголемен.

Доколку избраниот или именуваниот функционер и други лица таксативно утврдени во законот не постапат согласно законот, односно не ги почитуваат точно утврдените законски обврски Управата за јавни приходи може да поведе постапка за испитување на имотната состојба на овие лица со цел да се утврди дали постојат основи да се донесе решение за оданочување на имотот кој не е пријавен или несразмерно зголемен во однос на редовните примања во вид на плати, дивиденди и други приходи.

Доколку, пак, Управата за јавни приходи утврди дека имотот е зголемен во големи размери, поднесува кривична пријава до надлежното обвинителство за што ја известува Државната комисија за спречување на корупцијата.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи предвид дека корупцијата претставува закана за правната држава, односно поткопување на темелите на владеење на правото со Законот за спречување на корупцијата во целина и со оспорените одредби во правниот систем се востановуваат заштитни механизми од оваа појава.

Имено според мислењето на Судот со оспорените одредби не настапува повратно дејство на законот ниту пак, се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните имајќи предвид фактот што избраните или именувани лица имале законска обврска да го пријават својот имот, како и да ги пријават промените на имотната состојба кој имот согласно законот е предмет на оданочување, по влегување во сила на законот.

Имајќи ја предвид одредбата од член 52 од Уставот, член 73 од Законот за спречување на корупцијата, според кој законот влегол во сила осмиот ден од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“ како и содржината на оспоренииот член 36 став 1 и 2 од наведениот закон, произлегува дека обврската за пријавување на имотната состојба и промените во имотната состојба на лицата предвидени во законот настапува по влегување во сила на законот, односно тоа не се однесува на случаи пред влегување во сила на законот, или поточно речено оспорената одредба се однесува, односно ги опфаќа лицата кои во моментот на влегување во сила на законот тие вршеле или продолжиле да вршат определена функција или должност.

Дали законот, односно оспорената одредба во практиката како што наведува подносителот на иницијативата се протега наназад и ги опфаќа и лицата чии мандат или должност бил во тек или престанал пред влегување во сила на законот е фактичко прашање за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

5. Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 36 став 1 и 2 од Законот со член 52 став 4 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2006
31 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова