25/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 180 став 7 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005 и 101/2005).

2. Елизабета Баковска, Арлинда Идризи, Слободанка Матакова Лакинска, Верица Андреевска и Јулијана Анчевска, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба било предвидено основицата за пресметување и плаќање на придонесот од плата, односно основицата на осигурување не може да биде повисока од три просечни плати по работник во Републиката објавена во тековниот месец. Со ваквата законска определба вработените кои имале примања поголеми од три просечни плати биле ставени во нерамноправна положба, во однос на останатите вработени, бидејќи им било ограничено правото да плаќаат придонес за пензиско и инвалидско осигурување врз основа на своите реални приходи. Тоа значи, овие работници биле во иднина лишени и од нивното право на пензиски надоместок кој ќе соодветствувал на реалните приходи кои ги остварувале за време на својот работен век. Од овие причини, оспорената законска одредба била во несогласност со повеќе одредби од Уставот и тоа со членот 8 алинеи 1, 6 и 8, според кои темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, правната заштита на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; потоа со членот 9 став 1 кој се однесува на еднаквоста на граѓаните во слободите и правата; со членот 30 кој се однесува на гаранцијата на правото на сопственост кое никому не може да му биде одземено или ограничено освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон; и со членот 51 според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека членот 180 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005 и 101/2005) содржи одредби според кои:

“Основица за пресметување и плаќање на придоне­сот за пензиско и инвалидско осигурување, како и за стажот на осигурување кој се смета со зголемено трае­ње, претставува бруто платата, во која се содржани придонесите и даноците што се плаќаат од платата.
Основица за пресметување и плаќање на придоне­сите за пензиското и инвалидското осигурување за физичките лица што вршат дејност, претставува просечната нето плата по работник, утврдена на ниво на одделот за дејноста која ја врши, согласно со националната класификација на дејности.
Физичките лица што вршат дејност по нивно барање придонесот можат да го плаќаат и на повисока основица од основицата определена во ставот 2 на овој член.
За работниците кои се упатени на работа во странс­тво од работодавците, како основица за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, се зема просечната плата на работникот остварена во годината пред упатување на работа во странство, усогласена за просечен месечен пораст на платите кај работодавецот кој го упатил на работа во странство.
Основица за пресметување и плаќање на придонес за пензиското и инвалидското осигурување за време на привремена спреченост за работа претставува основи­цата од која е пресметан надоместокот .
Основица за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за неврабо­тените лица, претставува основицата од која е утврден паричниот надоместок во случај на невработеност, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Републиката, објавена за последникот месец.
Основица за пресметување и плаќање на придоне­сот за пензиско и инвалидско осигурување за скратено работно време поради нега на потешко хендикепиранодете што го исплатува надлежен орган претставува ос­новицата од која е пресметан надоместокот.
Основица за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за осигуре­ник кој користи право на паричен надоместок врз основа на намалена, односно преостаната работна способност, претставува основицата од која е определен надоместокот.
На осигурениците кои не се опфатени со ставовите од 1 до 8 на овој член, придонесот за пензиско и инва­лидско осигурување ги утврдува Фондот со акт.
Основицата за пресметување и плаќање на придонесот, односно основицата на осигурување, не може да биде пониска од 65% од просечната нето плата по работник во Републиката објавена во тековниот месец.
Основици за пресметување и плаќање на придонес за пензиско и инвалидско осигурување на индивидуал­ните земјоделци, претставуваат основици на осигурување. Основиците на осигурување се определуваат според висината на катастарскиот приход од земјоделска дејност.
Индивидуалниот земјоделец, по негово барање, мо­же да биде распореден во повисока основица на осигу­рување од онаа во која би бил распореден според висината на катастарскиот приход.
Основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување на инди­видуалните земјоделци, не може да биде помала од 30% од просечната плата остварена во Републиката во претходната година.
Основиците на осигурување од ставот 13 на овој член на почетокот на годината се усогласуваат со пла­нираниот пораст на платите согласно со макроеконом­ската политика за тековната година.
Фондот со акт ги определува основиците на осигурување за индивидуалните земјоделци.”

Цитираните одредби од овој член се влезени во сила со Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2003).

Со иницијативата се оспорува одредба од членот 180 од Законот која не е во правниот поредок и која била предвидена пред измената на овој член.

4. Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2003) е изменет членот 180 од Законот и со тоа во правниот поредок престанала да постои одредбата која со иницијативата се оспорува, Судот оцени дека постојат процесни претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.25/2006
31 мај 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова