Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 и член 34 алинеја 1 и 4 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998, 48/2000, 39/2003, 96/2004 и 120/2005) и
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 10/1999).
3. Сашо Талевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 и 2 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, согласно позитивните законски прописи во Република Македонија, Владата на Република Македонија не можела да биде овластена истовремено да го уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија и да одлучува за давање под закуп на овие станови. Прашањата кои се однесуваат на начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија можеле да се уредат само со закон, а не и со уредба или друг подзаконски акт со кој може само да се доразработат и допрецизираат одделни законски одредби, а во функција на нивно спроведување, односно извршување.
Според тоа, ваквото овластување на Владата утврдено во оспорената одредба од Законот за домување не било во согласност со нејзината позиција како носител на извршната власт, поради што членот 33 од Законот за домување не бил во согласност со одредбите на членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 88 и членот 91 алинеја 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.
Според подносителот на иницијативата, и Уредбата за начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови сопственост на Република Македонија не била во согласност со наведените уставни одредби. Посебно биле спорни одредбите на член 3 и 11 став 3 од оспорената уредба, со кои се врши толкување кои лица се сметаат за носители на избрани и именувани за вршење на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон и што се смета под опремени станови, со што се повредувал членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија. Освен тоа, согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдуваат со закон и со колективни договори, а не со уредба или друг подзаконски акт, како во конкретниов случај.
Понатаму во иницијативата се наведува дека согласно оспорената законска одредба на член 34 алинеја 1 и 4 од Законот за домување, според која станови под закуп можат да добијат само носители избрани и именувани за вршење на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон, како и вработените во државните органи кои вршат посебни должности неопходни за остварување на основната функција на органот, законодавецот правел разлика меѓу вработените во државните органи, помеѓу оние што вршат јавни и други функции и кои вршат посебни должности, и помеѓу останатите вработени кои не се функционери или не вршат посебни должности, со што однапред им се одземало правото на закуп на станови во сопственост на Република Македонија на определена група граѓани, а се повластувала друга група граѓани. Со наведената одредба се повредувал Уставот на Република Македонија и во однос на останатите нејзини граѓани, односно се повредувала одредбата на членот 8 став 1 алинеја 3 – владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, како и се создавале услови за класичен пример на дискриминација спротивно на одредбите од член 9 од Уставот, според кој граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
4. Судот на седницата утврди дека според член 33 од Законот за домување, Владата на Република Македонија го уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови, сопственост на Република Македонија.
Согласно член 34 од истиот закон, Владата на Република Македонија одлучува за давање под закуп станови во сопственост на Република Македонија на:
– носители избрани и именувани за вршење на јавни и други функции утврдени со Уставот и закон;
– социјално загрозени лица-станбено необезбедени, согласно Законот за социјална заштита;
– лица од подрачја прогласени за погодени од природни непогоди и епидемии и
– вработени во државните органи кои вршат посебни должности неопходни за остварување на основната функција на органот.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите, а според алинеја 5 донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Односите во домувањето, начинот и условите за давање на станови под закуп, правата и обврските на сопствениците и корисниците на становите и одржувањето на станбените згради, се уредуваат со Законот за домување.
Во членот 2 од овој закон е определено значењето на одделни поими употребени во законот. Имено, стан е вкупноста на просториите наменети за домување што сочинуваат функционална градежна целина и имаат одделен влез. Помошни станбени простории се простории што припаѓаат на станот (подруми, гаражи) и други помошни простории и се наоѓаат во или надвор од станбената зграда во која се наоѓа станот. Заеднички простории во станбена зграда се скали, ходници, тавани, пералници, сушалници, заеднички подруми, засолништа, простории за домарска служба, простории за куќен совет, простории за отпадоци и други простории кои служат за зградата како целина.
Во членот 5 од истиот закон се утврдува дека станбената зграда и становите се користат врз основа на право на сопственост и со право на закуп на стан.
Согласно член 7 од овој закон, даватели на стан под закуп можат да бидат домашни и странски правни и физички лица, Република Македонија, општината и градот Скопје. Согласно член 8 од истиот закон, закупец на стан за домување може да биде домашно и странско физичко лице, и домашно и странско правно лице за домување на физичко лице.
Според член 9 од истиот закон, на закупничките односи утврдени со овој закон се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и Законот за сопственост и други стварни права, доколку со овој закон не е поинаку определено.
Во посебна глава III од Законот, законодавецот посебно ги уредил односите за станбените згради и становите во сопственост на Републиката. При тоа, во член 28 од овој закон е утврдено дека планирање и обезбедување на средства за изградба и одржување на станови во сопственост на Република Македонија се врши со годишна програма што ја донесува Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за транспорт и врски, а во член 29 се утврдува содржината на оваа програма.
Со член 30 од Законот се утврдува дека од вкупните финансиски средства за изградба и одржување на станбените згради и станови најмалку 25% се наменуваат за социјално загрозени лица – станбено необезбедени, согласно со Законот за социјалната заштита.
Со членот 31 од Законот се утврдува изворот на средствата за изградба и одржување на станбените згради и станови во сопственост на Република Македонија (од продажба на становите, закупнината и други средства од Буџетот на Република Македонија, од донации, фондации, кредити и друго).
Со член 32 од Законот се утврдува дека Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор е надлежно за реализација на годишната програма за планирање и обезбедување на средства за изградба и одржување на станови во сопственост на Република Македонија, а министерот за транспорт и врски поднесува годишен извештај до Владата за реализација на оваа програма.
Во член 33 од овој закон е утврдено дека Владата на Република Македонија ги уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Републиката, а во член 34 е утврдено дека Владата на Република Македонија одлучува за давање под закуп станови во сопственост на Република Македонија и се утврдува кругот на можните корисници.
Според член 35 од овој закон, договорот за закуп во име на Република Македонија го склучува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија и тоа најдоцна во рок од 15 дена по добивањето на одлуката за давање на стан под закуп. Според член 36 од истиот закон, средствата од продажбата и закупнината собрани од становите во сопственост на Република Македонија, се уплатуваат во Буџетот на Република Македонија.
6. Од анализата на наведените одредби на Законот за домување произлегува дека Република Македонија се јавува како сопственик на станбени згради и станови кои има право да ги дава под закуп на определени лица утврдени во самиот закон. За давањето под закуп на конкретен стан одлучува Владата на Република Македонија, а договорот за закуп во име на Република Македонија го склучува Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.
Според Судот, со тоа што со Законот за домување јасно се определува дека Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт, одлучува за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија, се определуваат корисниците на становите и се утврдува органот надлежен за склучување на договорот за закуп во име на Република Македонија, законодавецот ги утврдил законскиот основ, условите и начинот на остварување на правото на користење на станови во сопственост на Република Македонија.
Судот оцени дека овластувањето на Владата на Република Македонија утврдено во член 33 од овој закон, да ги уредува начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Републиката, е во функција на доразработка и допрецизирање на наведените законски одредби, заради нивна операционализација, што е во согласност со членот 91 алинеја 1 и 5 од Уставот.
Имено, видно од содржината на Уредбата за начинот, условите и постапката за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија донесена врз основа на наведеното законско овластување, прашањата кои се уредуваат со Уредбата по својот карактер не претставуваат законска материја, туку само доразработка и прецизирање на законските одредби за користење на станови во сопственост на Република Македонија. Така, Судот утврди дека со Уредбата се прецизираат лицата кои се сметаат за избрани, именувани и назначени за вршење на јавни функции утврдени со Уставот и закон, што е во функција на операционализација на одредбата од член 34 алинеја 1 од Законот; се пропишува дека за остварување на правото на користење под закуп на стан во сопственост на Република Македонија се поднесува барање до Комисијата за станбени прашања на Владата на Република Македонија; се определува содржината на барањето во зависност од категоријата на корисникот на станот; се утврдува содржината на писменото решение кое се издава за користење на станот; се утврдува содржината на договорот за закуп и рокот за неговото склучување; се утврдува дека при вселување односно враќање на станот од закупецот се составува записник за примопредавање на станот во кој се внесуваат податоци за состојбата во која се наоѓа станот и опремата во станот. Исто така со Уредбата се определува дека опремени станови (гарсониери и еднособни станови) се издаваат под закуп само на лица избрани, именувани и назначени за вршење на јавни функции, се утврдува дека опремувањето на станот го врши републичкиот орган со кој лицето има засновано работен однос, како и се утврдуваат условите за менување на амортизираната и неупотреблива опрема.
Оттука, според Судот, наведеното овластување на Владата е во рамките на нејзината позиција како носител на извршната власт да донесува уредби и други прописи за извршување на законите и не навлегува во законодавната власт, поради што со членот 33 од Законот не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото и поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска утврдени со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот на Република Македонија.
Судот оцени дека определбата искажана во членот 34 алинеја 1 и 4 од Законот, според која стан под закуп, сопственост на Република Македонија можат да добијат лица избрани, именувани и назначени за вршење на јавни функции утврдени со Уставот и закон, како и вработени во државните органи кои вршат посебни должности неопходни за остварување на основната функција на органот, а не и сите други вработени во државните органи, е право на Собранието на Република Македонија кое произлегува од природата на неговата уставна положба и функции утврдени во членот 68 од Уставот.
Вака утврдената категоризација на субјектите кои имаат можност за стекнување на определено право – како што е правото на користење под закуп на стан во сопственост на Република Македонија, произлегува од карактерот на функцијата која тие ја извршуваат за потребите на граѓаните и Републиката и трае само за периодот додека ја обавуваат таа функција. Поради тоа со ваквата определба не се врши дискриминација на една група граѓани во однос на другите граѓани и не може да се постави прашањето дека со одредбата се повредуваат уставниот принцип на владеење на правото и еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба утврдени со член 8 став 1 алинеја 3 и 9 на Уставот.
Судот, исто така, оцени дека е право на законодавецот кое произлегува од член 68 од Уставот, да определи кој орган е надлежен да одлучува за давање под закуп на стан во сопственост на Република Македонија. Во таа смисла е и определбата утврдена во член 34 од Законот, Владата, како носител на извршната власт, да одлучува за давање под закуп на станови во сопственост на Република Македонија. Фактот што законодавецот ја овластил Владата да го уреди начинот, условите и постапката за давање под закуп на становите во сопственост на Република Македонија, според Судот нема ограничувачко влијание за определување на Владата да одлучува за давањето под закуп на конкретен стан во сопственост на Република Македонија. Напротив, и двете овластувања се во рамките на овластувањата на Владата да ја утврдува политиката на извршување на законите согласно член 91 од Уставот на Република Македонија, особено кога се има предвид значењето на прашањето во врска со регулирањето на сопственоста на државата на станбени згради и станови и условите и начинот на нивното користење.
Врз основа на наведеното, имајќи предвид дека користењето под закуп на стан во сопственост на Република Македонија е право утврдено со Законот за домување, а со Уредбата се врши само доразработување на законските одредби во функција на нивна операционализација, Судот утврди дека не се основани ниту наводите во иницијативата дека со Уредбата се повредува членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, според кој Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите. Од истите причини Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со Уредбата, наместо со закон и колективен договор, се уредуваат прашања поврзани со остварување на правата на вработените и нивната положба, спротивно на член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.180/2005
24 мај 2006 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд наРепублика Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова