У.бр.177/2005-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ членовите 11 став 3 и 14 став 3 точка 2 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Маке­донија” бр.28/2004 и 84/2005).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод под­несена иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр. 177/2005 од 15 март 2006 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за трговските друштва, означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави праша­њето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 11 став 1 од Законот за трговските друштва, физичките лица кои во согласност со овој закон, во вид на занимање, вршат трговска дејност од мал обем се регистрираат кај надлежниот орган на локалната само­управа.

Според оспорениот став 3 на членот 11 од Законот, дејностите од мал обем и начинот на регистрација ги уредува Владата на Република Македонија.

Според член 14 став 2 од Законот, пријава за упис на трговец-поединец во трговскиот регистар поднесува физичкото лице, кое бара да биде запишано како трговец-поединец или негов полномошник со посебно полномошно во кое се наведуваат податоците што се запи­шуваат во трговскиот регистар.

Во ставот 3 од истиот член на Законот се определуваат доказите што се приложуваат за упис во трговскиот регистар.

Меѓу другото, со оспорената точка 2 на ставот 3 од членот 14 од Законот е предвидено дека кон пријавата се приложува и изјава од физичкото лице дека не му е изречена забрана да врши некоја од дејностите определени со овој закон.

5. Според член 8 став 1 али­неја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законо­дав­на, извршна и судска се темелни вред­ности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 61 став 1 од Уставот, Собранието на Република Македонија е преставнички орган на граѓаните и носител на зако­нодавната власт на Републиката.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толку­вање на законите.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Вла­дата ги врши врз основа на Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 2 од Законот за Владата на Република Маке­донија (“Службен весник на Република Македонија” 59/2000, 12/2003 и 55/2005), Владата на Република Македонија како носител на извршната власт е орган на Република Македонија кој работите од својата надлежност ги врши самостојно, во рамките на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, а врз основа на принципите на транспарентност, ефикасност и заштита на човековите слободи и права.

Во член 8 од наведениот закон се утврдени надлежностите на Владата, а во член 35, пак, е утврдено дека за извршување на законите Владата донесува уредби, одлуки, упатства, програми, решнија и заклучоци.

Во член 36 точка 2 од Законот е предвидено дека со уредба Владата го уредува извршувањето на законите, утврдува начела на внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите.

6. Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Владата на Република Македонија, во системот на организацијата на државната власт, заснована врз принципот на поделбата на власта, е дефинирана како носител на извршната власт и како таква таа е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на извр­шувањето на законите и другите прописи на Собранието, во донесу-вањето на прописи за извршување на законите и во вршење на дру­гите работи, што ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Врз основа на таквата поставеност, Владата на Република Македонија, согласно член 11 став 3 од Законот ја донесе Уредбата за трговските дејности од мал обем и начинот на нивната регистрација (“Службен весник на Република Македонија” бр.64/2005).

Во член 2 од Уредбата е определено дека дејности од мал обем се оние дејности кои ги вршат физичките лица во вид на зани­мање (во натамошниот текст: вршители на дејност од мал обем) за кои не е задолжително да се вршат во простории или на друг вообичаен начин на којшто ги вршат трговските дејности трговците поединци и трговските друштва, туку се вршат на определени локации или во дви­жење.

Понатаму во ставовите 2 и 3 од истиот член на Уредбата децидно се набројуваат видови на дејност од мал обем.

Тргнувајќи од содржината на членот 11 од Законот, вклучувајќи го и оспорениот став 3, Судот оцени дека со наведените членови се определува статусот на физичкото лице кое во вид на занимање врши трговска дејност од мал обем, при што критериумите за определување на тој статус не се уредуваат со законски одредби, како што тоа е направено за останатите форми на вршење на трговска дејност, туку е оставено тој статус да се уреди од страна на Владата на Република Македонија.

Според тоа, Судот оцени дека законската рамка од членот 11 став 1 и 3 од Законот, не е доволно јасна за да би можело врз осно­ва на неа Владата како носител на извршната власт во реализација на законската одредба да разработува одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, бидејќи во неа недоста­суваат дополнителни параметри според кои со сигурност би се утврдиле критериумите за статусот на лицата кои во вид на занимање вршат трговска дејност од мал обем.

Напротив, дури откако ќе се стават во релација член 11 став 1 од Законот со член 2 од Уредбата се добива појасна рамка на она што би преставувало трговска дејност од мал обем, или од двете одредби произлегува дека трговска дејност од мал обем е дејност што во вид на занимање ја врши физичко лице за која не е задолжително да се врши во простории или на друг вообичаен начин на којшто ги вршат трговските дејности трговците-поединци и трговските друштва, туку се врши на определени локации или во движење.

Оттаму, произлегува дека критериумите за дефинирање на дејноста од мал обем, а со тоа и за статусот на лицата што ги вршат тие дејности, се утврдени од Вла­дата на Република Македонија, а не со закон.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 11 став 3 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот.

7. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.

Според член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава. Лицето има право на бранител во полициската и судската пос­тапка.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.

Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 33 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004 и 81/2005), забраната за вршење професија, дејност или должност е предвидена како вид на казна.

Според член 106 став 5 од истиот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за нивната осудуваност или неосудуваност.

8. Тргнувајќи од содржината на член 11 став 1 и член 25 од Уставот, Судот оцени дека истите ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човечката личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Човечкото достоинство, во таа смисла, не е само едно од субјективните човекови права што изречно се препознава во член 25 од Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата која треба да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапка на регистрација можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со која се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудуваност е јасен израз на овој втор аспект на заштита на човековото достоинство, како што тоа е општо прифатениот принцип на забрана за самообвинување на осомниче­ниот во казненото право, кој што е изграден подеднакво врз презумпцијата на невиност и заштитата на достоинството на поединецот.

Во конкретниот случај, барањето изјава од физичкото лице за околноста дали му е изречена забрана за вршење на дејност, неиз­бежно се сведува на барање изјава за неговата осудуваност или неосудуваност, со оглед на тоа што забраната за вршење на дејност е спо­редна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда. Иако оваа изјава не се бара во кривичноправен контекст, односно нема самообвинувачки квалитет, обврската за нејзино соопштување има ефект врз однесувањето на поединецот, што е проблематично како од аспект на заштита на човековото достоинство, така и од аспект на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, било доказ за неосудуваност.

Притоа, за Судот не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со една осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност се додека таа забрана трае. Меѓутоа, утврдувањето на тој факт за едно физичко лице не може да биде обврска на поединецот кој е во прашање, туку на надлежниот орган што одлучува за регистрацијата на трговецот-поединец и којшто за утврдување на таа законска обврска ја има на располагање службената казнена евиденција, како инструмент за правилно применување на законот.

Ова особено ако се има предвид дека според член 106 став 4 од Кривичниот законик на Централниот регистар на Репуб­лика Македонија (член 14 став 1 од Законот за трговските друштва), можат да му се дадат податоци од казнената евиденција на образложено барање, ако уште траат определени правни последици од осудата, или казни што се состојат во забрани секогаш кога за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека член 14 став 3 точка 2 од Законот не е во согласност со член 11 и член 25 став 1 од Уставот.

9. Врз основа на изнесеното Судот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

10. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова – Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 177/2005
24 мај 2006 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова – Ристова