78/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 мај 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката за разрешување, избор и именување на членови на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 117/2005).

2. Адвокатот Јорданка Мицкова од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорената одлука повеќе од 1/4 од единаесетчлениот состав на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија (во натамошниот текст: МРТ) бил променет на незаконит начин.

Имено, член 134 став 2 од новиот Закон за радиодифузна дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр. 100/2005) предвидувал дека членовите на Управниот одбор на МРТ ги избира Советот на МРТ врз основа на претходно спроведена постапка на јавен конкурс. Законот влегол во сила на 29 ноември 2005 година и секоја промена во составот на Управниот одбор на МРТ можела единствено и законито да се спроведе според одредбите на овој закон.

Меѓутоа, оспорената одлука била донесена на 27 декември 2005 година, од страна на Собранието на Република Македонија, а врз основа на член 13 од Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радио-телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 6/1998, 98/2000 и 78/2004) кој Закон престанал да важи со денот на влегувањето во сила на Законот за радиодифузна дејност, со што престанал да постои и законскиот основ за донесување на Одлуката.

Управниот одбор на МРТ во вака променетиот состав на седницата одржана на 10 април 2006 година донел Правилник за измени и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места, бр. 01-1853/5 од 14 април 2006 година, со кој спротивно на член 142 од Законот за радиодифузна дејност била извршена промена во организацијата на МРТ, без притоа да се донесе нов статут на МРТ.

Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја укине оспорената одлука како незаконита, односно спротивна на членот 134 став 2 од Законот за радиодифузна дејност.

Истовремено, поради можноста од преземање на натамошни незаконити дејствија од страна на Управниот одбор на МРТ, како и можноста со примената на незаконито донесениот правилник да се направат и други поединечни повреди на правата на работниците во МРТ, подносителот на иницијативата предлага, Уставниот суд, согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до конечното одлучување, да забрани учество на новоизбраните членови во работата на Управниот одбор на МРТ и да ја забрани примената на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за изменување на Одлуката за разрешување, избор и именување на членови на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија, донесена од Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 117/2005) во својата содржина има две точки.

Според точката I, во Одлуката за разрешување, избор и именување на членови на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 89/2002), под II. за членови, во точката 1 наместо ” д-р Ѓорѓе Иванов, професор на Правниот факултет во Скопје” треба да стои “д-р Горан Коевски, професор на Правниот факултет во Скопје” и во точката 2 наместо “Дарко Марковиќ, приватник на сопствено студио” треба да стои “Славе Младеновски, менаџер за надворешна комуникација, вработен во Македонски телекомуникации”.

Под III. за членови, во точката 4 наместо “Вера Жбајнова, раководител на Одделение за правни работи” треба да стои “Бранислава Јаневска, новинар во Секторот за играна програма на Македонската телевизија”.

Според точката II., оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука има карактер на поединечен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што оцени дека истата не може да биде предмет на уставносудска оцена.

Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши поименично разрешување на претходно именувани и именување на нови членови на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија, од што произлегува дека одлуката, по својата форма и содржина претставува поединечен акт со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, поради што не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата.

Со оглед дека Одлуката нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот утврди дека не постојат услови за донесување решение за забрана за учество на новоизбраните членови во работата на Управниот одбор на МРТ, како и забрана за примена на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за организација и систематизација на работните места.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.78/2006
24 мај 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова